Руски професори ќе предаваат на Штипскиот универзитет

Ректорот на универзитет во Штип на средба со руските студенти од Медицинскиот универзитет од Самара, Русија. Фотографија: Игор Стојанов.

Ректорот на универзитет во Штип на средба со руските студенти од Медицинскиот универзитет од Самара, Русија. Фотографија: Игор Стојанов.

Со помош на неколку професори од Русија, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип годинава ја стартува програмата по класично сликарство. За почеток предвидено е двајца професори од Русија и неколку од Македонија да бидат дел од оваа програма, а за во иднина се најавуваат и други професори кои ќе допатуваат од Русија во Македонија.

Игор Егоров од Москва е еден од предавачите кои ќе бидат дел од програмата „Класично сликарство“.

Ќе предавам сликарство и цртеж. Ќе се изучуваат и другите предмети што се потребни за таа конкретна програма, се надевам дека ќе има студенти и во оваа пригода ги поканувам младите луѓе да се запишат на оваа програма“, изјави професорот Егоров.

Професорите кои ќе ја изведуваат наставата во Штип се еминентни уметници кои учествувале во многу уметнички проекти и порано соработувале со Република Македонија.

„Предвидено е оваа студиска програма да функционира во Штип. Досега има околу десетина студенти. Очекуваме да има 10 до 20 студенти кои ќе бидат дел од оваа студиска програма. Ова се прави за првпат на Универзитетот 'Гоце Делчев', а се надевам дека е за првпат и во Република Македонија“, рече ректорот на УГД, проф. д-р Саша Митрев.

Професорот Егоров е уметник кој предавал на ликовни академии во Русија и во Кина, а од годинава ќе живее и предава во Македонија. До крајот на годината, според најавите, предвидено е уште неколку професори од Русија да пристигнат во Македонија.

„Информиран сум за новите студиски програми, како онаа програма за класично сликарство за која се ангажирани професори од странство кои ќе живеат овде во Штип и тоа ќе биде програма која е единствена во поширокиот регион. Од страна на ректорот сум информиран дека во тек се преговори со неколку професори од САД да предаваат овде на УГД, што секако ќе придонесе за подобрување на наставата и квалитетот на студиите во следниот период“, изјави по овој повод министерот за образование и наука, Панче Кралев.


Предвидено е оваа студиска програма да функционира во Штип. Досега има околу десетина студенти. Очекуваме да има 10 до 20 студенти кои ќе бидат дел од оваа студиска програма. Ова е за првпат на Универзитетот „Гоце Делчев“, а се надевам дека е за првпат и во Република Македонија. 

ректорот на УГД, проф. д-р Саша Митрев 

Оваа соработка на штипскиот Универзитет со високообразовните установи во Русија не е прва. Универзитетот повеќе години одржува добри релации со државниот Медицински Универзитет од Самара, Русија. Ова лето, четврта година по ред се вршеше размена на студенти и наставен кадар од Самара во Штип и обратно. Дваесетина студенти од Штип беа на посета во универзитетот во Самара каде поминаа практична настава во некои од руските клиники. Студентите таму ги посетиле Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, Институтот за анатомија и хируршки практики, Самарскиот онколошки центар и Приватната клиника за гинекологија и акушерство „ИДК“. Праксата ја вршеа во Клиниката за максилофацијална хирургија, Клиниката за детска ортопедија и трауматологија, и Клиниката за кардиологија и кардиоваскуларна хирургија.

Еден месец подоцна и студенти од тамошниот Универзитет беа на посета во Македонија. Тие имаа средби и со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а вршеа пракса и во некои здравствени установи во државата. Во меѓусебните посети студентите разменија и искуства од областа на културата и историјата при што посетуваа неколку културно – историски знаменитости.

Соработката меѓу Република Македонија и Русија неодамна се потврди и со признавање на дипломите од Македонија во Руската Федерација. Претставници на Македонија и на Русија во Москва потпишаа меѓудржавна Спогодба за заемно признавање на документите за образование и научните звања. 

Со овој документ, меѓу другото, се усогласуваат нормите за признавање на образовните дипломи стекнати во училиштата и на универзитетите во двете земји и се воспоставува основа за продлабочување на меѓусебната соработка.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња