Викторија Лоба: сјајната руска ѕвезда на македонската сцена

Дали знаевте дека една од најпопуларните пеачки на македонската поп-сцена е родена токму во Русија? Во ексклузивното интервју за „Руска реч“ Викторија Лоба говори за своите руски корени, за врските со „великата татковина“, како и за одлуката засекогаш да се пресели во Македонија.

Лоба најпрвин на музичката сцена во Македонија се појавува како мала, а потоа преку групата „Табу“ ја стекнува првичната слава. Повеќе години гради соло кариера.  Оваа млада Русинка ја претставуваше Македонија на детскиот Евросонг во 2003-та година. 

Викторија, како си задоволна од развојот на твојата досегашна кариера во Македонија, од сите настапи и приемот кај публиката?

Сум задоволна и благодарна на сите шанси кои ми ги понуди Македонија, уште од  2003 година кога настапив на Првата Детска Евровизија и ја претставував Македонија во Копенхаген. Од таа година мојот живот се промени, се запишав во средно музичко школо во Скопје, Илија Николовски-Луј на отсек соло пеење. Среќата ме следеше и таму,  мојот ментор беше прекрасна професорка по соло пеење Ѕвезда Дамовска која дипломираше и предаваше во Москва пред да се врати во родната Македонија. Таа ми даде одлично образование и ми влеа љубов кон музиката. После нејзиното пензионирање ми доделија исто прекрасна и амбициозна професорка - магистер Александра Коцева-Миновска, која понатаму ја негуваше и подржуваше мојата желба за соло пеење. Од моето детство до сега задоволна сум како напредувам, но знам дека можам уште многу повеќе да понудам на музичката сцена во Македонија, и секако достојно да ја преставувам во другите држави.

Родена во Русија, а  живееш и градиш кариера во Македонија. Каде поточно си родена и кои се твоите врски со Русија?

Родена сум во Таганрог, родниот град на Чехов, Таганрог беше и омилено место за творење музика за Чајковски. Град со богата култура и признаени уметници. Моите родители се руси, и двајцата.

Која беше причината за преселување во Македонија?

Мојата мајка дојде во Македонија со привремен договор за работа, ме зеде и мене и по неколку години живеење во Македонија сфативме дека се чувствуваме како дома, решивме да продолжиме со својот живот тука.

Ја посетуваш ли Русија често?

Често ја посетувам Русија, сите роднини ми се таму. Минимум еднаш во годината одам да ги видам. Често имам носталгија по родната земја! 

Каде ти попријатен престојот овде или во Русија?

Тука се чувствувам исполнета на сите полиња, поголемиот дел од животот го поминав во Македонија и ја сметам за мој вистински дом. Имам многу пријатели тука, околината ме има прифатено за своја и благодарна сум за тоа, зошто и јас се чувствувам ваша! 

Гледаш ли можна кариера во Русија?

Сум размислувала, но не сум пробала на тоа поле.

Имаш ли контакти од тамошнта музичка индустрија, до кое ниво е развојот на индустријата во Русија?

Имам контакти со руски диџеи, но не сум започнала сеуште никаков проект. Русија е голем пазар, огромен. Треба навистина многу напор, работа и среќна ѕвезда за да те забележат таму.

Планираш ли можеби да испееш песна на руски јазик?

Имам испеано песна на руски јазик, се вика „Иванушка“. Во 2004 година се натпреварував на руски интернационален фестивал „Роза Ветров“ и станав лауреат на истиот претставувајќи ја Македонија.

Во интервју велиш дека следиш вести на руски телевизии и дека си заинтересирана за она што се случува таму. Зошто?

Крвта не е вода.  Ме интересира се што се случува во Русија, како живеат моите роднини таму. Исто имам потреба да комуницирам, читам и слушам руска реч, тоа ме исполнува! Затоа редовно го читам и вашиот веб сајт. 

Можно ли е да се вратиш да живееш во Таганрог и зошто?

Не верувам дека би се вратила, но сепак никогаш не се знае што ти носи животот. Тука сум зошто сега за сега имам се што ми е потребно, сè што ме исполнува. 

Што најмногу ти се допаѓа од Русија , а што од Македонија?

Ја обожавам руската кујна, со нејзе сум израсната. Обожавам боршч (борщ) и оладји (оладьи), тоа се наши национални специјалитети. Имаме и домашна традиција да пиеме чај со мојата мајка, после ручек. Во Македонија ми се допаѓа тоа што се е релативно блиску, за разлика од Русија, и ми се допаѓа тоа што луѓето се многу поопуштени тука. 

Кои се твоите следни чекори на професионален план?

Во моментот вклучена сум во проектот „Танц со Ѕвездите“, тој ќе започне наскоро со емитување, се надевам ќе се задржам долго таму и ќе ги покажам своите танчерски квалитети на паркет. После овој проект секако ќе продолжам со снимање нови синглови.

Руско-македонски дует: Викторија Лоба и Роберт Билбилов - „Ти си виновна“ (2011). Музика и аранжман Р. Билбилов, текст Ивана Николовска. Спотот е снимен во Скопје и Охрид, а режиран од Алексаднар Ристевски - Принц.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња