Николај Данилевски: словенската идеја како највозвишена вредност

Во декември годинава се навршија 190 години од раѓањето на Николај Јаковлевич Данилевски, руски филозоф и геополитиколог, еден од основачите на цивилизацискиот метод во изучувањето на историјата, идеолог на панславизмот и автор на капиталното дело „Русија и Европа“ (1871), книга што во голема мерка влијаеше на руската филозофско-политичка мисла во следните децении.

Николај Данилевски (1822-1885), еден од основачите на цивилизацискиот метод во проучувањето на историјата.

Николај Данилевски во 19 век понуди сосема нов концепт за човековата историја и идејата за цивилизација, според кој човештвото не е единствена општествена целина и според кој не постојат општочовечки вредности, општочовечки интереси и цели.

Данилевски го сфаќа човештвото само како група културно-историски типови кои се конкуренција еден на друг. Секој конкретен културно-историски тип има свои вредности, интереси и цели кои за него претставуваат апсолутно добро, и кои на сите претставници на тој тип им служи како ориентир. Конкретно, Данилевски го противположува романско-германскиот тип со словенскиот, и притоа констатира дека Европејците се многу посложни, без разлика на сите нивни меѓусебни конфликти и недоразбирања.

 

Ако не е возможно и ако е штетно да се одвоиме од настаните во Европа, тогаш постои голема можност, мошне корисно, па дури и неопходно тие настани постојано и непрекинато да се набљудуваат од нашиот посебен, руски агол.

Николај Данилевски

„Интересот на човештвото“ е бесмислен поим, додека изразот „европски интерес“ не е празна фраза за Французите, Германците или Англичаните. Исто така и за Русите и за секој друг Словен „идејата за словенството треба да биде највозвишена, таа треба да биде над слободата, над науката, над просветата“, па дури и над сопствените национални интереси. Конечната цел е развој на словенскиот културно-историски тип е создавање федерација на словенските народи со престолнина во Константинопол, при што за Полјаците како главни предавници на словенството, авторот одрекува дека не можат да опстанат меѓу Русите и Германците, додека Грците, Унгарците и Романците би требало да влезат во словенската федерација и да се асимилираат, го сакале тие тоа или не. 

Политичките ставови на Данилевски во тоа време биле оригинални и никого не оставиле рамнодушен:

Капиталното дело на Николај Данилевски „Русија и Европа“ (1871) во голема мера влијаеше на развојот на филозофско-политичката мисла во следните децении.

„Ние постојано се придржуваме до ставот дека Европа за нас претставува нешто туѓо, нешто непријателски настроено кон нас, дека нејзините интереси не можат да бидат и наши интереси, туку во поголем број од случаите се дијаметрално спротивни... Ако не е возможно и ако е штетно да се одвоиме од настаните во Европа, тогаш постои голема можност, мошне корисно, па дури и неопходно тие настани постојано и непрекинато да се набљудуваат од нашиот посебен, руски агол и во нивното оценување секогаш да се применува еден единствен критериум, а тој се состои во следново: набљудувајќи некои случувања, или правец на размислување, или некакво делување на влијателни личности, треба да се запрашаме какво значење може да има тоа за нашите посебни руско-словенски цели, дали за нив тоа е препрека или тоа им оди во прилог? Ако личностите и настаните во наведената смисла немаат никакво значење, тогаш кон нив треба да бидеме сосема рамнодушни, како тоа да се луѓе и настани на Месечината. Но, затоа на сите начини треба да ги поддржуваме оние што ни помагаат да ја постигнеме целта, и исто така да им се спротивставиме на оние што можат да ни бидат препрека во тоа. Ако, пак, тие личности и настани имаат и некакво друго значење, ние на тоа не треба да обрнуваме внимание. Конкретно, не треба да нè интересира какво значење ќе имаат тие луѓе или настани за самата Европа, за човештвото, за слободата, за цивилизацијата... Европа е непријателски настроена кон нас, и тоа не е никаква случајност, ами суштинска работа. Тоа значи дека Европа за нас не претставува опасност само кога војува сама против себе... Рамнотежата на политички сили во Европа за Русија е негативна, па дури и погубна појава, а нарушувањето на европската рамнотежа од која било страна за Русија е поволно и благотворно... Ние, значи, мораме да ја отфрлиме мислата за какво било солидаризирање со европските интереси.“

 

Европа е непријателски настроена кон нас, и тоа не е никаква случајност, ами суштинска работа. Тоа значи дека Европа за нас не претставува опасност само кога војува сама против себе... Ние, значи, мораме да ја отфрлиме мислата за какво било солидаризирање со европските интереси. 

Николај Данилевски

Освен генијалните филозофско-историски новитети, делото на Николај Данилевски во себе содржи и многу противречности и теоретизирања; предизвикало бурна дискусија во општеството, и таа дискусија траела со децении. Книгата „Русија и Европа“ станала позната и уште почитана дури по смртта на авторот. Теоријата на Данилевски критички ја анализирале историчарите Петар Шчебаљски и Николај Кареев, академикот Владимир Безобразов, познатиот филозоф Владимир Соловјов и политичар Павел Миљуков. Литературниот критичар Николај Страхов безрезервно ја поддржувал и ја бранел идејата на Данилевски, а позитивно ја оцениле и историчарот Константин Бестужев-Рјумин и познатиот филозоф Василиј Розанов.

Фјодор Достоевски за „Русија и Европа“ рекол дека тоа е „книга што секој Русин треба постојано да ја препрочитува“. Данилевски силно влијаел врз погледите на Константин Леонтјев, кој го вбројувал во своите учители. Никита Трубецкој се сметал себеси за наследник на ставовите на Данилевски. „Русија и Европа“ високо ја ценел и Лав Гумиљов. Во 21 век делата на Николај Данилевски се вратени во универзитетската програма по руска филозофија. Во една од најгледаните емисии на рускиот канал НТВ „Васерманова реакција“ водителите Анатолиј Всерман и Егор Холмогоров се сетија на годишнината на авторот на „Русија и Европа“ и ги повикаа руските политичари да ја спроведуваат политика на Русија, без разлика на редовните хистерични реакции на Западот, како што апелира Данилевски. Тие нагласија дека многу идеи на авторот на „Русија и Европа“ и денес се крајно актуелни.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња