Возачите нема да добиваат казни поради лоши патишта

Возачите во Русија нема да плаќаат казни доколку прекршоците се предизвикани од лоши патишта.

Депутатите извршија нови поправки во законот, според кои возачите ќе бидат ослободени од казни за нарушување на сообраќајните правила, доколку истите се направени не по нивна вина, туку поради лошата работа на комуналните служби (дупки во патиштата и нерамнини, отворени шахти и сл.).

„Транспортниот данок се дава за да се асфалтираат и да се одржуваат патиштата во добра состојба, а во исто време има и казни за нарушување на правилата кои се предизвикани од лошата состојба на патиштата. Практично возачите плаќаат два пати. Поради несовесноста на чиновниците, сопствениците на автомобили стануваат нарушители против нивната волја. Возачите не треба да плаќаат за нарушувањата кои се случуваат поради лошата состојба на патиштата“, уверен е пратеникот кој се залага за овие поправки во законот.

А во Федерацијата на автомобилисти на Русија, иницијативата на депутатите ја прифатија негативно. „Треба да се стави акцент не на рекламните акции за правилно однесување на граѓаните, туку на акциите за правилно однесување на сообраќајните полицајци. Ним им припаѓа крајниот збор во истрагите за нарушувањата на сообраќајните правила. Тие намерно не ги слушаат изјавите на самите возачи... На возачите им е оставено само да ја одиграат улогата на жртва...“, смета правникот на Федерацијата на автомобилисти, Равил Ахметжанов.

Јавното обвинителство пред некое време изврши проверка на руските патишта. Резултатите покажаа дека половина од федералните патишта и повеќето од локалните патишта не одговараат на воспоставените норми. Според податоците на МВР, секоја петта сообраќајна несреќа е предизвикана имено поради лошата состојба на патиштата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња