Како Русија и Белорусија се борат со демографската криза

И Русија и Белорусија на почетокот на 2000 г. ја прогласија демографијата за еден од приоритетните правци на внатрешната политика. Извор: БЕЛТА.

И Русија и Белорусија на почетокот на 2000 г. ја прогласија демографијата за еден од приоритетните правци на внатрешната политика. Извор: БЕЛТА.

Демографијата е една од приоритетните области на внатрешната политика на Русија и на Белорусија. Овие две земји избраа различни стратегии и набргу потоа постигнаа мошне интересни резултати. Како Русија го скроти негативниот природен прираст, а како Белорусија постигна помала смртност на новороденчиња од Шведска? Што се планира за во иднина?

На заедничкиот состанок на колегиумот министри од Русија и од Белорусија во Минск за првпат се собраа претставници на четири министерства. Тема на дискусијата беше демографијата, една од приоритетните области на внатрешната политика на Русија и на Белорусија. 

И Русија и Белорусија на почетокот на 2000 г. ја прогласија демографијата за еден од приоритетните правци на внатрешната политика. Во тој период веќе престанаа да се чувствуваат ефектите на дејствувачкиот комплекс мерки, кои во 1981-1985 беа применувани во Советскиот Сојуз со цел да стимулираат раѓање на поголем број деца во семејствата (благодарение на овие мерки во Русија, на пример, се родени 5-6 милиони деца „над нормата“).

Смртноста на новороденчињата во Белорусија изнесува 3,4 промили, што е помалку отколку во Шведска. „Нашата земја е мала и ние се бориме за секој живот“, вели министерот за здравство, Василиј Жарко.

За време на „несреќните деведесетти“ демографската состојба беше катастрофална: бројот на родени (наталитетот) беше понизок од кога и да е, а бројот на умрени (морталитетот) драстично се покачи. Русија и Белорусија мораа да најдат решение за овој погубен расчекор меѓу морталитетот и наталитетот. Поволната околност се состоеше во тоа што бројната генерација од осумдесеттите почна да формира семејства, а набргу се стабилизираше и економската состојба. Требаше да се повлечат паметни потези што би го активирале демографскиот процес. Русија и Белорусија избраа различни стратегии и набргу постигнаа мошне интересни резултати. На колегиумот на министри, стручњаците едногласно се сложија дека имаат што да научат едни од други. 

Првата фаза во реализацијата на својот концепт за унапредување на демографската состојба Русија ја започна пред пет години, кога состојбата беше прилично бедна: природниот прираст беше негативен и изнесуваше 900 илјади на годишно ниво, стапката на вкупниот фертилитет (просечен број на живородени деца на една жена во репродуктивна возраст) беше само 1,2-1,3, додека морталитетот беше енормно висок, особено меѓу работоспособните мажи. Но, денес негативниот природен прираст практично е сведен на нула, вели Олга Самарина, директор на одделението за демографска политика и социјална заштита при министерството за труд и социјална политика на РФ: „Во федералните единици на Русија е регистриран позитивен природен прираст, бројот на родени порасна за над 20%, така што стапката на вкупниот фертилитет сега изнесува 1,6. Веќе имаме 143 милиони жители, иако планиравме ова да го постигнеме дури во 2015 година“.

Поволната околност се состоеше во тоа што бројната генерација од осумдесеттите (во голема мера како резултат на дејствувачкиот комплекс мерки што во периодот 1981-1985 беа применувани во Советскиот Сојуз, со цел да стимулираат раѓање на поголем број деца) почна да формира семејства, а набргу се стабилизираше и економската состојба.

И во Белорусија во текот на последниве неколку години е намален расчекорот меѓу наталитетот и морталитетот. Ако ги споредиме демографските показатели за 2011 и за 2012 година за периодот од јануари до септември, ќе видиме дека во Белорусија оваа година имало речиси 4 илјади новороденчиња повеќе, додека морталитетот е намален за 8,2 илјади. 

Кога станува збор за очекуваниот животен век, во обете земји тој е продолжен во просек за 2 години. 

Интересно е што по прашањето за планирање на идните мерки, Русија и Белорусија веќе сега, во извесна смисла, ги заменија позициите. На пример, Русија со право е горда на мајчиниот додаток, кој е главен адут во низа демографски мерки, кои имаат цел да ја поддржат желбата на семејствата за второ дете. А, за родителите да не запрат тука, во 70 региони на Русија од неодамна е воведен и регионален додаток. Освен тоа, од јануари 2013 во 50 федерални единици во кои наталитетот сè уште не е на задоволувачко ниво, за секое трето дете до навршување на неговата трета година од животот ќе биде исплатувана посебна помош во износ од минималниот личен приход. 

Белорусија, од друга страна, на почетокот ги поддржуваше сите семејства со најмалку три деца. На овие семејства, покрај другото, овозможена им е значителна поддршка од страна на државата со цел за неколку години да се стекнат со сопствен станбен простор. Сега, пак, Белорусија, следејќи го примерот на Русија, има намера најмногу внимание да им посвети на семејствата со две деца, а, исто така, се размислува и за воведување семеен додаток, што би била белоруска варијанта на мајчиниот додаток.

Денес во Русија негативниот природен прираст практично е сведен на нула. Веќе имаме 143 милиони жители, иако планиравме ова да го постигнеме дури во 2015 година. 

Русија, од своја страна, е заинтересирана за еден друг аспект. Денес смртноста на новороденчињата изнесува 3,4 промили, што значи дека е пониска одошто, да кажеме, во Шведска. Ова е најдобар резултат на територијата на поранешниот Советски Сојуз. „Нашата земја е мала и ние се бориме за секој живот“, истакна министерот за здравство Василиј Жарко. Во Белорусија е воспоставен четворостепен систем на давање пренатална помош и реновирани се 19 породилни сали, што им овозможи на лекарите поквалитетно да реагираат веќе во првите моменти на животот на децата. Во Русија со толку ниско ниво на морталитет кај новороденчињата можат да се пофалат само 10-15 региони, иако во последниве 6 години во цела Русија е забележан тренд на опаѓање кога станува збор за смртноста на доенчињата. 

И двете земји создадоа долгорочни планови на полето на унапредување на демографската состојба. Но, демографските процеси, кои денес ги определуваат сите други аспекти на внатрешната политика, се толку чувствителни што меѓусебното усогласување во оваа област сосем сигурно ќе биде потребно и понатаму. Тоа значи дека „големиот совет“ од четирите министерства ќе продолжи да организира вакви настани.


 

Досие на Сојузот на Русија и Белорусија

Концептот на демографската политика на Русија до 2016 предвидува:

  • стабилизација на популацијата на приближно 142-143 жители;
  • очекуваниот животен век да биде продолжен до 70 години;
  • стапката на вкупниот фертилитет да се зголеми за 1,3 пати во однос на 2006, кога таа изнесувала 1,2-1,3. 

До 2025 планирано е да се постигне:

  • број на жители: 145 милиони;
  • очекуван животен век: 75 години. 

Националната програма за демографска безбедност на Белорусија до 2015 предвидува:

  • популацијата да порасне до 9,44-9,45 милиони жители;
  • стапката на вкупниот фертилитет да се зголеми на 1,55-1,65;
  • очекуваниот животен век да се продолжи на 72-73 години.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња