Македонка со руска душа

Сцена од филмот Бал-кан-кан. Извор: kinopoisk.ru

Сцена од филмот Бал-кан-кан. Извор: kinopoisk.ru

Нејзината неординарна надворешност, очите исполнети со уметничка чистота и постојаниот младешки занес ја прават Звезда Ангеловска една од најмаркантните актерки на македонското глумиште. Нејзиниот неoспорен талент, и како актерка и како режисер, со години наназад се крепи врз руската театарска школа, на која оваа македонска актерка ѝ верува и како професионалец, и како научник, и како личност. Во ова ексклузивно интервју таа зборува за своите санктпетербуршки „странствувања“, за слободата на сопствениот дух и за неодминливата „руска душа“.

Какви се вашите први искуства со Русија? Што е она што ви помогна да влезете во рускиот „штос“ кога првпат заминавте за Санкт Петербург?

Моите први спомени од Русија, или првите слики што ги паметам, се поврзани токму со градот Санкт Петербург. Сметам дека овој град речиси за секој странец што доаѓа од друга културна средина, но, исто така, и за другите граѓани на РФ, плени уште од самиот прв впечаток. Сакам да кажам дека ја имав привилегијата да ја запознаам Русија токму преку овој град, не сакајќи да бидам претенциозна и да не кажам дека во оваа голема земја сигурно постојат уште многу градови и центри што безмалку го заслужуваат своето внимание. И колку и да знаете за историјата на овој град пред да го видите првпат (како е создаден или како му се менувало името во различни периоди), тој најпрво мене ме фасцинира со своето срце и душа што ги има во него. Мислам дека тоа срце пулсира со еден умерен и достоинствен ритам на живеење, кој е истовремено неуморен, а можеби и ретко жилав, зашто, сепак, да не заборавиме дека ова е северната престолнина на Русија, каде што и Хитлер ја загуби, својата битка во Втората светска војна токму на ова место.

Не знам што беше она што ми помогна да влезам во рускиот штос за да ја издржам првата зима

Всушност, сакам да кажам дека ако немате барем дел во себе сличен на овие карактеристики што ги споменав за градот, тешко дека ќе можете да живеете таму, освен да го посетите само како турист и да бидете презадоволни од неговата преубава архитектура, која ја сочинуваат музеите, црквите, спомениците, а најмногу небото со белите ноќи во лето.

Кога заминав првпат, јазикот го познавав, но не сосем доволно и заедничкото меѓу мене и рускиот дух (ако можам така да кажам) можеби беше страста по уметноста или нејзиното воспевање, безрезервната фасцинација дури и од најмалиот културен настан, предноста на духовниот, а не на материјалниот свет, натпреварувањето со самите себеси, големите амплитуди на емоционалните расположенија...

И навистина не знам што беше она што ми помогна да влезам во рускиот штос за да ја издржам првата зима во далечната 2006 година, кога температурата беше 25 и повеќе степени Целзиусови под нулата (тоа беше една од најстудените зими кои Петербург одамна не ги имал), кога трепките ми побелуваа штом ќе излезев на улица, кога чувствував дека крвта ми е жешка, а кожата речиси замрзната и сепак функционирав најнормално и не се самосожалував како што мислам дека би го сторил тоа секој втор граѓанин што доаѓа од Медитеранот, а уште повеќе, пак, Балканец од каде што потекнувам јас.

И кога ќе ја слушнете онаа руска реченица од вашите пријатели, на кои не им е ништо подобро од вас, велејќи „Всё будет хорошо!“ (Сѐ ќе биде добро!), сфаќате дека животот и воопшто не би бил интересен, ако некогаш не сте си ја измериле сопствената сила и издржливост, а не туѓата, како што најчесто прават луѓето, живеејќи пасивно. Јадењето сладолед на зима, а пиењето топол чај и налето, безмерниот ентузијазам, потоа егзалтираноста и депресијата, се нешта што морате да ги привикнете, a тоа за еден уметник со авантуристички дух е голема провокација, зашто така ја изучувате најголемата животна школа.

Какви се вашите искуства со театарската академија во Санкт Петербург? Што е она по што се разликуваат нашите театарски школи?

Во руската школа тешко продира западното влијание во смисла на брзите концепти и затоа морате да имате посебна причина, зашто таму долготрајно се изучува секој посебен метод или принцип

Државната театарска академија во Санкт Петербург во 2005-2006 година го славеше својот јубилеј 250 години постоење од првата театарска школа. Најпрво, самата зграда  на улицата Моховаја, каде што во салите за сценски движења и танци некогаш навистина се играле балови од некое друго време, говори многу. Традицијата е нешто што не се стекнува преку ноќ, а и  нејзиното одржување е битен фактор за културата и за уметноста. Нашите театарски школи, а ако говориме за македонската (сепак, таа е една и единствена, која спаѓа во државните), се формирала официјално дури по Втората светска војна поради сложените општествено-политички околности. Како и да е, во мојата споредбена анализа во магистерскиот труд на академијата и заклучоците произлезени оттаму, важно  (најмногу за мене) е тоа дека ние имаме некаква претстава за руската школа, особено во нејзиното рангирање на рускиот реализам, на многу површно рамниште, а, истовремено, делумно се сметаме и за следбеници, имено, на таа школа. Потоа, во руската школа тешко продира западното влијание во смисла на брзите концепти и затоа морате да имате посебна причина, зашто таму долготрајно се изучува секој посебен метод или принцип, а да не говорам за тоа дека педагогијата е развиена во сите сегменти од оваа област. Велам долготрајно, зашто тоа секако е набљудувано од моја страна, оти, пак, за нив е речиси нејасен краткотрајниот наш процес, кој секогаш е подложен и отворен за промени.

Вашата научна дејност се фокусира на македонскиот театар, но, претпоставувам, од руска гледна точка. Кои се сознанијата што ги стекнавте, а кои се интересни за нашите читатели?

Грубо речено, јас никогаш не можам да бидам специјалист по руски или по каков било друг театар, туку можам само да ги споредувам другите театри или да ги анализирам корените на нашиот театар, вклучувајќи ги влијанијата, итн... Сакам да кажам дека поимот „театар“ е секаде присутен и дека секоја култура си има свој театарски идентитет. Мислам дека корисноста од научната дејност (ако воопшто таа може да биде некогаш корисна) е да продрете подлабоко и во сопствената култура/идентитет, но и во другата, за да ги извлечете полезните страни и од двете, да ги воочите разликите не само на интуитивно рамниште, а уште повеќе да го освестите сопствениот идентитет, но од една поинаква дистанција. За читателите е можеби интересен фактот дека ние многу подиректно ги чувствуваме корените на античкиот театар, за кој театралозите велат дека рускиот режисер Меерхољд со својата биомеханика, имено, влече корени токму од овој тип театар. Или дека рускиот театар е, пак, поблизок до психолошкиот реализам, но тоа е повторно поради поднебјето, затоа што една позната изрека вели; „Какво поднебје - таков театар“.

Вашиот престој во Руската Федерација секако ви донесе и определени ангажмани. Каква е соработката со руските колеги?

Руската душа може само да ве плени и да продре длабоко во вас

Со оглед на тоа што играв и режирав претстави таму, моето искуство таму и овде е различно во однос на дисциплината, професионализмот и работоспособноста. Можеби некому ќе му звучи зачудувачки, но таму руските колеги поминуваат многу повеќе временски часови на работното место, зашто, пред сѐ, претпочитаат и духовно и ментално да се развиваат и кога веќе имаат зад себе кариери, потоа имаат силно изразено чувство на хуманост во колективот, кој е многу неопходен во театарот. Кога соработувате со руски колега не можете да бидете губитник, зашто едноставно неговиот вроден натпреварувачки дух и фанатичната вљубеност во професијата ќе ве повлечат и вас и ќе престанете да бидете задоволни од првичните резултати на успехот. Но, најмногу од сѐ, кај нив го почитувам умеењето да разговараат, сериозно да ѝ пристапат на одредена проблематика, емоционално слободно да се отворат и да се изразат себеси... Тоа во мојата професија е можеби најбитно, а сметам дека кај нас сме сѐ уште многу затворени, тешко се изразуваме особено каде што треба и имам чувство дека повеќе ја глумиме емоционалната слобода, отколку што вистински ја чувствуваме. Но, и за тоа секако има причина, која е поврзана, чинам, и со нашата не толку едноставна историја.

Што е со професионализмот? Постои ли во овој поглед некаква разлика?

Не можам да кажам дека не постои и овде професионализам, но разликата е само во селекцијата, т.е. таму не верувам дека уметникот одбира да биде нешто друго освен уметник, со сите последици од неговата определба. Публиката само како таков и го почитува веројатно.

Кои се вашите впечатоци за Русија надвор од професионалната и од научната дејност?

Кога еднаш ќе го видите Санкт Петербург, до крајот на животот ќе чувствувате тага и копнеж по него

Моите впечатоци за денешна Русија се многу блиски со оние за кои пишувале многу писатели или поети уште пред еден или два века, во смисла дека таа е огромна земја - некогаш империја, каде што човекот може да биде од најголем до најмал и обратно и затоа отсекогаш се стремел да биде силен и духовно воздигнат. И сметам дека секој странец, ако се обиде да ја опише рационално, нема да може, зашто Русија е земја што може само да се почувствува, а никако да се објасни, зашто ако еднаш ја запознаете, секогаш ќе ве прогонува носталгијата кон неа, дури и кон тоа што вам можеби ви се чинело апсурдно. Помнам  едно интервју на Олег Меншиков кога го запрашаа зошто не останал да живее  во Англија кога таму го играше Нижински, а тој одговори, приближно, дека ќе нема со кого да пие (онака – другарски) од шише вотка, да јаде сарделки, да пее и да кажува здравици до бесвест. Едноставно, нему западот му се виде совршен и стереотипен, некомплициран, но и неинтересен. Мислам дека со овој пример, кој, иако не е мој (но сум имала слични), не можев подобро да го опишам впечатокот за Русија.

Многумина зборуваат за „руската душа“, „се фати“ ли таа во Вас?

Јас мислам дека со неа или се раѓате или не. А, сѐ друго е само некаква имитација или обид да ја разберете. Точно е дека руската душа може само да ве плени и да продре длабоко во вас, но тоа е во одреден временски интервал, а тие што се раѓаат со неа го живеат токму и онака животот, како што велат – со типична руска душа. Како и да е, знам дека таа е препознатлива за секој странец што ќе дојде во допир со неа и тоа е она со што Русија може да се гордее.

Што е она што ја прави Русија посебна за Вас?

Токму таа руска душа, која може да ве опијани со своето безрезервно пријателство, хуманост и храброст.

Татковината си е татковина, но дали понекогаш чувствувате тага и копнеж по Санкт Петербург?

Јас велам вака: кога еднаш ќе го видите Санкт Петербург, до крајот на животот ќе чувствувате тага и копнеж по него.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња