Во целост Килибарната соба ја реставрираа и ја отворија за јавноста во 2003 година во истиот Екатерински дворец, за тристагодишнината на Петербург. Извор: ИТАР-ТАСС.
Русија – наследничката на Руската Империја и на Советскиот Сојуз, во илјадагодишната историја насобра – создаде, купи, освои во војните – неброени богатства, кои се чуваат во грандиозни музеи. Најголемиот од нив е питерскиот Државен Ермитаж, едно од најголемите складишта на светската уметност, споредуван со Лувр. Таму се чуваат бесценети слики на старите холандски мајстори, Италијанци, Шпанци, Французи – целата историја на уметноста во четири зданија, од кои најголемото и најубавото е Зимскиот дворец, изграден во 18 век од архитектот Растрели.
Во московскиот Кремљ, древната престолнина на великите кнезови и цареви на средновековна Русија, се чуваат царските симболи. Најважниот од нив е златната шапка на Мономах, древната руска круна.
Шапката на Мономах
Извор: ИТАР-ТАСС. |
Тоа е тркалезна конусна златна шапка, украсена со скапоцени камења и обрабена со крзно. Крзното, се разбира, редовно се менува, тоа не трае долго, но шапката, сепак, останува истата.
Руската круна е создадена, пред сѐ, во средна Азија, тоа е источна капа. Најсолидната теорија за нејзиното потекло е златната тјубетејка (тркалезно извезено капче), која татарскиот кан Узбек му ја подарил на московскиот кнез Иван I Калита во 14 век. Московскиот кнез им бил верен вазал и сојузник на татаро-монголите, кои веќе сто години биле владетели на стара Русија.
А, за околу еден век подоцна, неговиот потомок Иван III ги победил татарите и станал независен владетел. По падот на Византија, Московското царство останало последната независна православна држава. Токму тогаш била измислена легендата дека регалијата за крунисување на московските цареви е многу постара – божем византискиот император Константин Мономах му ја испратил уште во 12 век на својот зет Владимир Мономах, киевскиот кнез, предокот на московските кнезови.
Со таа легенда шапката замина во историјата. Со неа биле крунисувани московските цареви од старата династија Рјурик, за неа се бореле за време на Бунтовите на почетокот на 17 век, потоа со неа биле крунисувани царевите од новата династија Романови, од кои првиот бил избран на сенароден собор во 1613 година. Последниот што бил крунисан со неа бил царот Иван V, постариот брат на големиот реформатор, првиот император, Петар I. Иван и Петар ги крунисале заедно и за помладиот цар направиле копија на шапката. Потоа престолнината била преселена во новоизградениот главен град Петербург, царевите станале императори и повеќе не се служеле со старата круна дури до 2002 година. Тогаш, за педесеттиот роденден на Владимир Владимирович Путин, како подарок му била направена уште една копија од Шапката на Мономах.
Свечениот фустан за крунисувањето на императорката Елисавета и другите нејзини 14.999 парчиња облека
Извор:РИА Новости
Гореспоменатиот прв руски император Петар I починал во 1725 година и не оставил машко потомство. Од Петар останале две незаконски ќерки – Елисавета и Ана. По смртта на императорот прво владеела неговата вдовица, потоа внукот, па потоа внуката. И во 1741 година Елисавета го зазела престолот како резултат на преврат на дворот – еден од многуте во 18 век.
Превратот поминал речиси без крв: според преданието, молејќи се пред ризичниот потфат, Елисавета дала збор дека никого нема да погуби.
Потоа царицата била крунисана, за што бил сошиен специјален свечен фустан од мазна сребрена срма со златен вез, кој сега се чува во Палатата на оружјето на московскиот Кремљ. Фустанот бил сошиен во Русија – нејзе ѝ било важно да покаже дека не ги сака многу странците како нејзините претходници. Фустанот бил, според модата во тоа време, огромен – со ширина колку еден човек. Елисавета ја сметале за една од најубавите жени на своето време и таа многу ги сакала фустаните. Кога починала, дваесет години по крунисувањето, таа оставила зад себе 15 илјади фустани, еден сандак хулахопки, празна државна каса, недограден Зимски дворец – идниот Државен Ермитаж и огромни долгови. Последните години од нејзиниот живот кројачите одбивале да шијат на кредит за дворецот.
Килибарната соба – осмото светско чудо
Во целост Килибарната соба ја реставрираа и ја отворија за јавноста во 2003 година во истиот Екатерински дворец, за тристагодишнината на Петербург. Извор: ИТАР-ТАСС.
Килибарната соба ја направиле во Прусија (денес обединета Германија), кралот Фридрих I му ја подарил на рускиот император Петар I, а потоа по наредба на императорката Елисавета собата малку ја преправил архитектот Растрели. Тоа е цела работна соба, украсена со изрезбана ламперија од килибар и позлатено дрво. Бил чуван во Екатеринскиот дворец во Царско село, предградие на Петербург, до Втората светска војна. За време на војната Ленинград (тогаш така се викал Петербург) бил опколен, сите предградија биле ограбени и опустошени. Килибарната соба била однесена и цела војна била изложена за јавноста во замокот Кенигсберг, денешен руски Калининград.
А, во текот на советскиот напад на Кенигсберг, собата исчезнала.
Дали изгорела за време на бомбардирањето, дали ја скриле во визбите на Кралскиот замок, сега таа е закопана засекогаш. Или успеале да ја однесат од Кенигсберг и сега е скриена некаде во Германија, Чешка или Австрија. Никој точно не знае. Потрагата траеше целата втора половина од дваесеттиот век, но најпосле беше донесена одлука да се направи нова Килибарна соба. Реконструкцијата траеше од 1981 до 1997 година, но во целост собата ја реставрираа и ја отворија за јавноста во 2003 година во истиот Екатерински дворец, за тристагодишнината на Петербург.
Брилијантот „Орлов“
Извор: Pressphoto. |
Во Палатата на оружјето на московскиот Кремљ се чува императорскиот жезол на Екатерина II, руска царица, со вграден огромен зеленкав дијамант во него со 180 фасети и тежина од 189,6 карати. Овој исторски брилијант бил најден во Индија на крајот на 17 век. Дијамантот од кој е направен отпрвин тежел околу четиристотини карати, но многу загубил при брусењето. На крајот на 18 век каменот за 400.000 златни флорини го купил ерменскиот златар и банкар Иван Лазарев, кој бил во руска служба. А, од Лазарев, потоа, го купил грофот Орлов.
Алексеј Орлов бил миленик на Екатерина, покровител на науките, водел преписка со Жан-Жак Русо, одгледал раса коњи „Орловски касан“, му било доверено да управува со државата. Тој ѝ го подарил дијамантот на императорката, а таа заповедала да се вметне во нејзиниот жезол за крунисување и да се нарече во чест на грофот. Според друга верзија, дијамантот ѝ се допаднал на императорката и Орлов во таа ситуација бил само посредник, повикан да ги оттргне од царицата обвинувањата за претерано расипништво. Во секој случај, европските монарси страшно ѝ завидувале на Екатерина – никој немал таков дијамант во тој момент. Се разбира, парчињата од гигантскиот дијамант „Кулинан“, кои ѝ припаѓаат на британската круна, се многу поголеми, но тој камен бил пронајден дури на почетокот на XX век.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче