Арктичките народи на крајниот североисток на современа Русија веќе неколку илјади години го изразуваат своето доживување на светот и богатиот духовен живот низ уметничката резба на коски.
Кога ќе земете фигурина на животно од коски, од различни агли можете да видите животно, и човек, и некое божество. Низ многуликоста се одразила и верата на арктичките ловци на фоки во способноста луѓето и ѕверовите да се претвораат едни во други.
Коските од животните во секојдневието се користат десетици илјади години. Од коските на моржот, китот и од северниот елен предците на Чукчите и Ескимите правеле игли, садови врвови за харпун. Отприлика во првиот милениум пред нашата ера луѓето на сите овие предмети почнале да сликаат шари и орнаменти поврзани со нивните верувања и за претставата за злите и за добрите духови. Така се појавиле првите дела на уметничката резба на коска. Покрај секојдневните предмети од коска со насликани шари, со време се појавиле и фигури од различни животни кои служеле како своевидни амајлии. Така, на пример, патка направена од коска на морж имала двојна функција: била детска играчка, но и талисман кој во себе ги содржел силите на доброто. Археолозите на Чукотка пронашле предмети од коски што претставуваат вистински ремек-дела на првобитната уметност.
Од крајот на 19 век на Чукотка се појавуваат и такви уникатни ликовни уметности, какви што не се познати во ниту еден друг арктички регион. Станува збор за коски од морж кои во целост се прекриени со резби на сцени од животот на одгледувачите на северни елени и на ловците на китови и фоки.
Денешните мајстори на Чукотка, како и пред две илјади години, како материјал користат еленски рогови и коски од морж. Нивните прикази и понатаму се поврзани со секојдневниот живот и со митологијата ма Чукчите и на Ескимите. Интересно е дека до денешен ден се сочувани многу ракотворби. Кога ќе земете фигурина на животно од коски, од различни агли можете да видите животно, и човек, и некое божество. Тоа е поврзано со древното верување на арктичките народи за длабинската врска меѓу природата, човекот и различните духови. Низ многуликоста се одразила и верата на арктичките ловци на фоки во способноста луѓето и ѕверовите да се претвораат едни во други.
Посебно место во уметноста на резба на коска на Чукотка зазема ликот Пеликен, човече со голема насмевка и голем тркалезен стомак. Никој не знае кога се појавил овој лик и од каде се појавил. Во современите верувања на тукашните жители Пеликен е бог на радоста кој носи среќа во куќата.
Денес на Чукотка работат неколку ателјеа за резба на коска. Најстарото меѓу нив е Уеленското косторезбарско ателје. Неговата слава се прошири и надвор од границите на Русија. Уелен е најсевероисточното населено место во Русија и во Евроазија. Производите на уеленското косторезбарско ателје за првпат се прикажани пред пошироката јавност во 1937 година, на изложба во Третјаковската галерија во Москва. Оваа изложба предизвикала вистинска сензација и тогаш светот дознал за уникатната уметност на Чукчите и на Ескимите. Денес делата на древните и на современите мајстори на резбата на коски можат да се видат во разни музеи низ светот, од Москва и Санкт Петербург до Париз и Њујорк.
Ако имате желба, и вие можете да си набавите ракотворби од чукотските мајстори-косторезци , но имајте предвид дека тие воопшто не се евтини. Нивната цена се движи од неколку стотици евра за помала фигура до неколку илјади евра за цела коска од морж со циклус изрезбани сцени.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче