Според традицијата, часовникот на московскиот Кремљ го најавува крајот на старата и доаѓањето на Новата година. Извор: Росијскаја газета.
Во Русија 2012 година како ниту една друга беше исполнета со настани од стратешко значење. Москва се соочи како со глобални, така и со внатрешно-политички предизвици.
Владимир Путин: уште без конкуренција
Претседателските избори во 2012 секако беа главен настан во политичкиот живот на Русија. И покрај тоа што на нив, како и што предвидуваа аналитичарите, победата ја однесе Владимир Путин, сепак резултатите од гласањето донесоа низа изненадувања. Главното изненадување беше Михаил Прохоров, кој го зазеде третото место, иако како ново лице на политичката сцена го сметаа за аутсајдер. Аналитичарите го објаснија тоа како потреба на општеството за политичар од нов ков.
Навистина, оваа потреба засега е актуелна само за жителите на големите градови. Популарноста на Путин малку опадна минатата година, но тој и понатаму е многу попопуларен од своите конкуренти. Минимумот на неговата популарност (37%) беше забележан во август, но веќе есента тој показател се врати на 45-50%.
„Есенскиот пораст на популарноста на претседателот по привремениот пад е поврзан со ефектот на октомвриските изборни кампањи со кои Кремљ постигна успех“, објаснува Валериј Фјодоров, генерален директор на Серускиот центар за проучување на јавното мислење (ВЦИОМ), и додава дека мошне големо влијание на довербата на жителите има прекорот на претседателот упатен кон тројца министри, како и почетокот на борбата против корупцијата. На општеството уште му треба водач со „цврста рака“, заклучуваат експертите. А Путин засега е еден од малобројните политичари кои го исполнуваат овој критериум.
Опозицијата: постои незадоволство, не постои решение
Уличните протести во исто време беа изненадувачки и неизненадувачки. За само неколку месеци на опозициската политичка сцена се појавија нови лица (како што е Алексеј Наваљни) кои успеаја да изнесат на улица десетина илјади луѓе, што претходно никому не му одело од рака. Аналитичарите токму со оваа појава го поврзуваат фактот што власта се решила на ублажување на изборниот закон и поедноставување на системот за регистрирање политички партии.
Опозицијата е уште разединета и нема јасна политичка програма.
До првиот инцидент дојде на самиот ден на парламентарните избори, 4 декември 2011, кога опозицијата, незадоволна од процесот на пресметување на гласовите, вечерта излезе на улиците на Москва. Веќе следниот ден на московските улици излегоа десетици илјади луѓе.
Во текот на следните шест месеци опозицијата спроведе низа масовни акции кои имаа одек во јавноста: митинг на авенијата Сахаров, „бел прстен“ и фамозниот митинг на 6 мај, кој заврши со судири со полицијата.
Благодарение на реформите веќе на октомвриските регионални избори, покрај четирите политички „грдосии“ како што се комунистите или Единствена Русија, учествуваа и десетина нови партии. Сепак, новите политички играчи засега не можат да ги задоволат потребите на избирачите, зашто опозицијата е уште разединета и нема јасна политичка програма. Во сите најважни градови и области опозицијата изгуби на регионалните избори, но експертите се уверени дека вистинската борба претстои.
Корупција: крадењето е поопасно од тероризмот
„Ниту вооружените сили на НАТО со своите ракети, ниту меѓународниот тероризам, ниту сепаратистичките тенденции за Русија не претставуваат толку голема опасност, колку корупцијата“, уверен е Константин Ремчуков, главен уредник на опозицискиот весник „Независимаја газета“. Навистина проблемот со корупцијата, како и секогаш, го зазема првото место на списокот негативни појави за кои опозицијата ја обвинува власта.
Ниту вооружените сили на НАТО со своите ракети, ниту меѓународниот тероризам, ниту сепаратистичките тенденции за Русија не претставуваат толку голема опасност, колку корупцијата
Константин Ремчуков
Но, во 2012 година власта реагираше на корупцијата многу поостро одошто порано. Првпат во руската историја се случи неколку високи функционери да бидат сменети едно по друго заради корупциски афери. Најголем одек во јавноста имаше смената на министерот за одбрана Сердјуков, кого експертите отсекогаш го сметаа за еден од најпреданите соработници на Путин. Но, сепак, дури и тој остана без својата фотелја по аферата со кражба за време на распродавањето на воениот имот. Според мислењето на експертите, Кремљ смета дека борбата против корупцијата може да стане нова идеја што ќе ја обедини нацијата.
Освен тоа, во 2012 е сменет и Јуриј Урличич, генерален конструктор на системот ГЛОНАСС. Според зборовите на шефот на претседателскиот кабинет Сергеј Иванов, за време на реализацијата на овој проект украдени се 6.5 милијарди рубли (210 милиони евра). Не помина без афера дури ни самитот на Организацијата на азиско-пацифичката економска соработка во Владивосток, кој беше еден од најважните настани во 2012 година во Русија. Правосудните органи тврдат дека за време на подготовките на овој самит се украдени 93 милиони рубли (3 милиони долари) и дека во таа проневера е вмешан поранешниот заменик-министер за регионален развој Роман Панов. Крадци се откриени дури и во антикорупциската управа на московската полиција. Службениците на оваа управа Лев Глухов и Андреј Љавкин се обвинети за кражба на 3 милиони долари.
Надворешна политика: свртување кон Истокот
Претседателот недвосмислено даде на знаење дека помеѓу стабилната Кина и Еврозоната која е во криза, тој го избира азискиот партнер.
Од претседателските избори најактуелно и најчесто поставувано прашање во експертските кругови е проблемот на геополитичкиот избор на Русија: Азија или Европа. Во изминатата половина година стручњаците ги анализираа претседателските посети, правеа прогнози, правеа економски пресметки за обемот на трговија со Европската Унија и со земјите од Азиско-пацифичкиот регион. Септемврискиот самит на Организацијата на азиско-пацифичката економска соработка, со кој претседаваше Русија потврди дека целта на Русија е зближување со Кина. Претседателот истакна дека преориентацијата кон источните партнери е веќе во тек и дека „не мора да се поттикнува по вештачки пат“.
Тезата за изборот на азискиот вектор е потврдена и за време на октомвриското заседавање на дебатниот клуб „Валдај“. Претседателот недвосмислено даде до знаење дека помеѓу стабилната Кина и Еврозоната која е во криза, тој го избора азискиот партнер. Во план за наредниве години е зголемување на размената на стока помеѓу Москва и Пекинг на 100 милијарди долари на годишно ниво и премин на пресметка во националните валути.
Впрочем, зближувањето со Кина не е единствена ставка во азиско-пацифичката стратегија на Москва. Една од клучните цели на Русија е во што поголема мера да се реализира потенцијалот на земјата која претставува мост меѓи Далечниот Исток и Европа. „Огромен и засега секако недоволно искористен потенцијал на нашата земја, која зазема приближно една третина од Евроазискиот континент, се крие во нејзините транспортни и транзитни можности“, изјави Дмитриј Медведев наспроти Азиско-европскиот самит (АСЕМ) во Лаос.
Русија и СТО: 19 години чекање
Првата пријава за членство во Светската трговска организација (СТО) Русија ја предаде уште во 1993, но беше примена дури во август 2012. Но, меѓу стручњаците сè уште не престанува спорот за тоа дали стапувањето во СТО е правилен потег.
Експертите на Светската банка позитивно го оценуваат стапувањето на Русија во СТО. Според нивните прогнози, во долгорочна перспектива руската економија може да забележи раст од 11%, за што пред сè ќе придонесе поголемата продуктивност и конкурентност на руските компании, зашто заради пониските тарифи ќе биде пониска и цената на нивните стоки и услуги.
Најголема корист од стапувањето во СТО ќе почувствуваат металургијата и хемиската индустрија, додека загуби ќе има кај машинската и дрвната индустрија, како и кај индустријата за производство на лак. Во своите анализи експертите подвлекуваат паралели меѓу руското и кинеското искуство и апелираат до бизнисмените да не се плашат од играта според нови правила.
И Москва и Пекинг се плашеа дека по стапувањето во СТО домашниот пазар може да биде преплавен од странски компании, поради што развојот во сферата на услугите и на „слабите“ економски гранки ќе биде запрен. Но, во Кина тоа не се случи. Напротив, оние сегменти од економијата што експертите ги третираа како слаби (на пример, осигурителните компании) дури и го зголемија уделот на домашниот пазар благодарение на поголемата куповна моќ на граѓаните. Уште еден позитивен фактор е подобрувањето на инвестициската клима, а со самото тоа и приливот на странскиот капитал во земјата. Така, обемот на директни инвестиции во кинеската економија по стапувањето во СТО е зголемен за 18%. Експертите констатираат дека тоа не се прашања што се решаваат за еден ден, но Русија може да го зголеми економскиот раст ако паметно го искористи кинеското искуство.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче