Во Русија богатите стануваат побогати, додека сиромашните остануваат сиромашни и покрај растот на животниот стандард, покажува статистиката.
Добро познато клише за Русија е дека тоа е земја на екстремно богати олигарси кои ги пљачкаат ресурсите во државата, додека милиони сиромашни живеат од ситна државна помош и платите се мизерни.
Секоја година, Бирото за статистика забележува сѐ поголема разлика меѓу богатите и сиромашните, и покрај економскиот раст и појавата на средна класа во Русија. Според Wealth-X, Русија е втора во светот според бројот на милијардери - 97 милијардери, наспроти 80 милијардери во 2011 година. Овие 97 милијардери имаат заедничко богатство од 380 милијарди долари.
Осумнаесетте милиони Руси кои живеат под прагот на сиромаштија колективно исто така имаат 380 милијарди, но не долари, туку рубљи (околу 12,4 милијарди долари).
Владата ја определи минималната плата во големина од 4.611 рубљи (околу 7.000 денари), и покрај определениот минимален трошок за живот од 6,200 рубљи (околу 9.370 денари) месечно.
ФБК, руска ревизиска компанија, неодамна ја рангираше Русија на дното од листата од 52 земји со ниво на минимална плата наспрема куповната моќ, заклучувајќи дека минималната плата е далеку под нивото на животниот стандард.
Според руското Биро за статистика, коефицинетот, кој е мерило за најбогатите наспрема најсиромашните сегменти од популацијата, утврдено е дека богатите стануваат побогати, додека сиромашните остануваат на исто ниво. Во 1995 година, коефициентот изнесува 13,5, додека во 2011 изнесувал 16,1.
Зголемувањето на разликата меѓу богатите и сиромашните е тренд кој продолжува да расте во текот на 2000-те години, и продолжува до ден денешен.
Ако малку подлабоко загледаме, ситуацијата е понијансирана. БДП-то порасна од 260 милијарди долари во 1995 на 1,86 трилиони долари денес, и сѐ помалку и помалку луѓе живеат под границата на сиромаштија - сигнал кој кажува дека животниот стандард расте.
Според Наталија Бондаренко, социолог во Левада институтот, во средината на 90-те, 15 до 20% од Русите сметале дека нивниот приход е доволен да им ја купи храната која им треба, додека денеска тој број изнесува од 5 до 6%.
Во 90-те најсиромашните биле вработени во државни институции, а најголемиот дел од тие луѓе до ден денешен не успеале да се снајдат на пазарот на труд.
Наталија Бондаренко соопштува дека владините издатоци во социјалната сфера, зголемувањето на пензијата до ниво од 8,200 рубљи месечно (околу 12.300 денари), како и зголемување на платите на државните службеници - довело до извлекување на голем дел од работниците од прагот на сиромаштијата. Но, од друга страна владата е критикувана поради тоа што само расфрла пари, без да погледне во коренот на проблемот. Наталија Бондаренко предлага да се зголеми минималната плата. „Владата само пумпа пари; а ова не е нешто што го прават западните земји. Владата не му дава на народот јадица за да научи да лови, туку директно им дава риби. Како резултат на тоа, луѓето стануваат подложни на манипулација и т.н.“.
Според руското Биро за статистика, 18 милиони луѓе - или 13% од популацијата - живее под прагот на сиромаштија. Сепак, аналитичарите кажуваат дека вистинската бројка е далеку поголема.
Поради различните методологии, Русија прикажува и помал Gini индекс, индикатор за нивото на распределбата на богатството во земјата. Што поблизу е овој индикатор до нулата, толку поеднакво е распределено богатството во една земја. Во 2010, Русија имала 42 Gini единици (наспрема 39,9 во 2001), што ја прави Русија земја на порамномерно распределено богатство отколку САД или другите земји од БРИК.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче