Сите животни од САД чие месо се извезува во Русија, одгледани се со рактопамин. На фотографијата: свиња од американската држава Ајова. Извор: babasteve/ Flickr.
Во декември минатата година, практично е прекинат увозот на месо во Русија од САД, Канада, Бразил и Мексико. Федералната служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола („Росселхознадзор“) забрани увоз на месо од животни одгледани со примена на рактопамин, распространет сточен адитив. На овие мерки најбурно реагираа САД, за кои Русија е важен пазар за извоз на месо (шести во светот), вреден околу 500 милиони годишно.
„Роспотребнадзор“ на 6 октомври 2011 година прв пат јавно го изнесе ставот дека е недозволива примената на рактопамин во производството на прехранбените производи за рускиот пазар. Тогаш оваа служба изрази загриженост во врска со користењето на споменатиот препарат во бразилските компании кои испорачуваат месо во Руската Федерација.
За надминување на овој проблем, делегација од Русија во текот на една година, неколку пати го посети Бразил. Последна таква посета беше оваа есен, со што руската служба соопшти дека за конечната одлука за обновување на увозот на месо од Бразил неопходно е да се проучат документите кои бразилската страна ги дала на увид.
Според податоците на Американската федерација на извозници на месо, за девет месеци во 2012 година, остварен е извоз на свинско месо од САД во Русија во вредност од 208 милиони долари, што е за 14% повеќе од истиот период минатата година. Испорачката на говедско месо во истиот период порасна за 25% и изнесува 242 милиони долари.
Бета адренергинскиот агонист рактопамин, се користи како адитив во храната за свињи и крупна рогата стока. „Росселхознадзор“ тврди дека употребата на такво месо штетно влијае на кардиоваскуларниот систем. Русија всушност не воведува забрана за увоз на месо, туку бара да биде пропратен со документација која потврдува дека животните не се хранети со рактопамин.
Меѓутоа, во САД не постои таков сертификат, па во однос на ваквото барање, значи прекин на извозот на производите, објасни портпаролот на Американската федерација на извозници на месо Џо Шиле, а неговите зборови ги цитира Wall Street Journal.
За земјите во кои не се врши соодветна експертиза „Росселхознадзор“ најавува преоден период , приближно до крајот на јануари 2013 година. За тоа време, руските лаборатории сами ќе го проверуваат присуството на рактопамин во увезеното месо, контигентот во кој ќе биде пронајден, ќе биде вратен на произведувачот.
Руските лаборатории сами ќе го проверуваат присуството на рактопамин во месото од земјите во кои не постои соодветна експертиза. Контингентот во кој ќе биде пронајдено рактопамин ќе биде вратен на произведувач.
„САД апелираат на Русија да ги укине новите ограничувања и повторно да овозможи увоз на свинско и говедско месо од САД“, се вели во заедничкото соопштение на министерот за земјоделие на САД, Том Вилсак и претставникот на САД Рон Кирк. Министерството за земјоделие на САД преговараше со руската служба и притоа се повикува на „Кодекс Алиментариус“ – документ на Светската здравствена организација во кој се дозволува незначително мало присуство на рактопамин во месото. Документот во јули 2012 година го усвоија претставници на 186 земји, додека во Русија и Европската унија биле против неговото усвојување.
Учесниците на пазарот и експертите веднаш ја поврзаа оваа одлука на „Росселхонадзор“ со политика. „Овие барања од руската страна се политичка освета за ‘Законот Магнитски’ кој го усвои сенатот на САД “, цитира агенцијата ИТАР–ТАСС неименувани аналитачари на Американската федерација на извозници на месо. „Апсолутно нема никакви дилеми дека тоа е токму така“ ја цитира агенцијата Ројтерс изјавата на Ричард Нелсон, шеф на одделението за стратешка анализа на брокерската фирма Allendale Inc. „Мојата прва реакција на таа одлука на Москва беше обид да разберам колку е тоа поврзано со геополитиката и во која мера Русија пробува да ги реши поллитичките прашања со притисок врз нашите џебови“, истакна од своја страна Мајк Зузоло, претседател на компанијата Global Commodity Analytics & Consulting.
Еден ден пред воведувањето на оваа забрана американскиот сенат со дури 92 гласа „за“ и само 4 гласа „против“ го усвои „Законот Магнитски“. Од овој акт голем број руски граѓани се загрижени за влезот во територијата на САД, како и финансиското оперирање во таа земја.
Русија се обидува да ги реши политичките прашања со притисок на нашите џебови.
Мајк Зузоло, претседател на американската компанија Global Commodity Analytics & Consulting
„Росселхонадзор“ уверува дека „Законот Магнитски“ нема никаква врска со забраната. „’Росселхонадзор’ смета дека би било убаво да се потсетиме дека тој пред повеќе од една година укажал на неприфатливата примена на рактопамин во производството на прехранбените производи за рускиот пазар“, се вели во специјалното соопштение на оваа служба.
Цените на фјучерс свинското месо на Чикашката берза во петокот падна за 1,4% и достигна двонеделен минимум. „За пазарот тоа се лоши вести“, вели Џон Клејст, висок аналитичар на брокерската компанија Ebottrading.com. „Кај нас (во САД) на пазарот ќе има повеќе од овие производи, но сепак нема да се појави вишок на свинско месо“, уверен е Стив Мејер, специјалист за пазарот на свинското месо од агенцијата Paragon Economics. „Ако Јапонија го прекине увозот, тогаш би настанал проблем“. Јапонија е најголем увозник на американското свинско месо, која од САД увезува четири пати поголемо количество свинско месо од Русија.
На листата земји од кои Русија увезува свинско месо, САД се на четвртото место. Инаку, увозното свинско месо вкупно сочинува третина од рускиот пазар на свинско месо.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче