„Ноќ на музеите“ во Русија

Извор: Комерсант.

Извор: Комерсант.

Ноќта помеѓу 18 и 19 мај во Русија ќе се одржи манифестацијата „Ноќ на музеите“. Многу музеи и галерии ширум Русија ќе бидат отворени до доцна во ноќта, а некои и до утрото. Од 19 до 23 часот влезот ќе биде бесплатен.

Првата „Ноќ на музеите“ во Русија беше одржана во 2007 година во Москва, а во следните години почна да се одржува и во други руски градови. „Ноќта на музеите“ се организира со цел на пошироката јавност на невообичаен начин да ѝ се приближи културното наследство и да ѝ се покаже значењето на музеите и на галериите за општеството во целина, а исто така и да ги запознае посетителите со разновидноста и со богатството на музејските збирки. Главно обележје на манифестацијата „Ноќ на музеите“ во целиот свет е отвореноста за посетителите.

Европските музеи оваа манифестација ја имаат воведено уште во седумдесеттите години од минатиот век

На московската „Ноќ на музеите“ оваа година ќе учествуваат над 200 најпопуларно музеи и изложбени простори, меѓу кои и Државната галерија „Павел Третјаков“, Државниот музеј на ликовни уметности „А. С. Пушкин“, Музејот на Мајаковски, музејот „Мултимедија Арт“, „Проколнатиот стан“ на Булгаков, Музејот на стари автомобили, Московскиот музеј на современа уметност, Државниот центар за современа уметност (ГЦСИ), Централниот дом на уметниците (ЦДХ), Центарот за современа уметност „Винзавод“ и за првпат во оваа акција ќе влезе и Центарот за современа култура „Гараж“.

Во Санкт Петербург на манифестацијата ќе учествуваат повеќе од 80 музеи и галерии. Во рамките на „Ноќта на музеите“ во Санктпетербуршката филхармонија „Д. Д. Шoстакович“ за првпат ќе биде организирана уникатна програма што ќе трае цели 12 часа, од 6 часот навечер на 18 до 6 часот изутрина на 19 мај! Во програмата ќе се менуваат композитори, епохи, музички правци и изведувачи. Главниот настан на оваа ноќ ќе биде тематскиот концерт. Сè што ќе биде изведено во фоајето и во големата сала на филхармонијата е поврзано за ноќта, од култната „Месечева соната“ на Бетовен до музичко-драмската гротеска „Пјер месечарот“ на Шенберг и „Сништа“ на Шуман. Ќе можат да се слушнат и музичките сказни „Петрушка“ и „Сказна за војникот“ на Стравински, како о „Сказните на старата баба“ од Прокофјев.

Освен тоа, на 18 мај помеѓу 18 и 23 часот сите заинтересирани ќе имаат можност да го посетат Александровскиот дворец и павилјонот „Бела кула“ во Александровскиот парк, од каде на висина од речиси 40 метри се отвора прекрасен поглед на Царское Село. Во тој период ќе биде отворена и библиотеката на Александровскиот дворец која Екатерина Велика  почнала да ја собира за своите внуци. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со историјата на оваа уникатна библиотека и за првпат да ја видат изложбата на маргиналии, односно белешките на книгите кои своерачно ги испишале Екатерина Велика, Александар Први и други членови на руското царско семејство.

Меѓународната „Ноќ на музеите“ во Екатеринбург оваа година ќе биде посветена на одбележувањето на јубилејот на градот (290 години постоење), како и на неговите жители. Темата на манифестацијата ќе биде „Градот на вдахновението и неговите херои“. 30 градски музеи ќе подготват специјални изложби и програми.

Калининград ќе ја одбележи „Ноќта на музеите“ со огнено шоу и со ирски танци. Музејот на килибарот по повод Меѓународниот ден на музеите подготви специјална програма под наслов „Околу светот за 6 час“. Манифестацијата ќе започне со флеш моб (групен уличен перформанс) и со импровизирани мастер-класови на кои посетителите ќе можат да научат како се прават авиончиња и бротчиња од хартија. Ноќта музејот ќе се претвори во аеродром, во железничка станица и во пристаниште, од каде посетителите „ќе отпатуваат“ во разни краишта на светот. Ќе можат да ги посетат источните земји, да присуствуваат на етновечери, да облечат сари, да научат индиски и ирски танци, да ги запознаат основните техники на сликање на телото со кана („мехенди“), да ги посетат источните пазари и да видат „огнено шоу“. Секако, не треба да се пропушти и исклучително богатата колекција килибар.

 

Филмови на Манчевски во Москва

 

На ноќта на музеите во Државната галерија „Солянка“, каде на 1 мај Милчо Манчевски лично ја отвори својата изложба на фотографии „Пет капки сон“, од 23 до 5 часот изутрина московјани ќе имаат можност да ги погледнат и филмовите на македонскиот режисер.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.