Стари руски велигденски обичаи и верувања

Велигденски огнови на Ростралните колони во Санкт Петербург. Фотографија од слободни извори.

Велигденски огнови на Ростралните колони во Санкт Петербург. Фотографија од слободни извори.

Велигден е еден од двата најголеми христијански празници. Секој народ, без разлика на верата, има свои обичаи. За Велигден во Македонија постојат определени народни и месни обичаи. Русија, исто така, си има „свои“ велигденски обичаи, кои се разликуваат од традиционалните македонски. Дел од нив со текот на времето се заборавени, но дел останале да живеат до денешен ден.

Велигденски огнови 

Уште од дамнина во пресрет на Воскресението Христово во Русија се палеле огнови. Многумина сметаат дека ова е пагански обичај, но во културолошките научни кругови се смета дека всушност од огнот се појавила идејата за палење свеќи на празникот. Огновите не се палеле само во кругот на црквата, туку и на сред село, покрај реките, на ридовите и во дворовите. Палењето огнови на Велигден ја симболизирало победата на доброто врз злото, односно победата на животот над темнината и смртта. Според старите обичаи овие огнови се палеле со триење на стари и суви дрвја, оти се сметале дека токму во нив се криела злата сила. Откако огнот ќе изгорел луѓето си земале јагленчиња од изгорените дрвја и ги поставувале во своите куќи, оти се сметало дека велигденските јаглени ја чуваат куќата од невремиња. 


Бокалчиња со мед 

Канунички се мали обредни бокалчиња направени од глина (во Русија во старите времиња се употребувале девет различни обредни садови). Во пресрет на празникот во овие глинени бокалчиња се налевал мед, потоа во него се ставале свеќи и на првиот ден од Велигден садот бил поставуван на масата за споменување на починатите. Се верувало дека со овој обред светците ќе ја видат светлината од свеќите и ќе почнат да се молат за упокоениот, па на тој начин ќе измолат од Господа проштевање за него. Културолозите велат дека овој обичај потекнува од старообредниците, кои по расколот во Руската православна црква, почнале да негуваат посебни обичаи. Овој обичај станал и извесен ритуал и помеѓу парохијците на официјалната црква. Свештениците, пак, ги забранувале овие мали бокалчиња, така што со текот на времето тие исчезнале од велигденските ритуали.

 

Танц на сонцето

Николај Корниљевич Пимоненко - Велигденска утрена во Малорусија. Извор: Википедија.

Уште еден мошне значаен момент во велигденските празнувања бил дочекувањето на сонцето. На велигденското утро луѓето седеле до изгрејсонце за да дознаат каква ќе им биде следната година. Кога напролет изгрева сонцето тоа обично трепери, па за него тогаш се вика дека „танцува“. Во дамнината Русите верувале дека ако на велигденското утро сонцето почне да танцува, тогаш тоа е знак за добра година, за бериќет, за добра берба, за здравје и за среќа, а исто така тоа било знак и дека во претстојната година ќе има многу свадби и многу деца. Доколку, пак, сонцето изгревало зад облаците, се сметало дека годината ќе биде лоша, дека нема да има добар плод и оти ќе се појават болести. 


Миење за убавина и за здравје 

Постарите луѓе си имале и свој специјален обичај за Велигден. Утрото по Воскресението Христово возрасните жени станувале на изгрејсонце и налевале вода во садови од скапоцени материјали, најчесто позлатени или посребрени, и во него ставале едно црвено велигденско јајце. Потоа со таа вода си го миеле лицето. Златото или среброто означувало богатство, а црвеното јајце имало моќ на подмладување, разубавување и го крепело здравјето. Додека жените го изведувале овој ритуал, постарите мажи си ги чешлале своите коси и велеле „Колку влакна на главата, толку внуци во куќата“.

 

Тркалање јајца 

Тркалање јајца. Велигденска честитка од времето пред Октомвриската револуција. Извор: Википедија.

 

Тркалањето јајца е словенски велигденски обичај, но тој најдолго се задржал во Русија. Во определени делови од Русија, обично во руралните средини тој е сè уште жив. Оваа детска игра претставувала главна атракција за помладите, кои на овој начин ги добивале своите велигденски подароци. За играта се изработувал посебен реквизит – мала патека од шкрилци. На децата им се поставувале разни подароци, обично тоа биле играчки или некакви други интересни дреболии. Потоа се поставувала патеката од шкрилци. По неа децата ги пуштале велигденските јајца и она јајце што ќе го допре предметот го добива истиот. Доколку не постоела специјална патека, децата едноставно ги тркалале јајцата како џамлии по тревата и се обидувале да погодат некој подарок.

 

Бркање лебарки и тавтабити 

Ова е уште еден од многуте обичаи кој се изведувал на првиот ден на Велигден. Во многу домови, особено во руралните средини, луѓето верувале дека на велигденската недела можат да се ослободат од штетниците кои живеат во нивните домови. За таа цел домаќините изведувале посебен ритуал. Кога мажот се враќал од утринската велигденска литургија, тој најпрво тропал на вратата. Потоа се одвивал следниов дијалог:

- Кој е? – велела жената.

- Јас сум, домаќинот твој, Иван. Кажи, жено, со што ќе се гоштаваме?

- Ќе се гоштаваме со месо, павлака, млеко, јајца...!

 - А, тавтабитите со што ќе ги нагостиме?

- На тавтабитите тавтабити ќе им дадеме!

Се сметало дека откако тавтабитите ќе го слушнеле овој дијалог, ги фаќало уплав и или бегале од куќата или почнувале да скокаат една на друга и да се јадат меѓу себе.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.