Топ 10 најважни политички настани во Русија за 2012

Специјално за Руска реч на македонски е подготвен текст, во кој се собрани политичките настани во Русија по кои ќе се запомни 2012 година.

Претседателски избори

Извор: Алексей Филипов / РИА Новости.

Во март беа одржани претседателските избори во Русија. Се кандидираа петмина: лидерот на Комунистичката партија (КПРФ) Генадиј Зјуганов, Владимир Жириновски од Либерално-демократската партија (ЛДПР), Сергеј Миронов од „Справедливаја Росија”, независниот бизнисмен Михаил Прохоров и Владимир Путин. По четиригодишна пауза, победник, што беше и очекувано, стана човекот кој претходно двапати беше на таа функција, Владимир Путин. Тој доби 71% од гласовите, а на изборите излегоа 65% од избирачите. Во мај во Кремљ се одржа инаугурацијата на новиот шеф на државата. Благодарение на претходно изгласаниот амандман на уставот на РФ, според која претседателскиот мандат се зголеми од четири на шест години.

 

Медведев на чело на владата

Извор: ИТАР-ТАСС.

Откако Путин стапи на претседателската должност го исполни „џентлменскиот договор“ помеѓу него и неговиот претходник. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев беше назначен за премиер и застана на чело на руската влада. Во новиот кабинет од својата должност се простија многупати критикуваните министри за здравство и социјална политика Татјана Голикова, за внатрешни работи Рашид Нургалиев, за образование и наука Андреј Фурсенко. Се појавија нови министерства – министерство за здравство и министерство за труд и социјална политика (порано тие беа споени), секретаријат за развој на Далечниот исток, Министерство за врски со отворената влада (систем за разгледување на законски иницијативи со граѓаните преку електронско гласање на Интернет).

 

Нов лидер на чело на „Единаја Росија”

Извор: Михаил Климентиев / РИА Новости.

Владимир Путин и Дмитриј Медведев се ротираа не само со државните функции. Путин, кој ја предводеше партијата на парламентарното мнозинство „Единаја Росија” од 2008 година, по изборот за претседател го предложи Медведев за нов лидер на партијата. На крајот на мај партискиот форум едногласно ја поддржа кандидатурата за новиот претседател. За разлика од Путин, Дмитриј Медведев се здоби и со партиски билет.

 

Предлог-закон што крена голема врева во јавноста

Извор: Getty Images / Fotobank.

Откако беше формирана по изборите во декември 2011, Државната дума започна да работи на почетокот на 2012 година. Првата година од работата на парламентарците беше одбележана со донесувањето на закон за кој во јавноста се крена голема врева. Парламентарците воведоа статут „странски агент“ за невладините организации финансирани од странство. Се зголеми одговорноста за предавство на татковината и издавање државна тајна. Беше донесен закон за таканаречени „црни списоци“ на Интернет-сајтови, во кои влегоа страници со порнографски содржини со малолетници, инструкции за извршување самоубиства, за приготвување и продажба на наркотици.

 

Протести

Извор: Кирил Руденко.

Бранот протести кој започна по парламентарните избори во 2011 година, уште повеќе се засили по претседателските. Симбол на протестите стана белата лента. Во Москва се одржаа протесни митинзи „За чесни избори“ на Болотниот плоштад и „Марш на милионите“ со десетици илјади учесници, акцијата „Бел круг“ на која учесниците фатени за раце ја опколија внатрешната обиколница на престолнината (Садовое кољцо) во должина од 15 километри. Повеќеилјадниот митинг на 6 мај 2012 заврши со судири меѓу демонстрантите и полицијата, повеќе од 400 луѓе беа уапсени, настрадаа 40 претставници на опозицијата и 29 полициски службеници. Како резултат на конфликтот беше донесен закон за зголемување на казните за нарушувања на редот за време на митинзите за десет пати.

}

Борба со незаконскиот бизнис на пратениците

Извор: ИТАР-ТАСС.

Во Државната дума беше започната кампања за борба со незаконските дејства на пратениците-бизнисмени. Прва жртва на оваа акција стана опозицискиот политичар, член на „Спрваедливаја Росија“ Генадиј Гудков. Во септември пратениците се согласија со заклучоците на органите на истрагата и се согласија дека народниот избраник ги споил статусот на пратеник со бизнисменската улога. На Гудков, без решение на судот, му беше одземен пратеничкиот мандат. Подоцна, многу народни претставници, од кои најголем дел од „Единаја Росија“, беа осомничени за слични нарушувања, но настрада единствено Алексеј Книшов од мнозинската парламентарна група. Тој своеволно се откажа од мандатот, зашто не можеше да докаже дека не се занимавал со бизнис.

 

Завршија губернаторските избори

Извор: ИТАР-ТАСС. 

По осум години, во октомври 2012 година во Русија повторно беа спроведени избори за губернатори. Според новите правила, кандидатите за раководители на регионите мораат да минат низ своевидни „филтри“. Нив ги предлагаат политичките партии, но треба да добијат и поддршка од регионалните пратеници или од градоначалниците пред да отидат на гласање. На есен беа избрани губернатори на 5 области: на Рјазанската, на Белгородската, на Новгородската, на Амурската и на Брјанската. Насекаде победија актуелните раководители на регионите – претставниците на владејачката пратија „Единаја Росија“.

 

Партиска реформа

Извор: ИТАР-ТАСС.

Како резултат на протестите беше намален минималниот број членови, неопходни за регистрирање нова политичка партија. Нивниот број се намали од 40 илјади на 500. Како резултат на тоа, кон крајот на годината количеството политички партии во Русија од 7 се зголеми на 44. На изборите во октомври учество зедоа 19 нови партии, но границата успеаја да ја надминат само Републиканската партија (РПР-ПАрнас) и Комунистите на Русија, едните во Барнул, а другите во Карачаевск.

 

Случајот Pussy Riot

Извор: Reuters / Vostock Photo.

Во февруари 2012 руската панк-група Pussy Riot спроведе неодобрена акција „Богородице, избркај го Путин“ во храмот на Христос Спасителот во Москва, кои учесничките го нарекоа панк-молебен. Во март трите девојки од групата беа уапсени, а останатите беа обвинети за хулиганство од религиозна омраза. Во август Надежда Толоконикова, Марија Аљохина и Екатерина Самуцевич беа прогласени за виновни и осудени на по две години затвор. Во октомври казната на Самуцевич беше заменета со условна, а девојката беше ослободена во судницата. Случајот Pussy Riot беше почеток на нападите врз Руската православна црква, кои продолжуваат до денес.

 

Нов министер за одбрана

Извор: ИТАР-ТАСС.

Анатолиј Сердјуков, кој го предводеше министерството за одбрана од 2007 година, во ноември беше сменет од функцијата заради корупцискиот скандал во неговиот ресор. За нов министер беше назначен поранешниот министер за вонредни состојби Сергеј Шојгу, кој во април 2012 започна да работи како губернатор на Московската област. Шојгу одамна работи во Белата куќа, откако доби министерско место за време на претседателите Борис Елцин, Владимир Путин и Дмитриј Медведев. Експертите едногласно го поздравија неговото именување на должноста.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња