Колку и што пијат Русите за Нова Година?

Од скромниот буџет сепак има доволно и за скапи пијалоци.

За новогодишните празници Русите ќе испијат 1,5 милијарди литри алкохол. Ако сите шишиња се наредат во непрекинат синџир, тој ќе може 17 пати да се обвие околу екваторот. Фаворит за Русите останува шампањското. Продажбата за последната година му се зголемила за 130%.

Изгледа дека Русите сè повеќе даваат предност на странскиот алкохол. Вотката беше симната од првото место на листата од западниот конкурент - вискито. А многу популарни во последно време стануваат силните егзотични алкохолни пијалаци. Во текот на целата 2012 година Русите испиле 50 милиони литри абсент, кашаса и други скапи и нетипични за овие простори пијалаци. Љубителите на ваков алкохол се главно богати луѓе.

"Кризата дополнително ја ограничува потрошувачката на овие производи во Русија, бидејќи значителен дел од населението нема можност за ваков прекрасен живот, да има убава кола, живеалиште и слично, но за нашите луѓе е типично, од време на време, да купат шише алкохол од висока класа за 500 рубљи (12 евра), и да се почувствуваат како дел од елитата", вели директорот на Центарот за истражување на државниот и регионален пазар на алкохол Вадим Дробиз.

За новогодишни трошоци Русите трошат просечно по околу 12 илјади рубљи (300 евра),од кои половина сума оди за подароци, 3 илјади (75 евра) за празничната трпеза и само 2 илјади за забава. Приближно ист божиќен буџет имаат и Швајцарците и Германците. А најмногу дарежливи луѓе живеат во Ирска. Таму само за подароци се трошат во просек по 720 евра, што е еквивалентно на 28 илјади рубљи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња