Претседателот на Виетнам Труонг Тан Санг и премиерот на Русија Дмитриј Медведев. Извор: РИА „Новости“.
„Ја разгледуваме можноста за забрзување на преговорите поврзани со потпишувањето на спогодбата за слободна трговија. Почетокот на тие преговори ќе ги објавиме веќе во септември 2012 година, за време на самитот за Азиско-Тихоокеанска економска соработка во Владивосток. Сметаме на тоа дека со добра политичка волја на раководствата на нашите земји, како и со белоруските и казахстанските пријатели и партнери, наскоро ќе можеме да го започнеме тој процес и да го приведеме кон крај во вид на договор за влез на Виетнам во царинската унија“, изјави претседателот на Виетнам Труонг Тан Санг за време на посетата на Русија.
Тој истакна дека потпишувањето на овој договор би бил нов импулс за активирање на заемните односи и зголемување на испораката на стока, пренесува РИА „Новости“.
Можноста за создавање зона на слободна трговија помеѓу Царинската унија и Виетнам за првпат во јавноста беше спомената по средбата на двајцата претседатели – Дмитриј Медведев и Нгујен Мин Триет, во октомври 2010 година. Во почетокот на јули шефот на министерството на надворешни работи на Виетнам Фам Бин Мин, истакна дека во мината година заемната размена на стоки изнесувала околу 3 милијарди долари. Се планира до 2015 година трговијата помеѓу двете земји да достигне 5 милијарди.
Русија и Виетнам имаат намера да ги активираат заемните контакти на финансиските и на банкарските структури, како и да ја прошират инвестициската и кредитната соработка.
Министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров од своја страна изјави дека експертите работат на прашањата за создавање зона на слободна трговија на Царинската унија со Виетнам и со Нов Зеланд и оти соодветен извештај ќе биде донесен до крајот на годината. Ако овој проект биде успешно реализиран, може да се размисли за негово проширување и на Асоцијацијата на нации на Југоисточна Азија (АЅЕАN), подвлече Лавров.
Според мислењето на Павел Филипенков, партнер-менаџер на инвестиционата компанија „Трејд-Портал“, „уделот на Виетнам во надворешната трговија на Русија изнесува сè на сè, некои 0,3-0,5%, така што ваквиот чекор може да се третира повеќе како политички потег.“
„Русија се труди да ги зацврсти своите позиции во Азискиот и во Тихоокеанскиот регион, каде постои жариште од потенцијална нестабилност, на пример во Северна и Јужна Кореја, а исто така и во Јапонија, која не се откажува од своите претензии за Курилските острови. Заради тоа дури и така мал „пријател‘‘ како Виетнам би бил од корист, особено ако се имаат предвид историските врски на нашите држави. Ова ги потврдува информациите дека Москва неодамна водела преговори со Виетнам за можноста од разместување на своите воени бродови на негова територија,“ вели тој.
„Трговската размена со Виетнам не е голема, но ова е само прв чекор во ширењето на соработката со Југоисточна Азија и обид за воспоставување руско влијание во тој регион. Соработката на Виетнам би можела да биде корисна и во сферата на воената индустрија и машиноградба“, истакнува Олег Душин, постар аналитичар на инвестициската компанија „Церих Капитал Менаџмент“.
Од друга страна, адвокатот на правната компанија „Налоговик“, Антон Сончиев, се сомнева дека на Русија и се исплаќа влезот на Виетнам во Царинската унија. „Просечната густина на населеност на Русија изнесува 8,4, а во Виетнам 273, 4 жители на километар квадратен. Со создавањето слободна трговија помеѓу земјите на Царинската унија и Виетнам, на густо населената земја ѝ се отвора можност за поедноставно вработување во Русија и во земјите од Царинската унија. Затоа е тешко да се поверува дека Русија од таквиот сојуз може да има каква било, а особено политичка корист. Создавањето зона на слободна трговија со земјите од Азија, не е ништо друго, освен нивна желба да го прошират своето влијание во светот“, заклучува експертот.
Елвира Набиулина, помошник на претседателот на Руската Федерација, во понеделник на 30 јули, изјави дека трговската размена помеѓу Русија и Виетнам, во 2012 година ќе порасне за 1 милијарда и ќе достигне 4 милијарди долари. Таа исто така истакна дека заемните контакти на Русија и Виетнам се засновани на трговија со нафта и гас, пренесува „Интерфакс“. Во Виетнам работат руски компании како Гаспром, Лукоил, ТНК-ВР и Зарубежнефт. Освен тоа, „Росатом“ се подготвува да ја изгради и првата нуклеарна централа во Виетнам.
Царинската унија би можела да се прошири и на други членови. Во јавноста се зборуваше за тоа дека за стапување во оваа организација се заинтересирани и Молдавија и Киргистан. Во мај, дури и официјални сириски медиуми јавуваа за преговори на Сирија поврзани со приклучување во унијата.
Царинската унија на Русија, Белорусија и Казахстан е основана со договорот од 2007 година. Во јули 2010 на територијата на земјите-членови стапи на сила Царинскиот кодекс на оваа унија со кој фактички е создаден заеднички царински простор.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче