Србија, 1876. Српско-турска војна. Разбиениот одред на српската армија се обидува да се скрие од бројните турски единици во едно сончогледово поле. Меѓу српските војници е и доброволецот Ераст Фандорин, прочуен петербуршки детектив, кој по трагичната смрт на саканата жена заминува на далечниот Балкан за да се бори за своите православни браќа – Србите. Гледајќи го гибелот на своите другари и на селаните скриени во полето, Ераст самиот им се спротивставува на турските војници, ранет е од експлозија на граната и паѓа во заробеништво. Вака започнува „Турски гамбит“, најпознатиот руски историски блокбастер од минатата декада на овој век. Филмот е на режисерот Џаник Фајзиев и е снимен во 2005 година во продукција на Првиот канал на руската државна телевизија во копродукција со „Студија Три Т“ на познатиот Никита Михалков, а сценариото е според романот на популарниот писател Борис Акунин. Меѓу авторите на музиката за филмот е и Горан Бреговиќ.
За македонски превод притиснете „СС“.
Фандорин знае српски, бугарски и турски јазик, и како заробеник во Видин, Бугарија, случајно станува сведок на еден мошне важен разговор. Во тек е руско-турската војна од 1877 година, и Турците, за да ги запрат Русите, решаваат во командата на руската армија да го вметнат Анвар-ефенди, својот најдобар агент. Фандорин сфаќа дека по секоја цена треба да го предупреди главниот штаб, и успева да избега од заробеништво, држејќи се за долниот дел од една карета. Во бугарската пустелија случајно ја сретнува Варењка Суворова, госпоѓица од престолнината, која во порив на своите чувства дошла да го бара својот свршеник Петја, кој е шифрант во штабот...
Веќе од првите кадри филмот ги плени гледачите, кои во него наоѓаат сè што е карактеристично за овој жанр: подмолни, свирепи непријатели, замрсена детективска приказна, висока политика, предавство на сојузникот, сурови сцени на битки, живи балкански пејзажи, магични дворјански балови, бестрашност на руските војници и офицери, смела прекрасна девојка... Одличната екипа актери е составена од ѕвездите на современиот руски филм (Егор Бероев, Олга Краско, Гоша Куценко, Александар Балуев, Дмитриј Певцов, Виктор Вержбицки, Владимир Илин, Марат Башаров, Александар Олешко и многу други).
На крајот од филмот Фандорин со помош на Варењка успева да го надмудри, да го расколеба и да го неутрализира Анвар-ефенди. Турците се разбиени, а руската војска запира во предградието на Истанбул и не го зазема древниот град само зашто руската дипломатија е исплашена од Англичаните, кои веќе имаат разместено своја ескадра во близина на Константинопол и се закануваат дека ќе им објавата војна на Русите доколку во градот влезе макар еден руски војник.
„Турски гамбит“ е еден од најуспешните руски филмски проекти во последниве години, кој докажа дека квалитетниот патриотски филм и во денешно време е популарен меѓу руските гледачи. Ова е вистинска химна за златното доба на Руската Империја, за нејзината воена, културна и духовна моќ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.