Висоцки или „Фала што си жив“

Првиот канал на руската телевизија на 25 јануари, на денот од 75-годишнината од раѓањето на познатиот руски кантавтор и актер Владимир Висоцки, на малите екрани во Русија и светот, ќе го прикаже филмот „Фала што си жив“. Филмот говори за таинствените настани што ѝ претходеа на смртта на Висоцки и е снимен во нешто помалку таинствена атмосфера.

Премиерата на филмот „Фала што си жив“ на големиот екран во 2011 година беше најзабележаниот филмски настан во Русија. Филмот ги опишува драматичните настани од јули 1979, поврзани со човекот кого го сакаше сиот СССР. 

Владимир Висоцки во придружба на организаторот на концертот, лекар, пријатели и на агенти на КГБ кои не го испуштаа од вид, тргнува на гостување во Узбекистан, во градот Бухару, каде треба да настапи пред партиската елита на републиката. Но, Владимир Семјонович веќе одамна има проблеми не само со алкохолот, туку и со наркотици, а неговите противници од КГБ се обидуваат да ги искористат овие околности за да делуваат против него. Со своите интриги постигнаа на Висоцки да му се слоши по концертот, тој паѓа во кома и во клиничка смрт. Во последен момент му даваат адреналинска инјекција во вратот и тоа му го спасува животот. До неговата смрт во 1980 му останува уште точно една година...


За македонски превод притиснете „CC“.

Идеен иницијатор на проектот е Никита Висоцки, синот на Владимир Семјонович, а филмот го режираше Петар Буслов, автор на филмовите „Бумер“ и „Бумер 2“, кои своевремено кренаа прав во јавноста. Снимањето на филмот се одвиваше во голема тајност и траеше речиси 5 години. Името на актерот што го игра ликот на Висоцки долго време беше држено во тајност. Неговиот лик е обликуван со помош на една маска од силикон и пластика, изработена со помош на компјутерска обработка на слика и со висока технологија. За изработката на маската-робот, што траеше 6 месеци, искористен е посмртниот отисок од лицето, земен во 1980 година. Ставањето на маската на лицето на актерот што го толкува ликот на Висоцки траело 4 до 6 часа секојдневно, а нејзиното симнување по снимањето одземало час и половина. Актерот на снимањето излегувал со маска на лицето, а на списокот за прозивка наместо неговото презиме било напишано „Висоцки“. На шпицата на филмот пишува дека Висоцки го толкува самиот Висоцки, а дека гласот му го позајмил неговиот син Никита.

Но, проникливите гледачи набргу сфатија дека ликот на Висоцки го толкува познатиот руски актер Сергеј Безруков. Претходно Безруков успешно ги толкуваше и ликовите на Пушкин и на Есенин во истоимените серии, што претставуваше предмет за шегување за тоа дека Безруков планира во иднина да ги толкува ликовите и на останатите големи имиња на руската култура. Популарниот актер Валентин Гафт дури и смисли виц на оваа тема, кој сега веќе стана многу познат: „Не е страшна смртта. Страшно е што потоа ќе те игра Безруков.“ 

Како и да е, околу ликот на Висоцки се крена прав, а тоа им годеше на продуцентите, со оглед на фактот дека во руските кина филмот заработи 27.4 милиони долари. Секако, за тоа покрај вештите маркетиншки потези придонесе и квалитетот на филмот, снимен во најдобрите манири на современата светска кинематографија. Дејствието е динамично, сцените се сликовити, напнатоста е непрекината, идејата и содржината се оригинални, а актерската екипа е извонредна: Оксана Акињшина, Андреј Панин, Андреј Смољаков, Владимир Иљин, Иван Ургант и др. 

Критиката, што е нормално, различно го оцени филмот: едни го истакнуваа извонредно прикажаниот лик и малку морничавиот впечаток кој од првите кадри го привлекува сето внимание со својата реалистичност, а други на авторот му поставуваа прашање зошто за снимањето е одбрана токму таа, прилично непријатна и неславна епизода од животот на овој голем човек. Во секој случај, „Фала што си жив“ е впечатлив настан во современата руска кинематографија, и секако е убава вест што милиони гледачи на „Првиот канал“ и на „Прв канал. Светска мрежа“ на 25 јануари ќе можат да го погледнат овој филм.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња