Пушењето ќе се казнува и во Русија

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Од следната година за пушење на јавни места ќе се изрекуваат казни во висина од три илјади рубли. Ова е најновата иницијатива на Државната дума. Амандманите во Законот за административни прекршоци, со кои се предвидени овие казни, можат да бидат прифатени во текот на следниве месеци.

Според планот владата има рок за прифаќање на амандманите до 2013 година, изјави за „Росијскаја газета“ претседателот на комитетот за зачувување на здравјето на Државната дума Сергеј Железњак.

„Документите во овој момент се речиси целосно подготвени и мислам дек законот може да биде поднесен на разгледување од страна на пратениците веќе кон крајот на февруари“, - смета Железњак.

За пушење на забранети места ќе бидат казнувани како физичките, така и правните лица. Ова значи дека казна ќе плати и пушачот и сопственикот на локалот, во кој не се почитувале правилата.

Притоа, како што дознава Росијскаја газета од извори во Државната дума, списокот на места на кои ќе биде забрането пушењето ќе биде точно определено. На пример, нема да може да се пуши во рестораните, во кафулињата, во медицинските установи, во продавниците, транспортните средства, а исто така и на други места, кои не се наменети и не се специјално опремени за пушење.

Нема да може да се пуши во

  • рестораните
  • кафулињата
  • медицинските установи
  • продавниците
  • транспортните средства

„Опремувањето на соодветни места за пушачите ќе зависи од желбата на сопственикот. Во исто време, во влезовите на станбените објекти, на пример, никој нема да го обврзува куќниот совет да прави „соби за пушење“, - додаде пратеникот.

Големината на казната ќе се движи од 1.5 до 3 илјади рубли (2250-4500 денари). „Основата за определување на висината на казната што ќе ја изрече полицаецот, ќе зависи од тежината на прекршокот.

Секако дека ако запалите цигара во ресторан надвор од просторијата за пушење е една работа, а, да кажеме, ако запалите во ходникот на градинка, во поликлиника или на бензинска станица, е сосема друга“, - додаде Железњак.

Треба да се додаде дека казните што ќе се применуваат во Русија не се максимални во светската практика. Во Сингапур за нарушување на овој закон би платиле од 5 до 12 илјади рубли, а во Обединетите Арапски Емирати две илјади.

Во Европа, пак, законите за пушачите се многу построги. Така, во Германија или во Велика Британија за палење цигара на јавно место паричникот може да ви биде олеснет и за 1000 евра. Доколку во Италија ви се припуши во ресторан, таквото задоволство ќе ве чини 200 евра, плус дополнителни 2000 евра казна за сопственикот на локалот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.