12-годишно момче со стихови заработува до 2.200 евра месечно

Олег Печерников. Извор: stihi.ru

Олег Печерников. Извор: stihi.ru

Младиот московјанин Олег Печерников навечер им рецитира на минувачите стихови и им ги продава своите книги.

12-годишниот Олег Печерников се издржува себеси, мајка си и својата помлада сестра. Навечер тој рецитира стихови и ги продава своите стихозбирки на Стариот Арбат, на Манежниот плоштад или во Александровската градина. Олег самиот си го платил печатењето на своите две книги и речиси има заработено за третата. Тој вели дека сака да стане поет, не сака да комуницира со своите врсници и не верува во Дедо Мраз. 

Во 6 часот навечер Олег доаѓа во центарот на Москва. Тој им приоѓа на луѓето и им ја рецитира својата стихотворба „Јас сум идниот Пушкин!“. Додека минувачите вадат пари за да го наградат момчето, тоа им нуди да ги купат неговите стихозбирки, книжулиња со мека подврска со стихови и цртежи, едната чини 150, а другата 200 рубли. „најчесто им приоѓам на младите парови. Неколкупати ме караа, ми велеа дека моите родители треба да заработуваат. Не паметам што им одговарав. Ништо.“ – вели Олег. Дневно тој заработува од две до пет илјади рубли. Понекогаш луѓето му даваат многу повеќе одошто чинат книгите. Налето младиот поет заработува околу 90 илјади рубли ( месечно, а назима приходот е помал.

Од творештвото на Олег Печерников

 

Јас сум идниот Пушкин, со есенински ветувања!

Можеби ќе бидам Блок или Бродски?

Не ми требаат поклони, фалби и восхитувања

Не ми требаат тие совети идиотски!

Ќе станам поет!.. Ме боли душата моја!..

Нека стихот се пролее ко немирна река!

И нека сум дете! Гледајте си ја работата своја!

Кога немам рима, знам возбуда ме чека.

Олег завршува со работата во 11 часот навечер и заедно со мајка си и со 8-годишната сестра Саша, кои се секогаш со него, заминуваат дома. Пред неколку години тој со мајка си одел со својата посра сестра Полина. Таа свирела на виолина на Стариот Арбат. Од парите што таа ги заработила, семејството купило еднособен стан близу метро-станицата „Варшавска“ и се отселило од комуналниот стан. Полина сега има 19 години, пред две години се омажила и започнала одвоен живот. Нејзиното место на Арбат го зазел Олег.

На почетокот тој исто така свирел на виолина. Пред две години започнал да им рецитира стихови на минувачите и да им дели визит-карти на кои било напишано дека тој собира пари за издавање стихозбирка. Момчето собрало пари за првата стихозбирка, а потоа и за втората. За третата книга со тираж од 300 примероци потребни се 17 илјади рубли (25 000 денари). Олег вели дека речиси ја собрал потребната сума.

Олег не оди на училиште. Неговата мајка Елена Печерникова вели дека кога Олег имал две години паднал од горниот дел на двокатниот кревет, ја удрил главата и до шест години не зборувал. Но, според неа, потресот кај него пробудил поетски талент. „Ми читав стихови од Барто, Маршак, раната поезија на Пушкин, Есенин. И некако тоа се складирало во неговата глава“, - вели Елена. На осум години Олег тргнал на училиште, но односите со учителката не им биле добри, па затоа мајка му решила да го префрли на домашно образование. Постарата сестра Полина исто така учела дома. Помладата сестра Саша има проблеми со говорот и исто така не оди на училиште.

Немам пријатели меѓу врсниците, повеќе сакам да комуницирам со возрасните. Тие се попаметни.

„Немам пријатели меѓу врсниците, повеќе сакам да комуницирам со возрасните. Тие се попаметни“, - вели Олег. На прашањето дали би сакал да биде обично дете, да шета со другарите низ маалото и да не се грижи за пари, Олег одречно врти со главата: „Ми се допаѓа да сум талентиран. Сакам да пишувам стихови, да ги восхитувам луѓето, да измислувам нешто. Јас си имам свој измислен град Гринтаун. Тоа е обичен град, сличен на нашиот стан“, - вели Олег. И додава дека сака да собере пари за одделен стан, зашто му е тесно да живее со мајка си и со сестра си во еднособен стан.

Од творештвото на Олег Печерников

 

Заминувам дома, одам и спијам ко кутре.

Изморен сум многу. Цела вечер свирев за вас!

Премногу работев и три илјади спечалив јас!

Во продавница хеликоптер ќе купам утре!

И кола ќе купам, но треба уште да спечалам.

Елена Печерникова сама ги воспитува децата. Таа дава часови по солфеж, но заработува малку. „За Олег направив сè што можев, го носев, го доев. Сега повеќе ништо не можам да му дадам, освен потопло да го облечам. Многу би сакал син ми да има покровител, кој би му помогнал да се пробие во животот“, - вели Елена.

Последен пат Олег ги продаваше своите стихозбирки на Манежниот плоштад. Беше ладно. Луѓето на кои им приоѓаше застануваа без мерак. Покрај него сноваат високи кукли и подгрбавени Дедо Мразовци.

- Олег, веруваш во Дедо Мраз?

- Не, никогаш не сум ни верувал.

- Можеби имаш некоја заветна желба?

- Не знам, не. Сакам шмајзер, да пукам со куршуми.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња