Празнување на Станиславски и на неговиот метод

Константин Станиславски. Извор: РИА Новости.

Константин Станиславски. Извор: РИА Новости.

Една од највлијателните личности на светот што некогаш живеела во Москва е актерот, режисерот и театарскиот пионер Константин Станиславски. Неговиот прирачник „Подготовка на актерот“ објавен во 1936, две години пред неговата смрт е стандарден учебник за студентите по глума низ целиот свет. Неговиот познат метод кој промовира натуралистички стил на глумење и кој денес го земаме здраво за готово, се отцепил од крутата традиција на театарот на деветнаесеттиот век.

На 22 јуни 1897, Станиславски одржал целовечерен состанок со Владимир Немирович-Данченко кој довел до формирањето на Московскиот уметнички театар. Стариот ресторан “Славјански базар” на улица Никољскаја, каде се среќавале во 2 часот попладне не постои веќе, но театарот што ќе настане како резултат на фамозната вечера сè уште цврсто стои неколку улици подалеку од улицата Камергерска. Една година подоцна, на 14 јуни 1898, друштвото се среќава на првата проба во блискиот град Пушкино. Поздравниот говор на Станиславски ги поттикнал членовите на екипата да ги посветат своите животи на создавање на „првиот рационален, морален и достапен театар“.

Златни и сребрени конци

Помеѓу трговските семејства што го олесниле големиот креативен процут во Русија во деветнаесеттиот век, биле Алексееви, текстилни магнати чија специјалност била производство на златни и сребрени конци. Куќата во која се родил Константин Алексеев (подоцна познат како Станиславски) во 1863 била голема, неокласична палата. Се наоѓа на улица која го носи името на Александар Солженицин, близу Таганка, во редица со елегантни куќи на останатите богати трговски семејства.

На следната улица, разбирливо преименувана во улица Станиславски, прекрасната фабрика од црвени тули на Алексееви е трансформирана во канцеларии. Вреди да се истражи оваа област, и тоа не само поради невообичаено префинета и со вкус изработена модерна архитектура.

Главната фабрика датира од 1912, а во неа сега постои кафуле во отвореното приземје. Ламбите се направени да личат на калеми од сребрени конци, суптилно да потсетуваат на првичната задача на фабриката. Во една од канцелариите на горниот кат има гигантска проѕирна верзија на познатата фотографија од пробното читање на „Галебот“ поставена на прозорец од рамно стакло. Станиславски, седнат до драматургот Антон Чехов, опкружен е од останатите членови на Московскиот драмски театар. Во дворот, зад фабриката, една од постарите, раскошни згради претворена е во студиски театар во 2008. Станиславски работел тука во осумдесеттите години од 19 век и на ова место го основал својот прв театар како дел од Друштвото за литература и уметност. Според новиот директор на студиото, Сергеј Женовач, „Станиславски го создал овој театар за да ги спречи работниците да пијат во слободно време“.


Го започнав животот во време кога постоеше големо заживување во сферите на уметноста, науката и естетиката. Во Москва ова се должеше на младите трговци кои не беа заинтересирани само за бизнис, туку и за уметност.

К.С. Станиславски

Судбината ми беше наклонета

Станиславски не заборавил дека израснал во привилегирана средина.„Судбината ми беше наклонета“, напишал во својата автобиографија „Мојот живот во уметноста“: „Го започнав животот во време кога постоеше големо заживување во сферите на уметноста, науката и естетиката. Во Москва ова се должеше на младите трговци кои не беа заинтересирани само за бизнис, туку и за уметност.” Претприемачот Сава Морозов донирал 500.000 рубли за да го постават Московскиот уметнички театар.

Семејството Алексееви не ја одобриле професијата актер како вокација за нивниот син, што го натерало Станиславски да си го промени името во 1844, но, сепак, ја поддржувале неговата љубов кон театарот. Тој пораснал во една цутечка традиција на драмскиот аматеризам. Семејниот имот на Љубимовка со својот амбарски театар е многу запоставен, но можете да видите негова реконструкција заедно со изложбата за младиот Станиславски на горниот кат во музеј-куќата на улица Леонтјевска.

}

Станиславски ќе напише дека многу елементи од неговиот метод се инспирирани од делото на Шаљапин.

Не во гимназијата

Малиот театар - помалата жолта зграда до Бољшој театар - одиграл важна улога во развојните идеи на Станиславски. Во своите мемоари напишал: „Малиот театар го дефинира нашиот духовен живот...можам со сигурност да кажам дека своето образование не го добив во гимназијата, туку во Малиот театар.“ Истовремено се бунтувал против мимикријата и мелодрамата на театарската конвенција, напуштајќи го Московското театарско училиште. Оперскиот пејач Фјодор Шаљапин извршил значајно влијание врз Станиславски. Пеејќи во Приватната опера што ја финансирал бизнисменот Сава Мамонтов, Шаљапин пеел со голема емоционална моќ и автентичност. Станиславски подоцна ќе напише дека многу елементи од неговиот метод се инспирирани од делото на Шаљапин.

Претстава за моќта и опсежноста на репертоарот на Шаљапин може да се добие ако се посети неговата музеј-куќа на Садовое кољцо. На горниот кат се наоѓа галерија со костими и фотографии.

Војувајќи против рутината

Московскиот уметнички театар првпат бил отворен во градината во Ермитаж со репертоар кој опфаќал класични драми од Шекспир и Софокле, и секако, Чеховиот „Галеб“. Премиерата на „Галеб“ во Санкт Петербург во империјалното доба поминала катастрофално, така што Чехов се двоумел за неговото репризирање, но Немирович-Данченко му пишал, објаснувајќи му како нивниот нов театар бил полн со „млади таленти“ кои „војувале против рутината“. Драмата била толку успешна што сите во публиката инсистирале на авторот да му биде пратена телеграма со честитка.

Во музејот над МХАТ на улицата Камергерска можете да ја проследите долгата традиција на театарот од својот настанок па сè до турбулентниот 20 век.

По сè што преживеавме

Во музејот над МХАТ на улицата Камергерска каде бил преместен театарот во 1902, можете да ја проследите долгата традиција на театарот од својот настанок па сè до турбулентниот 20 век.

Во едно писмо од 1923, Станиславски се пожалил дека театарот станува сè повеќе и повеќе озлогласен како буржоаска институција (малку иронично со оглед на своите радикални почетоци). „Мислеа дека пливаме во пари“, вели тој „а, всушност, должни сме до гуша“. Драмите на Чехов и на останатите интелектуалци станаа популарни меѓу „руските емигранти и американските капиталисти“, па, токму и поради таа причина станаа помалку популарни кај советските власти. Вистината е, дека во тој период, Станиславски бил разочаран од бесконечните продукции на драмите на Чехов.

„По што преживеавме“, се вели дека му дал забелешка на Немирович-Данченко во врска со „Трите Сестри“, „не може, а да не заплачеме поради тоа што еден офицер си заминува и ја напушта својата дама“.

Некаде во тоа време Станиславски се вселил во својата палата од 18 век на улица Леонтјевска каде ги поминал последните години од својот живот. Куќата, сега, е прекрасен музеј со насликани тавани, мебел од резбано дрво и моќна атмосфера. Во секоја соба има објаснувања на англиски јазик.

Стилизираниот амблем во ар-деко стил, дизајниран од Фјодор Шектел, ги краси гробовите на многу членови на МХАТ, погребани на Новодевичите гробишта.

Под знакот на галебот

По почетниот триумф галебот станал заштитен знак на театарот.

Стилизираниот амблем во ар-деко стил, дизајниран од Фјодор Шектел, ги краси гробовите на многу членови на МХАТ, погребани на Новодевичите гробишта. Гробот на Станиславски се наоѓа веднаш зад Чехов, во истиот ред.

Наследството на Станиславски живее во Москва, а и пошироко. Постојат три театри што го носат неговото име, а што и уште поважно, неговите техники кои имаат за цел да продуцираат психолошки убедливи ликови, никогаш не излегуваат од мода.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња