Кукли-амајлии. РИА Новости/Аврора, Артјом Павлов.
Играчките постојат откако постои човештвото. Првобитниот човек правел кукли од коски и камен. Археолозите постојано наоѓаат различни фигури за кои е тешко да се определи дали личат на луѓе или на животни. Сепак, многу научници сметаат дека тоа воопшто не се играчки, туку предмети на религиозен култ. Со сигурност се знае само една работа: првата играчка на секое дете во сите времиња и кај сите народи била тропалката.
„Шаркунок“, „пеленашка“ и куклата „дорожница“
Музејот на руски играчки во Измајловскиот кремљ во Москва поседува многу експонати, а меѓу нив е и тропалка што ја држеле децата од времето на древна Русија.
Шаркунок. Извор: РИА„Новости/Аврора, Артјом Павлов.
„Оваа играчка се нарекува ‘шаркунок’. Направена е од брезова кора, а во внатрешноста на тропалката се ставале суви топчиња грашок или семки од јаболка“, објаснува Светлана Колосова, кустос во Музејот на руски играчки. „На децата им давале шаркунок штом се раѓале, но постоела и кукла што селските жени ја правеле уште пред детето да дојде на свет“.
Таа кукла се нарекува „пеленашка“. Се правела од парчиња облека од мајката или од бабата. Било забрането да се сече ткаенината, па затоа ја кинеле, така што овие кукли понекогаш биле нарекувани и „рванки“ (од рускиот глагол „рвать“ – кине). Пеленашката ја ставале во колепката за да го „грее“ идното новороденче.
Пеленашката повеќе е „играчка за возрасни“, зашто таа е кукла-амајлија.
Интересно е што кај Словените, но и кај многу други народи, кулите најпрво биле правени за возрасните, а подоцна тие биле пренаменети за децата.
Во селските куќи имало многу амајлии. Куклата „зерновушка“ била задолжена за жнеењето и го чувала зрното од гниење, „десјатиручка“ им помагала на младите домаќинки, а минијатурата „дорожница“ ги чувала патниците.
„Секако, куклите-амајлии биле поврзани за верувањата од тоа време. Интересен е фактот што тие немале очи. Доколку на куклата ѝ се ставеле очи, се сметало дека тоа повеќе не е амајлија, оти тогаш таа го гледа и она што не треба, па во неа можат да се вселат и зли духови. Меѓутоа, со текот на времето куклата престанала да се доживува како магичен предмет и станала обична детска играчка“, вели Светлана Колосова.
} Димковски коњаници. Извор: РИА Новости/Аврора. Артјом Павлов.
„Стригушки“, витезот Полкан и димковските коњаници
Најпрво играчките биле правени од слама и се нарекувале „стригушки“. Поедноставните стригушки можеле да бидат направени од дрво, а посложените ги правеле од крпи.
Во 11 век во Русија се појавува првото грнчарско тркало. Со појавата на грнчарството децата добиле играчки – свирчиња од глина. Секако, на почетокот нив ги правеле од отпадоци што останувале при изработката на поважни предмети: доколку на грнчарот му останела глина од некој глинен сад, тоа било можност да се израдуваат и децата.
Подоцна правењето глинени играчки станало посебен занает. И денес на сите им се добро познати филимоновските, плешковските, каргаполските и димковските глинени играчки.
„Без оглед на тоа што сите се направени од ист материјал, сепак се мошне различни, лесно се разликуваат според начинот на моделирање и украсување. На пример, филимоновските играчки секогаш имаат тенки линии, додека плешковските воопшто не се обоени. Каргополските имаат карактеристични бои и главен јунак – витезот Полкан. Препознатливи се и димковските храбри коњаници и румените госпоѓици“, раскажува Светлана Колосова.
} Првата руска матрјошка, наречена Матрјона. Извор: РИА Новости/Аврора. Артјом Павлов.
Како Фукуруму стана Матрјона
Во богатите куќи покрај глинените свирчиња имало и играчки од поскапи материјали. На пример, порцеланските кукли биле обликувани како убави ќерки на богати трговци, гренадири, па дури и царици. Секако, тие служеле за украс, така што имашните деца можеле само да ги гледаат. Така и се нарекувале: „кукли за гледање“.
Најчесто се споменува верзијата дека прототип на матрјошката била фигурата на будистичкиот мудрец Фукуруму, која некој ја донел во „Детско воспитување“ – московска работилница за изработка на играчки на познатиот индустријалец и мецена Мамонтов.
Матрјошката одамна се доживува како еден од симболите на Русија, но оваа играчка, која стана сувенир, е со странско потекло.
„Тешко е да се каже од каде е донесен Фукуруму. Можеби од Јапонија, а можеби од Франција. Но, сите извори се сложуваат дека фигурата на овој мудрец, во која биле скриени уште неколку поситни Фукуруми, била инспирација за дрводелецот Звјоздочкин при создавањето на матрјошката. Играчката ја насликал уметникот Маљутин“, го објаснува „родословот“ на матрјошката Светлана Колосова.
Од ќелаво старче со надуена глава од размислување без престан за будистичките приказни, фигуринката се трансформирала во селска девојка. Набргу за неа само по себе се врзало името Матрјона, кое било често во тоа време, а кое потоа почнало да се употребува во деминутив: Матрјошка.
Првата матрјошка била составена од осум кукли, со тоа што биле прикажани и момчиња и девојки.
Најпрепознатлива црта на првите матрјошки било нивното сликање. Овие кукли задолжително држеле нешто во рацете: црн петел, срп, метла...
„Во 1900 година матрјошката била однесена во Париз на меѓународната изложба на ракотворби и освоила медал. Таа била запаметена, а четири години подоцна од престолнината на Франција стасала голема нарачка за овие играчки“, вели Светлана Колосова.
Тогаш матрјошките веќе се правеле во работилниците во Сергиев Посад.
} Богородски дрвени играчки. Извор: РИА Новости/Аврора, Артјом Павлов.
„Ковачи“ и топче на конче
Недалеку од Сергиев Посад се наоѓа селото Богородское, каде што уште од 17 век се прават подвижни дрвени играчки. Овој занает настанал под влијание на Троице-Сргеиевиот манастир, кој во тоа време бил познат центар на занаетчиските вештини. Прочуените „Ковачи“ селанецот и мечката, станале симбол на овој занает, а сега се ставени дури и на грбот на ова село.
Но, најтипична богородска играчка е клатното на кое за балансирање му служи обично топче на конче.
Најпозната играчка-клатно се кокошките што стојат на подлога и колваат. Оваа играчка како деца ја сакале Пушкин и Лермонтов, а и денешните деца подеднакво им се радуваат на богородските играчки.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче