Руските научници ќе можат самостојно да ги пополнуваат и надградуваат податоците за својата научна работа, благодарение на проектот „Карта на руската наука“, инициран од Министерството за образование и наука и на Руската база на податоци, кој ги обединува сите информации за научни публикации, откритија и патенти на руските научници, соопшти заменик министерот на институцијата Игор Федјукин.
Според неговите зборови, во почетокот на април министерството планира да ја создаде основата на картата - база на податоци, каде што ќе се поставуваат информации за публикациите на руските научници од базите Web of Science, Руски индекс за научно цитирање (РИНЦ) и патентна информација.
„Покрај тоа, планираме да отвориме и „личен кабинет“ на секој истражувач, каде самиот тој ќе може да ги поправа и ажурира сопствените податоци и публикации“, рече Федјухин пред новинарите.
Понекогаш во странските бази на податоци еден научник се појавуваше како две различни личности заради различните верзии на неговото име или презиме напишано на латиница. Со помош на овој „личен кабинет“, научниците ќе можат да си ги коригираат овие информации.
Картата, исто така, ќе овозможи да се намали и бирократската преоптовареност на научниците.
„Наместо деталните апликации и анкетни листови потребни при добивање на грантови, научниците ќе можат едноставно да го приложат линкот кон сопствениот личен кабинет“, изјави заменик министерот.
„Ваквиот систем ќе ни овозможи уште во следната година да видиме со каков потенцијал располагаме во секоја научна област“, додаде тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче