Извор: Ani & Dimi Photography.
Неодамна на модниот викенд во Скопје се појави интересна колекција која носеше наслов „Руска приказна“. Младата дизајнерка Олгица Горѓиева се обиде да ја претстави руската нежност, благородништвото и авангардизмот преку својата колекција која е инспирирана токму од руската традиција и од рускиот фолклор. Нејзината инспирација дошла со оглед на фактот што Русија е држава која е богата со традиција и со култура, а сето тоа може да се преточи во мода. Тоа на големо се прави меѓу руските модни дизајнери, а таа го донесува во Македонија преку својата колекција. Олгица досега има создадено 13 колекции – секоја година по две. Има учествувано на многу настани од моден карактер и има соработувано со низа јавни личности од Македонија. Последната нејзина колекција се однесува токму на Русија. Ние разговаравме со Оглица Горѓиева за нејзината последна колекција и за инспирацијата од рускиот фолклор.
На модната недела во Скопје ја презентиравте колекцијата со наслов „Руска приказна“. Зошто руска приказна?
Јас сум дизајнер која сака да работи тематски. Еден момент кој беше однапред дефиниран е дека тоа ќе биде сказна. Кога почнав да размислувам за сказни, сфатив дека отсекогаш ми се допаѓале најмногу руските сказни. Сето тоа ме однесе на следното ниво, се врзав за одредена музика, се надополни фактот дека ги обожавам руските кукли – матрјошки и така несвесно колекцијата полека се развиваше.
Што раскажува „Руската приказна“ ?
Тоа е една нежна, романтична, модерна сказна, која секоја денешна жена би ја посакала и во која би се пронашла. Тоа беше и главната поента – да се создаде облека која нема да наликува на традиционален костим, туку ќе биде модерна и елегантна.
Како публиката и јавноста го примаат рускиот фолклор? Задоволни ли сте како помина целата промоција на модната недела во Скопје?
Кога почнав да размислувам за сказни, сфатив дека отсекогаш ми се допаѓале најмногу руските сказни
Оние што ја следат мојата работа веќе знаат дека јас не сум тип на дизајнер кој слепо се врзува за темата и буквално ја пресликува во колекција. Не ми се допаѓа тој пристап. Сакам да експериментирам и ди ги претставувам работите на малку поинаков начин. Тоа може да се забележи во самите колекции. Задоволна сум од претставувањето на Модниот викенд во Скопје. Секако, секогаш може и подобро, ама затоа има и следен пат. Колекцијата е одлично прифатена, тоа дури можеше да се забележи и додека моделите сѐ уште беа на писта. Задоволна сум.
Кои се вашите врски со Русија?
Нема некоја посебна поврзаност, освен фактот дека неколку земји се ставени на мапата за патување во мојот живот, меѓу кои и Русија.
Како го правевте истражувањето за креирање на оваа колекција? Од каде добивавте информации за руските трендови, за рускиот фолклор?
Полето за истражување е големо кога станува збор за Русија. Не сакав премногу широко да одам на тој план, зашто можеше да се случи и да залутам. Затоа се врзав повеќе за факти кои ѝ се познати на пошироката маса и визуелниот ефект ќе биде она што на сите ќе им биде приемчиво. Читав книги од руски автори, читав и гледав руски сказни, ја анализирав архитектурата, музиката која одеше на ревијата беше руска, следев фотографии и текстови во врска со Царска Русија, ја следев работата на руските дизајнери и по сето ова дадов едно свое видување на руската приказна.
Што мислите за руската мода?
Свесноста за својата земја и култура, луѓето од модниот свет во Русија ја имаат донесено на многу високо ниво
Просто сум воодушевена како се развива тој момент. Свесноста за својата земја и култура, луѓето од модниот свет во Русија ја имаат донесено на многу високо ниво. Тоа зазема сѐ пошироки размери. Тие мошне успешно го имаат споено моментот на традицијата и мода и притоа со многу добра маркетинг стратегија го пласираат на светската модна јавност. Тоа е навистина за почит.
Што најмногу Ве инспирира од Русија?
Руската култура, архитектура и сегменти од Царска Русија.
Мислите ли дека рускиот стил им е близок на македонските жени?
Доколку станува збор за фолклорот во модата, мислам дека тоа малку потешко поминува, меѓутоа кога тоа е видоизменето и применето на малку поинаков начин, тогаш работите се малку различни. Сѐ зависи за каков тип мода станува збор. Овде повторно ќе се навратам на фактот за глобализацијата на модата со масовното производство. Унифицирањето е на глобално ниво.
Случајно или не уште некои луѓе кои се поврзани со Русија се вклучени во креирањето на македонската мода. Организаторот на Модниот викенд во Скопје е Света Богова Јованова, која инаку потекнува од Русија, а во Македонија веќе подолго време ја организира модната недела. Руската мода е исклучително ценета во светот. Руската модна недела која се одржува во Москва е на исто рамниште како онаа во Милано, Лондон или во Париз.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче