Московските власти се согласија да дадат простор за изградба на џамии во три делови на градот

Повеќе од 2 милиона муслимани ќе добијат нови џамии во Москва.

Извор од градската управа појасни дека сега треба да се изјаснат месните власти и жителите на тие делови од главниот град каде е предвидено да бидат лоцирани џамиите.

Во главниот град живеат 2 милиона муслимани, но има само 4 џамии и тие не се доволни за сите верници кои за време на големите празници обредите ги вршат на околните улици. Советот на муфтиите на Русија предлага да се изгради по една џамија во секој од административните делови (окрузи) на Москва (кои се вкупно 12). Претходно, поради протест на локалното население, месните власти се откажаа од градењето во Митино (Северозападен округ) и Текстилшчики (Југоисточен округ).

Планирано е една од новите џамии да се изгради непосредно до Исламскиот универзитет, а друга ќе се изгради заедно со исламски културен центар.

Извор од московската управа потврди дека има согласност за обезбедување на земјиште за градба, иако нагласува дека тоа, сепак, не е конечно решение: „Некои од предлозите се прифатени, но сега тие ќе се разгледуваат од страна на жителите на локалните окрузи“.

Претседателот на Комитетот за националности во Државната Дума и член на претседателскиот совет за меѓународни односи, Гаџимет Сафаралиев (од партијата Единствена Русија), смета дека изградбата на нови џамии ќе помогне да се реши проблемот со гужвите кои се појавуваат околу џамиите за време на големите муслимански празници.

„Неопходно е да се продолжи со разгледување на овие прашања со претставниците на различните религии, но и да се земе предвид мислењето на жителите на дотичните реони“, изјави претседателот на Московскиот градски парламент, Владимир Платонов од партијата Единствена Русија.

Во меѓувреме, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, се сомнева од неопходноста за изградба на џамии во главниот град. Претходно тој изјави дека ако постоечките џамии се посетуваат само од регистрирани московјани со постојано место на живеење и адреса, гужвите веројатно нема да се создаваат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња