Легенди за Библиотеката

Се смета дека длабоко под земјата кај „Пашковиот дом“ би можела да биде сместена познатата библиотека на Иван Грозни „Либерија“.  Извор: Lori / Legion Media.

Се смета дека длабоко под земјата кај „Пашковиот дом“ би можела да биде сместена познатата библиотека на Иван Грозни „Либерија“. Извор: Lori / Legion Media.

Фондовите на Руската државна библиотека („Ленинка“) заземаат цел еден кварт во Москва. Таму денес се чуваат и се дигитализираат огромни колекции книги. Најстарото здание на комплексот е „Пашковиот дом“, вила со богато минато со која се поврзани многу легенди.

Старо-Вагањковското брдо во Москва е можеби единственото место од каде Кремљ може да се види одозгора. На тоа место до 1564 година се наоѓала куќата на некој член од благородничката гарда на царот Иван Четврти – Грозни, а потоа и резиденцијата на самиот цар „Опрични двор“. Се смета дека овде, длабоко под земјата, може да биде сместена познатата библиотека на Иван Грозни „Либерија“. Според легендата, таа најпрво им припаѓала на византиските императори, а потоа падот на Константинопол, колекцијата книги е пренесена во Рим, за потоа повторно да биде вратена во Москва како мираз на принцезата Софија Палеолог, невестата на московскиот кнез Иван Трети. Подоцна „Либерија“ ја наследил нивниот внук Иван Четврти Грозни.

Може само да се нагаѓа како се нашла библиотеката на ова место. Според една легенда, Иван Грозни преку подземен тунел одел од Кремљ да ја посети мајка си, која живеела на Старо-Вагањковското брдо. И денес постои некаков отвор налик на бунар, кој можеби водел до тој тунел. Валериј Манжос, шеф на одделението за користење на архитектонскиот ансамбл „Пашковт дом“, вели: „Не е јасна намената на тој бунар. Има милион верзии, но никаде не пишува зошто е изграден. Не е одредена ниту неговата старост. Можеби е стар две илјади години, а можеби само неколку векови“. Изгубената библиотека и денес ја распалува фантазијата на писателите и на новинарите. Не се знае дали е тоа данок на легендите или обична случајност, но денес, неколку века по Иван Грозни, токму на ова брдо се наоѓа зданието на најголемата руска јавна библиотека. 

Во времето на СССР било дозволено во „Ленинка“ да се чуваат ракописи и книги кои ги забранила цензурата.

Кон крајот на 18 век тука во стил на класицизмот е изградена вила за Петар Пашков, елитен офицер на Семјоновскиот полк. Тоа е едно од најубавите и највпечатливите зданија во Москва, па и во цела Русија. Зградата ја проектирал Василиј Баженов, кој во Санкт-Петербург го изградил Михаиловскиот замок за Павел Први, како и дворецот со градина Царицино во Москва за Екатерина Втора. За разлика од останатите московски вили „Пашковиот дом“ до денес практично го има зачувано својот првичен изглед.

Оваа година се навршија 150 години откако во „Пашковиот дом“ е сместена библиотечната колекција на Румјанцевскиот музеј. Грофот Николај Румјанцев, чие име библиотеката долго време го носела, бил првиот сопственик на единствената колекција книги, ракописи, монети, етнографски и други збирки. Неговите современици го викале „Колумбо на руските старини“. Тој не купувал само раритети, туку и самиот се занимавал со истражување на историјата и културата. Сите свои ризници ги остава „за полза на Татковината и благородната просветеност“. Овие зборови сè уште ја красат фасадата на „Пашковиот дом“. По смртта на овој мецена во 1826, колекцијата по негова желба е предадена во сопственост на државата, а подоцна императорот Александар Втори решил да го пренесе музејот од Петербург (каде се наоѓал на почетокот) во Москва.

Еден од читателите на Румјанцевската јавна библиотека во период од 40 години бил и познатиот руски писател Лев Толстој. Во негова чест, во одделот за ракописи до 1939 година постоел „Толстоевскиот кабинет“, каде се чувале оригинални ракописи на писателот кои на музејот своевремено му ги предала неговата сопруга Софја Андреевна Толстој.

Се смета дека овде, длабоко под земјата, може да биде сместена познатата библиотека на Иван Грозни „Либерија“. Според легендата, таа најпрво им припаѓала на византиските императори, а по падот на Константинопол, колекцијата книги е пренесена во Рим, за потоа повторно да биде вратена во Москва како мираз на принцезата Софија Палеолог, невестата на московскиот кнез Иван Трети.

По Октомвриската револуција во 1917 година, Императорскиот Московски и Румјанцевскиот музеј бил расформиран. Името на библиотеката и одделението за ракописи било сменето. Сега таа установа го добила Лениновото име и статус на државна библиотека. Користејќи ја таа привилегија, „Ленинка“ во своите архиви ги донела сите колекции на книги кои немале сопственик или биле национализирани. Така, нејзиниот фонд се зголемил четирикратно. Освен тоа во „Ленинка“ било дозволено да се чуваат ракописи и книги кои ги забранила советската цензура. Можеби токму затоа во годините на репресија и идеолошки чистки не се уништени извонредно драгоцени книги од прогонети таленти: научници-емигранти, писатели-филозофи, културни дејци и членови на најразлични книжевни кружоци и здруженија, што во тие 20 години на минатиот век ги имало навистина многу.

Во 20 век поради драстичниот недостаток на простор, започнала изградбата на нова зграда на библиотеката. Пред почетокот на војната таа не била довршена, но библиотекарите се плашеле од пожар во дрвениот „Пашковиот дом“, па започнале итно да ја селат библиотеката во недовршената бетонска зграда. Во тоа време на недостаток од потребната техника, вработените секој ден пренесувале по 600 сандаци со книги.

За време на војната за посетителите на „Пашковиот дом“ била отворена читална. Вака библиотекарката Зоја Колчина се присетува на тоа време: „Библиотеката беше топла, осветлена и многу пријатна за престој. Механизмот на издавањето книги беше примитивен, но и тоа ни значеше многу. Книгите и весниците од главното складиште беа пренесувани во дрвен сандак чии тркалца се лизгаа по специјална ортома низ воздухот се до старата зграда, од каде литературата беше преземана и проследувана понатаму“.

ЛЕНИНКА ВО БРОЈКИ 


41.315.500

примероци се чуваат во Библиотеката; просториите во кои се наоѓа фондот на Библиотеката, зафаќаат површина еднаква на 9 фудбалски стадиони


29.830
библиотечни примероци на еден вработен во Библиотеката

79
79 години живот без спиење и одмор би ви требале за брзо прелистување на секој библиотечен примерок

4
патнички возови полни со патници би можеле истовремено да се распоредат во читалните на библиотеката и на местата со компјутерска опрема.


25
камиони би биле потребни за да се натовари комплетната компјутерска опрема на Библиотеката

Кон крајот на минатиот век „Пашковиот дом“ беше сериозно оштетен. Под него беше изградена метростаницата „Боровицка“, па темелот на старата зграда не издржа и почна да тоне, така што носечките греди напукнаа. Московските власти започнаа реставрација, но немаше доволно пари, па работите прекинаа. „Пред реставрацијата под земјата имаше тунел со пруга по која книгите беа превезувани до главната зграда на Библиотеката. Московјаните кои живеат во близина раскажуваат дека до пред десетина години младите практиканти пушеле во тунелот, седејќи во вагонетките. Сега и пругата и вагонетките се отстранети, но тунелот остана“, вели Валериј Манжос.

За среќа се најдоа луѓе кои имаат желба и пари да помогнат, така што „Пашковиот дом“ во 2007 година сепак беше обновен. Сега во просториите на ова здание се наоѓа и музејот на ретки книги, како и збирки на ноти и карти. Јулија Вишњакова од научно-истражувачкиот оддел за ретки книги вели: „Ние чуваме книги кои имаат огромна вредност, т.н книжевни споменици! На пример делата на Албрехт Дирер или на Александар Пушкин издадени за време на нивниот живот. Го имаме и изданието на познатите басни на Крилов од 1855“. Таа книга е печатена со сребрени букви. Најдрагоцениот бисер на оваа ризница се „елзевирите“, книги кои кон крајот на 16 век ги издала холандска печатница, сопственост на семејството Елзевир. Тие се книги со минијатурен формат, пригодни за читање при патување.

Складиштето со ракописи е најстарото, најпространото и едно од најнедостапните места во „Пашковиот дом“. „Тешко е да се влезе во самото одделение на ракописите, а особено на местото каде тие се чуваат. Четири библиотекари работат на дигитализација на ракописите, а во моментов е во процедура на обработка е фондот на Московската духовна академија“, вели Манжос. „Вкупната површина на подземните простории под „Пашковиот дом“ изнесува 4.000 квадратни метри. Во подземјето, покрај складиштето се наоѓаат и три простории за чуварите каде тие престојуваат, бидејќи температурниот режим и процентот на влага кој што е поволен за ракописите, не е поволен за луѓето.“

Во целата Ленинска библиотека се наоѓаат преку 40 милиони заведени литературни единици, од кои само еден мал дел е дигитализиран, но тој процес се одвива во континуитет, па планирано е до 2015 година да биде завршен. Сите материјали кои постојат во електронски формат се достапни на Интернет. Тоа никако не значи дека библиотеката ќе се запусти и дека книгите ќе собираат само прав по полиците. Електронските книги засега тешко можат да ги заменат чувството и романтиката на печатените изданија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња