Исламската мода сè попопуларна во Москва

Фотографии: Олга Соколова.

Фотографии: Олга Соколова.

Руските дизајнери се подготвени да ги облекуваат муслиманките според сите правила.

На 15 јуни во Москва во рамките на меѓународната изложба Moscow Halal Expo се одржа четвртиот Меѓународен фестивал на модата „Исламски стил“. Со свои колекции се претставија седум руски дизајнери, кои се специјализирани во областа на исламската мода и на исламскиот стил. 

Демократски стил на муслимански начин 

За муслиманската облека постои мноштво стереотипи. Еден од нив е еднообразноста во поглед на кројот и на боите. Сепак, учесниците на фестивалот се обидоа да им дадат на своите колекции максимално можна демократичност, но на начин кој не им противречи на муслиманските канони. За оваа пригода послужија традиционалните елементи кои се популарни во Европа, како што е долгата сукња, тантелата и накитот. 

Сепак, една од главните црти на моделите што беа презентирани беше „играта на бои“ и користењето различни дизајни на ткаенината, Во работата на дизајнерите присуствуваа пастелните бои заедно со дречливите детали, а исто така и разнообразни орнаменти. Класичните струкирани фустани до земја се заменети со фустани со слободен крој, кои се надополнето со ремени со истата боја како и шамијата, а исто така и панталони со долги кошули и кошули што се носат во сукњата. 

„Сакав да покажам како од едни исти парчиња можат да се направат неколку комплети, кои можат да се комбинираат без некаков голем напор и притоа да се изгледа поинакво, - изјавува за „Руска реч“ една од учесничките на овој фестивал, дизајнерката Дилјара Садриева. – Мене принципиелно ми е интересно да правам облека која едноставно убаво изгледа на пистата. Мојата првична идеја беше облека за животот, за да може муслиманката или која било друга жена, која сака да се облекува затворено, да изгледа убаво“. 

Светска експанзија 

Фактот дека глобалната мода сè повеќе ќе се врти кон муслиманските традиции и кон муслиманската култура кај никого не предизвикува сомнеж. Најголемите светски модни куќи веќе одамна во своите колекции вклучуваат муслимански елементи: отсуство на деколте, затворен грб, долги сукњи и фустани, широк крој.


Зголемен интерес за исламската мода во последниве години се забележува и во Русија. Сепак сè уште е рано да се зборува за формирање на ваков правец како дел од домашната модна индустрија. 

„Доколку се земе највисокото ниво, тогаш станува збор за единици, два-тројца, не повеќе – објаснува за „Руска реч“ дизајнерот и основач на „Лабораторија 13“ Русудан Кобјакова. – Ова се однесува имено на професионалците кои создаваат сопствени интересни решенија. Доколку земеме предвид помасовна категорија, тогаш ќе видиме дека ги има повеќе“. Всушност, според нејзиното мислење, брзото опаѓање денес се намалува заради зголемената побарувачка, како на муслиманска облека, така и на исламскиот стил како таков. Во Русија веќе постојат добри дизајнерски школи, а исто така дизајнерите имаат можност да заминат и да учат во странство. 

Тренд на затворен „лук“ 

Основни потрошувачи на современата муслиманска облека во Русија и понатаму остануваат жените кои се придржуваат до каноните на исламот, но кои притоа не сакаат да заостануваат од светските трендови.

 

Втора, не толку голема, но постојано растечка категорија клиенти на муслиманските дизајнери се жените од различни вероисповеди кои претпочитаат модерна затворена облека. „Имам многу нарачки од жени што не се муслиманки, туку на кои едноставно им се допаѓа убава затворена облека, - вели Дилјара Садриева. – Прекумерната откриеност во облеката и прекумерната седзволеност, сметам, дека им здодеала на многу жени, па и на мажите, исто така“. 

„Дизајнерите сосема ја разголеа жената, а сега таа треба да се облекува, - појаснува Дилјара. – Во осумдесеттите години од минатиот век, во пикот на ослободувањето, женската облека беше максимално отворена. Сега се случува обратен процес, односно процес на нејзино облекување. Станува збор за долги сукњи, туники, источни панталони во европска интерпретација. Затоа многу моменти ќе бидат преземени од муслиманската мода. Оние дизајнери кои умеат да ја искомбинираат затворената муслиманска облека со европските тенденции, секогаш ќе ја имаат добитната комбинација“. 

Рускиот стил во муслиманската мода 

Без оглед на сè поголемата популарност на муслиманската облека во Русија, експертите не се согласуваат со мислењето дека набргу на улиците на руските градови ќе се појавуваат сè поголем број жени кои ќе бидат облечени како оние од Катар, Саудиска Арабија или од други земји на арапскиот Исток.

„Ние не живееме во арапски земји и арапскиот начин на облекување не ни се вклопува. Од која било источна или арапска мода, руската муслиманска мода ќе се разликува со нејзината насоченост кон европскиот стил, - смета Русудан Кобјакова. – Источната муслиманска облека е доста строга, ортодоксна и национално изразена. Жените немаат каде да носат ваква облека во Русија“. 

Муслиманската облека на руските дизајнери која се одликува со голема слобода проникнува како на европските, така и на пазарите на арапските земји. „Без оглед на тоа дека овој правец кај нас е сè уште млад, ние имам свој нов поглед на оваа мода, - вели Дилјара Садриева. – И во странство нашите идеи побудуваат определен интерес. Ние активно ги продаваме нашите модели во странство. Имаме многу нарачки како од Европа, така и од арапските земји. Со нив работиме преку Интернет и интересот за нашите производи постојано расте“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња