Русија ќе издвои 2,1 трилиони рубљи за истражување на космосот

Русите продолжуваат со истражување на вселената - сега поинтензивно од било кога.

Руската вселенска програма ќе добие 2,1 трилиони рубљи во периодот од 2013-2020, рече рускиот премиер Дмитриј Медведев.

„Нашата позиција во истражувањето на космосот историски била најсилна во светот и тоа треба така да остане. Русија била и ќе остане водечка вселенска сила“, рече Медведев на владина седница.

„Вкупната количина на финансии е многу голема – 2 трилиона и 100 милијарди рубљи, вклучително и некои екстра буџетски извори“, рече тој.

„Прилично многу проблеми има натрупано во оваа индустрија“, рече Медведев. Но потсети на трите средби одржани од август до ноември, на кои се решаваа проблемите – од оптимизирање на бројот на администрацијата, до прашања за подобрување на квалитетот на ракетната опрема и сигурноста.

„Драфт-програмата на владата е насочена да ги постигне овие цели во понатамошното истражување на космосот“, рече Медведев. Оваа програма ќе ù овозможи на Русија соодветно учество во заеднички проекти, како тој во Меѓународната вселенска станица или истражувањето на Месечината, Марс и другите небесни тела, рече тој.

Тој исто така потенцираше дека со овие средства вселенската индустрија мора да ја зголеми својата продуктивност и да го подобри квалитетот и сигурноста на нивните производи. „Сигурност и безбедност – особено го истакнувам ова, тоа е клучниот фактор“, додаде тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња