Дванаесет руски модни правила

“Убавата облека сите врати ги отвора.” Оваа поговорка совршено кажува колку облеката им значи на Русите. Странецот го остава првиот впечаток преку облеката, означувајќи го својот социјален статус, како и емоционалната и психолошката состојба. Ако сте нов во Русија, би сакале да ве предупредиме во врска со неколку модни пропусти и да ве посоветуваме како да ги избегнете.

Не сте коњ, нели?

Која е најпопуларната атракција за странци во Москва? Црвениот плоштад, секако. Оваа е една од неколкуте области во градот во која е сочуван стариот тротоар поплочен со калдрма. Камењата немаат остри рабови, но размислете двапати пред да чекорите по нерамниот тротоар на Црвениот плоштад во потпетици на Кристијан Лобутен - ви претстои ризик да си ја шинете ногата и да доживеете голем стрес. Не би требало да носите ниту летни чевли со дрвени потпетици како кломпи - клопотот на вашите чевли (слично на клопотењето на коњски потковици) по тротоарот ќе биде погласен дури и од одѕвонувањето на познатиот часовник на Спаската кула во Кремљ.


Како да се облечете за на театар

Освен ако не сте поканети на прием кај некоја сопруга на олигарх, каде жените парадираат во својата брендирана гардероба и дијаманти, ако ја имитирате сцената од „Убава жена“ во која Џулија Робертс оди на опера, ќе изгледате смешно. Долгите фустаните кои допираат до земја не се многу популарни во Русија, а и не би сакале да ги изметете скалите на театарот со вашиот фустан, особено за време на валканата руска есен или зима. Ако одите на театар назима, понесете ги чевлите, па ставете ги во гардеробата, или пак, дојдете во чизми со високи потпетици. Гојзерки или крзнени чизми би биле несоодветни. Фустан или елегантен костум, високи потпетици или чизми и плик-чантичка ќе завршат работа. Кетрин Зита-Џонс и нејзиниот сопруг Мајкл Даглас, кои неодамна беа во посета на Мариинскиот театар, и двајцата беа убаво облечени за таа приггода - таа носеше елегантен црн фустан со должина до колениците, чевли и плик-чанта; тој носеше сив костум и вратоврска.


Не споредувајте се со коњот



Некои руски олигарси сакаат да позираат пред камерите во кежуал облека, џемпери и фармерки, расфрлајќи се со својот демократски стил, но како што вели латинската поговрка Quod licet Jovi non licet bovi (она што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на говедото). Според руската традиција, професионалец кој работи во канцеларија - дури и топ менаџер - не смее да дојде на работа во патики. Фармерките се дозволени, но само во петоците. Се смета дека луѓето треба да бидат соодветно облечени - од вратоврските па сè до чевлите, а соодветно и на околностите - бизнис костум за на работа, спортски алишта за во теретана, а во сауните - како од мајка родени. Затоа, ве молиме, изберете удобни, но елегантни чевли за на работа.


Дали е во ред да се носат сандали?

Иако Москва ја нарекуваат градот на седумте мориња, ќе видите дека морето се наоѓа во близина на неколку скапи спортски клубови или како имитација во бањите во изнајмените станови. Постојат неколку плажи, но повеќето се покриени со трева бидејќи се наоѓаат покрај речни крајбрежја или во близина на слатководни езера. Затоа, сандалите не се во мода таму. А и онака, топлата сезона кратко трае. На работа, дури и на најдемократските работни места, сандалите и апостолките се сметаат за знак на лош вкус и непристојност. Во големите руски градови, најдобри обувки за жените се чевли со рамни потпетици, мокасини или чевли со платформа, но не сандали. За мажите - мокасини и летни чевли.


Каде ви е шапката?

Дали сметате дека Русите ги измислиле крзнените шапки само за да изгледаат смешно во холивудските филмови? Сте чекале ли некогаш автобус во озлогласениот московски сообраќаен метеж на мраз кој гризе? Во таква ситуација би биле среќни да го дадете и последниот денар за традиционална крзнена шапка, а да не зборуваме за северните руски градови во кои температурата паѓа дури до -40 C. Сите руски деца знаат дека ако шетаат без шапки можат да добијат менингитис, кој предизвикува деменција, па дури и смрт. Затоа, грижливите родители секогаш им купуваат шапки на децата кои најчесто се од крзно. Ако невнимателниот чувар не забележи како паѓаат мразулците, крзнената шапка може да го ублажи ударот, давајќи му шанса да преживее.


Мраз или антифриз,

што е полошо?

Наизменичното замрзнување и одмрзнување за време на московските зими предизвикува натрупување мраз по улиците. Додека улиците во центарот се прскаат со хемикалии против замрзнување, некои патишта во предградијата се претвораат во вистински лизгалишта. Дури и девојките кои носат крзнени чизми паѓаат неколку пати во зима. Секако, може да се шетате низ градот носејќи планинарски чизми, но таквите обувки би изгледале мошне чудно во центарот на градот. Многу руси купуваат зимски чизми и одат во најблиската чевларница во која им лепат посебни ѓонови против лизгање на новите обувки, или пак, купуваат спрејови против лизгање. Сепак, немојте да бидете изненадени ако одите во ресторан на состанок со клиенти и ако видите дамки од боја на вашите чизми - овие атрактивни дамки се појавуваат поради тоа што на многу патишта се прскаат хемиски агенси против замрзнување. Спрејовите што не пропуштаат ќе ви ги заштитат чевлите, но само ако ги чистите и прскате редовно.


} Не носете многу топла облека

Иако Русите се шегуваат за својата клима велејќи дека зимата трае шест месеци и дека остатоткот од годината е лето, всушност, застапени се сите четири сезони. Пролетта ја чекаат со нетрпение - првите денови кога ќе затполи, Русите ги соблекуваат зимските алишта и облекуваат пролетни јакни. Русите имаат посебна облека за секое од четирите годишни времиња, а купуваат и алишта за периодите од едно кон друго годишно време. Па, така, снабдете се со водонепропустлив мантил, поздравете ја пролетта и не носете јакна подолго од Русите. Ако сте во Санкт Петербург, северната престолнина на Русија, бидете подготвени да ја поднесете променливата клима на градот, која се менува секој ден, па дури и секој час. Навистина, времето таму се менува дури и трипати дневно, без разлика дали се работи за лето или за зима. Во Санкт Петербург, луѓето носат облека во слоеви, се соблекуваат ако е премногу топло, а се облекуваат ако врне. За тука ќе ви требаат сите џемпери, дуксери, јакни и мантили.


Крзнените чизми се само за назима

Крзнените чизмите, кои го покорија светот, имаат многу обожаватели и во Русија, но тука се користат само како зимски чизми. Русите не можат да ги сфатат чудните холивудски ѕвезди кои носат вакви чизми лете во комбинација со шорцеви. Тука ако ги носите кога не е зима, ќе примамите чудни погледи од минувачите, а пријателите ќе ве прашаат „Зошто носиш чизми?“ Исто така, не е умно да ги купите овие чизми во Русија - има многу имитации, а оригиналните ќе ве чинат двапати или трипати повеќе одошто во Европа или во Америка.


Како да се облечете за в црква?

Ако влезете во православна црква облечени како жените од „Сексот и градот“ на погребот на еден познат моден креатор, тогаш ќе ве избркаат. Треба да се облечете скромно и да носите удобни чевли бидејќи богослужбите можат да траат подолго, па ќе мора да стоите. Во православните цркви нема клупи, а неколкуте што се поставени наспроти ѕидовите се наменети за постарите и за лицата со посебни потреби. Ако сте поканети да присуствувате на настан во православна црква, како што е крштевка, венчавка или погреб, треба однапред да мислите на вашата облека. За мажите е едноставно - не носете шорцеви, маици без ракави, тренерки или модерни, тесни фармерки. Мажите треба да носат обични костуми или панталони и кошула со јака, а мора да ја тргнат шапката веднаш откако ќе влезат во црквата. Жените треба да бидат повнимателни - од нив се очекува да ги покријат главите со шамија или шал (шапки и качулки се дозволени, но само ако не носите шамија); фармерки и панталони не се препорачуваат, па најдобро е да носите долго, широко здолниште и блуза со висока јака бидејќи блузите со отворено деколте се недозволени. Не ставајте кармин кога одите в црква, бидејќи можете себе си да се доведете во непријатна положба ако оставите црвен отисок кога бакнувате крст или икона, или пак, хартиена лента поставена на челото на умрениот. Исто така, не е дозволено да сте свртени со грб кон олтарот.


Ако ве покануваат дома

Не плашете се ако одите во посета и го видите домаќинот како одеднаш се нурнува во плакарот откако ќе се поздрави со вас. Не, нема да пие водка со вас пред врата, туку, едноставно ви бара влечки. Со мал број на исклучоци, Русите носат влечки дома, а понекогаш и на работа. Во летните периоди, вработените може да ги носат истите чевли цел ден, но во зима си чуваат посебен пар чевли на работното место. Дури и најубавите нозе мирисаат непријатно ако чувате зимските чизми во загреана просторија. Пред да настапи зимата, на вратите од многу канцеларии поставуваат знак со натпис „Ве молиме, избришете ги нозете!“ Ве молиме, почитувајте ја оваа молба. Зимите во Русија можат да бидат прилично снежни, а вашите чизми можат да внесат снежен нанос кој ќе се претопи во валкано вирче.


Како да се облечете за во сауна?

Ако ве поканат во сауна, не одбивајте ја поканата. На некој начин, ова е последниот тест за странците, или, пак, можност да разговарате за вашите проблеми со шефот или со некој чиновник. Но, и тука постои една посебна традиција. Сè што треба да понесете се влечки и шапка за бањање. Оставете го костимот за капење дома, нема да ви треба бидејќи во сауната може да се загрее и да се собере, а тоа не само што не е здраво, туку е и непријатно. Ако се појавите во костим за капење, шефот тактички ќе ви дофрли дека сите сме „еднакви во сауната“, т.е. голи. Во јавните сауни ќе ви дадат чисти крпи за да се покриете, доколку сакате. Ако сте поканети во приватна сауна, ќе добиете два пешкира, еден за лежење во собата со пареа кој можете и да го завиткате околу телото, а друг за бришење откако ќе се избањате. Од вас зависи дали ќе се плескате со врзопче од маслинови гранчиња или, пак ќе дозволите некој друг да ви го направи тоа. Во филмовите ова изгледа како мазохистички чин, но всушност, маслиновите гранчиња ја опуштаа кожата, помагајќи ѝ да ги издржи високите температури во собата со пареа. Не треба да се плашите од ова искуство бидејќи како прво - ќе има што да им раскажувате на внучињата за строгите руски обичаи - а како второ, дури по ритуалот во сауната ќе престанат да ве гледаат како претставник на туѓа култура.


Ранците оставете им ги на учениците

Мислите дека ранците се удобни? Навистина, практично е да носите ранец на грбот, но руските службеници тоа го гледаат како знак за ниска положба. Кога Русите ќе забележат човек во костум, со ранец, би се кладеле на целата месечна плата дека се работи за странец. Ако не сакате да се истакнувате, запомнете дека во Русија, само учениците и странците носат ранци. Кога сте во јавен превоз, треба да го симнете ранецот за да избегнете навреди и непријатни забелешки.



Извор на фотографии: PhotoXPress, Alamy/Photas, Legion Media, Восток-Фото, РИА Новости и Алексеј Смирнов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.