12 најважни економски настани во 2012

Илустрација: Руска реч на македонски.

Илустрација: Руска реч на македонски.

Годината што завршува за Русија беше мошне бурна во економска смисла, а руските пари беа главни играчи во многу настани од светско значење. „Руска реч на македонски“ ги резимира 12 најважни.

1. Русија, Белорусија и Казахстан создадоа единствен економски простор 

На 1 јануари 2012 стапи на сила низа од 17 спогодби со кои официјално е воспоставен единствен економски простор кој ги опфаќа Русија, Белорусија и Казахстан. На таков начин меѓу овие земји овозможен е слободен проток на стока, капитал и работна сила. Спогодбите ги потпишаа претседателите на трите држави кон крајот на 2011 година. Еден од ефектите од овој договор е тој што руските нафтени компании повеќе не ги остваруваат досегашните разлики во цените за време на испорака на нафта во Белорусија (45-47 долари за тон), што ја намали цената на суровата нафта за околу 30 долари во однос на минатата година.

Од друга страна, оваа спогодба овозможи поголема продажба на белоруските нафтени деривати на територијата на Русија. „Дословно бевме преплавени со овие производи. Сепак, заради сè поголемиот недостаток од бензин на рускиот пазар, нивните испораки добро ќе ни дојдат„, рече Евгениј Аркушин, претседател на Московската асоцијација за гориво. 

Во текот на годината, интерес за приклучување кон Царинската унија покажаа Киргистан, Виетнам и Нов Зеланд. Преговорите со овие земји се наоѓаат во различни фази. 


2. ММВБ и RTS го поднесоа првиот заеднички извештај 

Неодамна формираната берза ММВБ-RTS (Московска меѓубанкарска девизна берза и Руска берза на трговија) на 11 мај 2012 ги резимираше своите резултати во првиот работен квартал. Комбинираната размена покажа пад на профитот за 92%, односно на 58 милиони рубли (1.9 милиони долари), што е 1/13 од сумарниот профит на овие две берзи пред нивното интегрирање минатата година. Само за споредба, во првиот квартал од 2011 ММВБ оствари приход од 737,3 милиони рубли (24 милиони долари), а RTS 21.8 милиони рубли (709.000 долари). Претставниците на овие компании изјавија дека приходот на заедничкото претпријатие само изгледа послабо заради примената на новиот работен модел: „Приходите што ги остварија други компании во рамките на оваа група ќе бидат уплатени кај ММВБ-RTS во вид на интерни дивиденди“. 

Според зборовите на Арсен Ајвазов, генерален директор на компанијата „Финам“, промените во шемата на дистрибуцијата на профитот ќе ја зголеми транспарентноста на работењето на групата во процесот на проценка на финансиските текови. И навистина, подружниците на ММВБ-RTS остварија добри приходи во првиот квартал: Националниот центар за клиринг регистрираше раст на профитот од 150%, односно на 928.8 милиони рубли (30 милиони долари). Во исто време, Националното депо за хартии од вредност објави зголемување од 57.1% нето профит во текот на 2011, односно на 963 милиони рубли (31 милион долари). Центарот за клиринг на RTS забележа пораст на нето профитот од 88%, односно на 379 милиони рубли (12 милиони долари). 


3. Русија во првите 50 на листата на Блумберг 

Според најновата листа на Блумберг на најдобри земји за бизнис, објавена во април, Русија се наоѓа меѓу првите 50 земји во светот во поглед на погодностите на инвестициската клима. На оваа ранг-листа, која ги оценува условите за привлекување странски инвестиции, Русија се наоѓа на 48 место од вкупно 160 анализирани земји, пред други две земји членки на БРИКС – Индија на 49 и Бразил на 50 место. Во истражувањето земени се предвид многубројни економски показатели, од стапката на економска интеграција и трошоците за отпочнување нов бизнис, до цените на работната сила и на материјалите и потенцијалот на локалните потрошувачи. „Подобрување на условите за инвестирање во земјата е постепен процес и може да трае неколку години“, рече Фјодор Наумов, началник на аналитичкиот оддел на московската компанија за управување со активата „Капитал“.


4. Русите заработија на „Фејсбук“

Руската инвестициска група DST („Digital Sky Technologies“), на чие чело стои Јуриј Милнер, сопственик на Интернет компанијата Mail.ru, на 22 мај 2012 стана втор според обемот продавач на акции на Фејсбук. Ова се случи за време на иницијалната јавна понуда на акции (ИПО) а најголемата светска компанија во областа на социјалните мрежи. DST ја зголеми вредноста од 3.23 милијарди долари врз основа на моментално понудената цена. Вредноста на Фејсбук порасна за 6.84 милијарди долари за време на ИПО, а неговите акционери заработија 9.16 милијарди долари. Accel Partners стана најголем продавач и оствари пораст на вредноста на својот удел за 1.86 милијарди долари. DST сè уште контролира 4% од вкупните акции на Фејсбук и 5.2% акции со право на глас. Mail.ru Group, чиј основач е Милнер (со групата раководи милијардерот Алишер Усманов), ги продаде акциите на Фејсбук во вредност од 740 милиони долари. Се проценува дека вредноста на уделот што го поседува компанијата 1.4 милијарди долари, што е еквивалентно на 1.7% од вкупните акции и 2.4% од акциите со право на глас.


5. Русија стана членка на Светската трговска организација

На 22 август 2012 г. Русија официјално стана 156 членка на Светската трговска организација (СТО). Процесот на приклучување траеше речиси 19 години. Русија е последна голема светска економија која ѝ се приклучува на СТО. Експертите велат дека можеби ќе бидат потребни седум години за домашниот пазар во целост да се прилагоди на новата ситуација, така што е премногу рано да се носат заклучоци за позитивни или негативни аспекти за Русија и за светот во целина. Меѓутоа, мнозинството стручњаци веруваат дека под моменталните околности присоединувањето кон СТО само по себе нема да поттикне економски просперитет. Темелите за тоа допрва треба да бидат поставени, вклучувајќи ги и чекорите што треба да се преземат за дефинирање на „правилата на игра“, како и подготовка на соодветно законодавство.


6. „Солерс“ произведува Мазди во Владивосток

Руската компанија за производство на автомобили „Солерс“ на 6 септември 2012 започна заеднички деловен потфат со јапонската „Мазда“ со цел производство на автомобили на рускиот Далечен Исток. На церемонијата на отворање нова фабрика на „Солерс“ во Владивосток, каде ќе се произведуваат новите возила на „Мазда“, присуствуваше претседателот Владимир Путин. „Ме радува фактот што 'Мазда' ја избра Русија како локација за својата прва фабрика во странство. Проектите од овој вид се од големо значење не само за економијата на Русија, туку и за целиот регион. Добро е што ваквите проекти се спроведуваат во соработка со нашите традиционални трговски партнери. Без сомнение тие се корисни за двете страни“, рече Путин. На рускиот лидер на церемонијата му се придружи и претседателот на „Мазда“ Такаши Јаманучи, кој изјави дека е планирано монтажата на теренското возило „Мазда СХ-5“ во оваа фабрика да започне еден месец по отворањето, додека за почетокот на 2013 е планиран почетокот на производството на „Мазда 6 седан“. Производствениот капацитет на фабриката во моментов е ограничено на 50.000 возила годишно, но „Солерс“ се надева дека оваа бројка ќе стаса и до 100.000 по вложувањето од 10 милијарди рубли (32 милиони долари).


7. АТЕС 2012: Русија се врти кон Истокот

Годинешниот форум на Азиско-тихоокеанската соработка (АТЕС) заврши на 11 септември во Владивосток. За време на подготовките на овој настан во инфраструктурата на градот вложени се околу 18 милијарди долари, а вкупните трошоци за организацијата на самитот изнесуваа околу 21 милијарда долари.

Русија ја искористи можноста да укаже на својата сè поголема насоченост кон азиско-пацифичкиот регион: „Повеќе од 50% од нашата трговија сè уште се одвива со Европската Унија. Сепак, мораме да сфатиме дека диверзификацијата на нашата економија е начин да ја зајакнеме и да ја направиме помалку зависна од извозот на суровини, а за да се постигне тоа мора да се измени споменатиот трговски биланс. Нашата надворешна трговија со азиско-пацифичкиот регион би требало да изнесува најмалку 50% од вкупната трговска размена“, изјави вице-премиерот Игор Шувалов. Според мислењето на Шувалов, потенцијалот за трговска и инвестициска соработка со земјите како што се Кина, Јапонија, Јужна Кореја и САД се реализира во помалку од 25% од случаите. По состанокот на министрите за надворешни работи и за трговија на АПЕК, Русија доби 35 понуди за оформување слободни трговски зони, вклучувајќи и некои од Кина и од Индија.


8. Приватизиран дел од Сбербанк

На 20 септември 2012 Банката на Русија продаде 7.6% од акциите на Сбербанк за 5.2 милијарди долари, за да стимулира позитивен проток на капиталот во земјата и за да го поттикне пласирањето на акции. Вредноста на акциите на Сбербанк речиси моментално порасна. Првиот заменик-претседател на Банката на Русија Алексеј Улукаев го опиша овој пласман како „најголем во современата економска историја“. „Исклучително редок е случајот за само еден дена да се добијат трипати повисоки понуди од почетната цена, а двапати повеќе од завршната цена“, вели Улукаев. Според зборовите на претседателот на Сбербанк Герман Греф, оваа работа привлече голем број инвеститори, вклучувајќи и повеќе од 10 најголеми институционални глобални фондови од Русија, Велика Британија и од други земји од Европа, Азија и од Средниот Исток. „Поголем број од купувачите досега не вложувале во Сбербанк или во Русија“, додаде Греф.

Минатата година Сбербанк почна да работи и во Србија, откако го купи српскиот огранок на австриската Фолксбанк.


9. Пуштен во употреба вториот крак на „Северен тек“

Рускиот гигант „Гаспром“ на 8 октомври 2012 го пушти во употреба вториот крак на гасоводот „Северен тек“ и на тој начин за двапати го зголеми капацитетот на 55 милијарди кубни метри годишно. Првата фаза беше завршена на 8 септември 2011 со пуштање во работа на првиот крак. „Северен тек“ овозможува директна испорака на руски гас во Европа по пат на цевковод долг над 1200 километри, чија траса минува под Балтичкото море. Гасоводот се протега од рускиот град Виборг до Грајфсвалд во Германија. Пред изградбата на овој гасовод рускиот гас беше пренесуван во Европа преку двете расположливи траси – низ Белорусија и Полска или низ Украина и Словачка. Во конзорциумот „Северен тек“ учествуваат следниве компании: рускиот „Гаспром“ (51%), германските компании Wintershall Holding (15,5%) и E.ON Ruhrgas (15,5%), француската GDF Suez (9%) и холандската Gasunie (9%).


10. „Роснефт“ ја купи ТНК-BP

Рускиот државен нафтен гигант „Роснефт“ на 22 октомври 2012 објави дека има намера да купи 100% од акциите во сопственост на структурата на компанијата ТНК-ВР од конзорциумот ААR (Alfa Group, Access Industries, Renova) и британскиот BP. Целата работа вреди 61 милијарда долари. Во првата фаза Beyond Petroleum му го продаде на „Роснефт“ својот удел од 50% од сопственоста во ТНК-ВР за 17.1 милијарди долари и 12.84% акции од акциите на „Роснефт“. Во следната фаза „BP“ ѝ плати на руската држава 4.8 милијарди долари за уште 5.66% од акциите на „Роснефт“, по цена од 8 долари за акција (со премија од 12% од цената на акциите на „Роснефт“ во моментот на затворање на трговијата на денот кога понудата за купопродажбата е предадена). Како резултат на оваа трансакција „BP“ стана втор по големина акционер на „Роснефт“ – руската држава е на прво место. Во декември 2012 „Роснефт“ потпиша договор со конзорциумот AAR за купување 50% од сопственоста на ТНК-ВР за 28 милијарди долари. Целата операција на преземање 100% од сопственоста над ТНК-ВР од страна на „Роснефт“ треба да биде завршена во првата половина на 2013 година. Извршниот директор на ТНК-ВР Герман Кан ја оцени оваа купопродажба со следниве зборови: „Во Русија досега не е реализирана зделка од олкав обем. Самиот факт дека трансакцијата е завршена сведочи за порастот на капацитетот на домашната економија и за тоа дека Русија ја има водечката улога во светската индустрија на преработка на нафта и гас.“


11. „МегаФон“ издаде ИПО на берзата во Лондон

„МегаФон“, еден од трите водечки мобилни оператори во Русија, на 28 ноември 2012 излезе на Лондонската берза со иницијална јавна понуда на своите акции (ИПО). Компанијата понуди 15.2% од вкупниот број акции со вкупна вредност 1.7 милијарди долари, по цена од 20 долари по акција. Најголем дел од акциите ги купија американски и британски инвеститори, додека бројот на понуди од страна на руските играчи беше помал од 10% од вкупниот број понуди. Инвеститорите врз основа на иницијалните јавни понуди ја процениле вредноста на „МегаФон“ на 11.1 милијарди долари. Пред дополнителната понуда акции, 15.2% од акцискиот капитал на компанијата ќе биде понуден во слободна продажба. Половина од приходот остварен на овој начин ќе биде искористена за сервисирање на долгот на компанијата, додека останатиот дел ќе биде вложен во развој и ширење на мрежата. Акционерите на „МегаФон“ ќе добијат приход од 1.7 милијарди долари од продажбата на акциите од иницијалната понуда, а можат да се надеваат и на заработка од вкупно 200 милиони долари од дополнителната понуда акции, потврди за RBC Daily неименуван извор од финансискиот пазар.


12. Јандекс и Сбербанк најавија заеднички потфат во областа на плаќање со електронски пари

На 19 декември Сбербанк најави заеднички потфат со рускиот Интернет гигант, компанијата Анекс, и тоа на платформата на Анекс за електронско плаќање - Яндекс.Деньги. Во оваа зделка Сбербанк за 60 милиони долари ќе откупи 75% од уделот во основачкиот капитал на Яндекс.Деньги, додека Јандекс ќе задржи 25% од уделот и 1 дополнителна рубља, што според договорот ќе му овозможи контрола на деловната политика во заедничкото претпријатие. „Проширувањето на присуството во сферата на дигиталниот бизнис, како и развојот на онлајн решенијата, е еден од нашите оперативни приоритети. Во Јандекс видовме оптимален партнер кој ќе ни овозможи да го зајакнеме своето присуство на растечкиот пазар на електронско тргување и плаќање преку Интернет“, изјави Герман Греф, претседател на Сбербанк.

Во подготовката на материјалот користени се ресурси на РИА Новости, RBC Daily, American Voice (Russia) и Vostok Media. Илустрации: Руска реч на македонски / Росијскаја газета.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња