Светите и несветите тајни на древното православие

Григориј Мјасоедов: „Палењето на протопопот Авакум“, 1897. Протопопот Авакум бил противник на реформите во богослужбите од 17 век на патријархот Никон.

Григориј Мјасоедов: „Палењето на протопопот Авакум“, 1897. Протопопот Авакум бил противник на реформите во богослужбите од 17 век на патријархот Никон.

Тие избегале од Русија во 17 век, настрадале од прогонот на власта, самите си го забраниле бракот и светите тајни, создале мноштво цркви, биле движечка сила на рускиот капитализам во дваесеттиот век и опстанале до денешен ден. Тоа се луѓе кои не сакале да ги прифатат новите црковни обреди воведени во седумнаесеттиот век и заради тоа го добиле називот „старообредници“.

Бурјатија е руски регион покрај Бајкалското Езеро. Тука се зборува еден јазик кој е многу близок до монголскиот и се проповеда будизмот. Но, во овој крај има и руски села и, ако на некој празник се најдете во некое од нив, ќе видите жени облечени во украсени носии стари и по 200 години. Уште пред влезот во селото ќе забележите дека се променил амбиентот: наместо пасишта и голи ледини, насекаде има полиња со пченица.

Црковната реформа била неопходна и Никон бил толку настојчив во нејзиното спроведување, што предизвикал раскол. Многу свештеници и мирјани воопшто не можеле да сфатат зошто се воведуваат „новините“. 

Овие ниви им припаѓаат на старообредниците. Тие кон крајот на седумнаесеттиот век избегале од „Расколот“ (односно од реформата на Руската православна црква), најпрво во Полска, а потоа, кога Руската Империја зазела дел од Полска, се преселиле на тогашната граница со Кина, за таму да култивираат земја и да ја бранат територијата.

До расколот во РПЦ дошло поради желбата на патријархот Никон за ускладување на богослужбата со старите византиски стандарди, да го описмени свештенството, да се ослободи од обредите кои биле учени напамет, но изгубиле смисла, и со тоа да „ја врати силата на молитвата“. Тогаш, во 17 век, Русија веќе 600 години официјално била христијанска земја. Во текот на еден толку долг период во книгите за богослужби за време на нивното препишување, се провлекле мноштво грешки. Многу свештеници не биле писмени и воопшто не разбирале што всушност изговараат.

Црковната реформа била неопходна и Никон бил толку настојчив во нејзиното спроведување, што предизвикал раскол. Многу свештеници и мирјани воопшто не можеле да сфатат зошто се воведуваат „новините“. Зошто Русија, која ги преживеала инвазиите на Татарите и на Полјаците и опстанала во сите страдања, треба да се „прилагодува на грчкото учење“, и тоа во време кога целата грчка православна јерархија е под власт на турскиот султан? Тоа прашање си го поставувале и расколниците, па така му останале верни на „стариот обред“.

Како што често се случува во верските војни, разликите во ставовите на спротивставените страни се малку чудни и за поголемиот дел луѓе се несфатливи. Дали треба да се крстиме со два или со три прста? Дали треба да се пишува „Исус“ или „Иисус“? Доволно е во Симболот на верата да се изменат само неколку збора и луѓето се подготвени поради тоа да бегаат од земјата, да одат на мачење или на клада. Државата почнала да ги третира расколниците како престапници, а оној што ќе ги пријавел го добивал нивниот имот.

Старообредници во Нижегородската губернија, 1897. Фотографија од слободни извори.

Независно од прогонот, расколниците самите се поделиле на огромен број култови и фракции. Главното прашање било „каде да се најдат попови“? Православниот свештеник мора да биде ракоположен и да припаѓа на јерархија на чие чело стои епископ или некое друго духовно лице. Меѓу расколниците долго време немало епископ, што значи дека немало кој да ги ракоположи свештениците. Еден дел од расколниците го решил тој проблем на радикален начин: целосно го отфрлил свештенството и „поповите“, и на тој начин е добиен називот „беспоповци“. Други си избрале свештеник кој бил ракоположен од епископ кој ја прифатил реформата, зашто многу такви свештеници преминале во „Расколот“. Подоцна на расколниците сепак им тргнало од рака да формираат неколку старообреднички јерархии.

Беспоповците исто така меѓусебно се поделиле за разни прашања. На пример, за ставот кон светите тајни. Ако нема свештеник, тогаш нема кој да крштева, нема кој да венчава, нема кој да пее опело. Во определени беспоповски фракции функцијата свештеник ја вршеле угледни граѓани, исто како и во некои протестантски секти. Други, пак, едноставно отфрлиле определени свети тајни, како што е венчавањето. Тоа значи дека го отфрлиле бракот, а со бракот се откажале и од раѓање деца, зашто не сакале да „раѓаат деца во грев“ (односно во вонбрачна врска). Сепак, споменатите фракции постојат со векови, што влева определен сомнеж за нивната верба во принципите што ги прокламираат.

Кон крајот на деветнаесеттиот век Русија минувала низ период на фантастичен економски раст, а една од многуте локомотиви на тој раст биле капиталистите-старообредници, оние што не избегале. Мамонтов, Морозов, Рјабушнски, Третјаков (љубител на уметноста, филантроп и мецена; основач на Третјаковската галерија) – тоа се презимињата на руските „Ротшилд“ и „Рокфелер“.

Секогаш постои нешто примамливо за во овој контекст да се спомене „Протестантската етика и духот на капитализмот“ од Марк Вебер и богатството на руските старообредници да се спореди со протестантското праведно стекнување и со „спасот преку работа“. Многумина подлегнуваат на ова искушение и доаѓаат до погрешни заклучоци. Реално гледано, разликата помеѓу едните и другите е мошне голема. Парите на старообредниците не биле во нивна сопственост. Заедниците на различни старообреднички фракции создавале една цела паралелна економија и им давале на своите истоверни браќа заем со мала камата или без камата, па дури и неповратна парична помош. Со други зборови, тие се занимавале со она што денес се нарекува социјална заштита и социјална помош. Нивните претприемачи управувале со капитал кој ѝ припаѓал на целата заедница, но административно го прикажувале како свој имот, со цел да плаќаат помал данок и за да избегнат притисок и изнудување од страна на власта. Капиталистите-старообредници на почетокот од дваесеттиот век почнале сериозно да се занимаваат со политика, односно се труделе да им го олеснат животот на работниците во своите фабрики и воедно се обидувале да издејствуваат усвојување на разумно работно законодавство. Ваквата „социјална одговорност“ била сосема во духот на древниот православен колективизам. Во исто време, определени членови на старообредничките финансиско-индустриски кланови биле во врска со револуционерите и ги снабдувале со парични средства, а тоа го правеле со цел да извршат притисок врз владата во царска Русија. Кога во 1917 година започнала револуцијата, старообредниците веќе биле доволно моќни и можеле да вршат притисок врз царот.

Денес во Русија живеат стотици илјади старообредници. Тие се соочуваат со сериозни проблеми. Најтешко им е на беспоповците, зашто урбанизацијата го поткопува нивниот традиционален начин на живот и пренесувањето на животните правила од колено на колено, а и отсуството на свештенство и на јерархија не им помага во зачувувањето на верата. Бројот на беспоповци нагло се намалува дури и во нивната најбројна, поморска фракција. За ова во својот извештај зборува јерејот Јован Севастјанов, настојник на Покровската старообредничка заедница на Ростов на Дон. Многу подобро се заштитиле фракциите кои имаат свое свештенство, така што тие добиваат нови членови. „Старообредништвото полека ја минува границата на гето во кое беа затворени и тие се ослободуваат од сите оние културолошки наноси со кои беше маскирана Вистината на старообредништвото, така што тоа за сè поголем број луѓе станува олицетворение на Вистинската Црква Христова“, се вели во извештајот на овој јереј.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња