Москва во чест на солунските браќа

Црковна свечена поворка во градот Новосибирск во 2002 година по повод Денот на сесловенските просветители. Извор: Википедија.

Црковна свечена поворка во градот Новосибирск во 2002 година по повод Денот на сесловенските просветители. Извор: Википедија.

Оваа година се одбележуваат 1150 години од словенската писменост. За овој голем настан и за јазично богатство на сите словенски народи најзаслужни се светите браќа рамноапостолите Кирил и Методиј. Како и во Македонија, така и во Русија и во многу други словенски и европски земји денешниот ден е државен празник, на кој им се оддава почит на двајцата епископи кои ни ја дадоа писменоста.

Историјата на празнување на овој датум е долга повеќе од 10 века, кога на Балканот започнало неговото одбележување. Во Русија во 1963 година Рускиот Свет Синод, по повод 1000 години од Моравската мисија на свети Кирил и Методиј, вовела годишно празнување на 11 мај (односно 24 мај по јулијанскиот календар). 

Во 1987 година во СССР беше решено 24 мај да биде прогласен за „празник на словенската култура и писменост“. На 30 јануари 1991 година, Президиумот на Врховниот Совет на РСФСР донел одлука за празнување на „Денот на словенската култура и писменост“ секоја година. Тогаш било донесено решение одбележувањето на празникот секоја година да се одвива во некој друг град во Русија. 

Досега домаќини на овој најголем сесловенски празник биле руските градови Мурманск, Вологда, Великиј Новгород, Смоленск, Владимир, Белгород, Кострома, Орел, Јарослављ, Псков, Рјазањ, Калуга, Новосибирск, Воронеж, Самара, Новочеркаск, Ханти-Мансијск, Коломна, Твер и во Саратов. Во 2010 година владата на РФ донесе одлука централното празнување да се организира во Москва.

Споменик на Светите браќа Кирил и Методиј на Словенскиот плоштад во Москва, кој беше откриен на 24 мај 1992 година.

Оваа година празнувањето во Москва започна со традиционалната богослужба во Успенскиот собор на московскиот Кремљ. Со богослужбата чиноначалствуваа два патријарха – Московскиот и на цела Русија Кирил и патријархот на Светиот град Ерусалим и на цела Палестина Теофил III, кој се наоѓа во посета на Москва.

По завршувањето на литургијата патријархот Кирил застана на челото на величествената Црковна поворка, која започна да се движи од Кремљ, преку Црвениот плоштад до Словенскиот плоштад каде се наоѓа споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј. На споменикот со свежо цвеќе и со длабок поклон чест на браќата им оддадоа голем број црковни делегации, претставници на политичките кругови во Русија, како и претставници на дипломатските претставништва на сите словенски земји во Москва. 

На споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј со свежо цвеќе и со длабок поклон чест на браќата им оддадоа голем број црковни делегации, претставници на политичките кругови во Русија, како и претставници на дипломатските претставништва на сите словенски земји во Москва

Оваа година на одбележувањето на овој голем празник ќе присуствуваат сите оние што сакаат да им оддадат почит на Светите Кирил и Методиј. За таа пригода решено е традиционалниот концерт да биде организиран на Црвениот плоштад, со цел празникот да стане што помасовен. 

„Денот на словенската писменост и култура се празнува во Москва од 2010 година и до денес централен настан на празникот беше концертот во Кремљовскиот дворец, - изјави за „Росијскаја газета“ директорката на Одделот за државна поддршка на уметноста и на народното творештво при министерството за култура на РФ Софија Апфељбаум. – Но, дури и толку голем простор беше мал за оваа манифестација. Затоа решивме концертот да го преселиме на Црвениот плоштад. Празничниот концерт ќе започне во 20 часот. На него свое учество ќе земат околу 30 професионални хорови. Тие ќе ги изведуваат песните што сите ги знаат и ги сакаат, оние песни што можеме сите заедно да ги пееме – и народни, и детски и песни од воените години. Сите нив ќе ги придружува симфонискиот и дувачкиот оркестар на министерството за одбрана. На плоштадот ќе поставиме и неколку големи екрани, на кои ќе бидат испишани текстовите на песните.

Со едноставна прошетка низ градот, ќе можете да присуствувате на отворено предавање по руски јазик, како и да посетите некој саем на книга

Но, празнувањето на Денот на сесловенските просветители во Москва не се одбележува само со концерт, туку и со рецитаторски манифестации. „Литературни читања се спроведуваат и пред спомениците на големите руски писатели и поети Пушкин, Есенин, Цветаева... Со едноставна прошетка низ градот, ќе можете да присуствувате на отворено предавање по руски јазик, како и да посетите некој саем на книга“, вели за „Росијскаја газета“ првиот заменик на раководителот на Одделот за култура на Москва Екатерина Проничева.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.