Фотографии: Lori, ИТАР-ТАСС, Александра Чарска.
Валаам е најголемиот остров на истомениот архипелаг на Ладошкото езеро. Специфичната геолошка структура и географската положба придонесуваат архипелагот да има посебна микроклима. Причината за тоа е во скалестата подлога и во самото Ладошко езеро – најголемото езеро во Европа.
Како да се
стигне
Денес островот Валаам е задолжителен дел на туристичките крстарења со брод по
Ладошкото езеро. За да се посети островот, треба да се купи билет за крстарење
на линија Москва – Санкт-Петербург или за бродовите кои тргнуваат од Речното
пристаниште во Петербург.
Дводневна посета на Валаам организира поклоничката служба на манастирот со
седиште во Санкт-Петербург. Во стандардната програма се вклучени патување со
автобус до Приозерск, а понатаму со брод до островот, сместување во
поклоничкиот хотел „Мансарда‘‘ со едно ноќевање, ручек во монашката трпезарија,
екскурзија по централниот комплекс на Валаамскиот манастир, посета на
Никољската скита и Игуменските гробишта, целоноќно бдеење во долниот храм на
Спасо-Преображенската црква, заминување од Скитскиот остров, втор ручек и
враќање во Санкт-Петербург.
Валаам е познат пред сѐ благодарение на Спасо-Преображенскиот машки манастир со величевствената црква и камбанаријата висока 72 метри. Околу манастирот и на островите на архипелагот во текот на неколку века основале ќелии, граделе капели и поставувале поклонички крстови. Особено место во историјата на манастирот имаат инженерските конструкции: извори на карпи, пловни канали и системи за сушење.
Во минатото монасите самите си ги обезбедувале сите видови земјоделски производи: овошје, зеленчук и месо. На островот во топлите бавчи растеле лубеници тешки и по осум килограми и дињи од три килограми. Одгледувале и лековити билки, а кај тукашните лекари доаѓале пациенти дури и од престолнината на Руската Империја. Во повеќе наврати манастирот го посетувале руските цареви и членовите на царскиот дом. Од 1842 година, кога започнал да сообраќа парабродот Петербург – Валаам – Сердобољ (Сортавала), започнале и редовните посети на поклониците. Во деновите на верските празници, манастирските гостилишта примале и по 4 илјади гости.
Посетителите на Валаам можат да уживаат во неговите карпести брегови и во боровите шуми. Тука инспирација наоѓале сликарите Иван Шишкин, Архип Куинџи, Николај Рерих и Роквел Кент, а во 19 век питомците на Санкт-Петербуршката ликовна академија тука ги сликале своите дипломски работи. Валаам го посетувале писатели и поети, како на пример Фјодор Тјутчев, Николај Лесков, Александар Дима (таткото), композиторите Петар Чајковски и Александар Глазунов, патописецот Николај Миклухо-Маклај и авторот на таблицата на хемиските елементи Дмитриј Менделеев.
Покрај програмата на стандардна еднодневна екскурзија со посета на централниот манастирски комплекс, како и Воскресенскиот и Гетсиманскиот скит, гостите во договор со мештаните можат да изнајмат чамец за риболов, или по ветровитото време да се повозат со моторен чамец меѓу островите и по каналите. Не е чудно што многу луѓе дошле тука уште пред појавата на христијанството. Затоа на островот има древни кругови, обложени со камен, и руински натписи.
Христијанството братство првпат се споменува во извори од 19 век, каде се зборува за преподобните грчки монаси Сергиј и Герман, кои дошле од Истокот, носејќи ја со себе речта Божја. Нивната улога околу основањето на братството никој не ја доведува во прашање, но затоа, кога станува збор за времето на изградба на првиот манастир, и денес постојат различни мислења: според едни тоа било помеѓу 10 и 11 век, а според други помеѓу 12 и 14 век. Тоа не е ништо невообичаено, зашто оттука минувала границата помеѓу Русија и Шведското кралство, така што оваа територија често била мета на воени дејства и на уништување. Во тие војни исчезнало и житието на преподобните валаамски маченици Сегиј и Герман, но затоа до денес се зачувани нивните мошти во храмот.
За Валаамскиот манастир со сигурност може да се зборува почнувајќи од 1407 година, кога тој се споменува во пишани извори. Тогаш на архипелагот веќе живееле околу 600 монаси. Во тоа време манастирите не биле само упориште на верата и просветителски центри, туку и тврдини на северните граници на тогашното Новгородско кнежество, а подоцна, кога по походот на Иван III оваа територија била припоена кон Русија, и на границите на руската држава. Валаамскиот манастир, сепак, не станал тврдина во вистинска смисла на зборот. На почетокот на 17 век и тој повеќе не се наоѓал на граница, но во 1617 година бил склучен Столбовскиот договор, според кој целиот архипелаг, заедно со манастирот, преминал во рацете на Швеѓаните.
Кога во 1721 година била завршена Северната војна, според Ништатскиот мировен договор Западна Карелија ѝ била вратена на Русија. Трпеливо и упорно монасите почнуваат да го обновуваат стариот манастир, односно да го градат одново. На островот била носена плодна земја за одгледување овошје. Благодарение на островската микроклима и на топлите градини, тука успешно почнува да се одгледува бостан.
Каде да се
сместите
Они што сакаат да поминат некое време на Валаам, можат да се сместат во хотелот
„Зимски‘‘, кој се наоѓа во селцето Валаам недалеку од манастирот, покрај
Знаменската капела. Хотелот е сместен во едно крило од зграда подигната уште во
1900 година, така што во него се чувствува атмосфера на стогодишно здание:
високи сводови и мали соби, кои потсетуваат на монашки ќелии. Двокреветна
ќелија чини 2 илјади рубли (50 евра) и повеќе, во зависност од сместувањето. По
истите цени сместување нуди и хотелот „Игуменски‘‘, кој се наоѓа во централниот
комплекс на Валаамскиот Спасо-Преображенски манастир, во близина на
Манастирскиот залив.
Братството доживува процвет за време на игумнот Дамаскин, настојник на Валаамскиот Спасо-Преображенски манастир. Тој управувал со манастирот 42 години, почнувајќи од 1839, и токму тој го донел на островот петербуршкиот академик, архитектот Алексеј Горностаев. Тој го проектирал и започнал да го гради централниот Спасо-Преображенски храм, кој може да прими 3 илјади верници. Манастирот дури имал и своја мала флотила. Манастирскиот параброд „Свети Никола‘‘ по езерото влечел сплавои и чамци со поклоници. Патем, до 1917 година гостите можеле да се движат по островот само по патеките, и тоа под надзор на некој од монасите.
По Октомвриската револуција западниот дел на Ладошкото езеро со Валаамскиот архипелаг ѝ припаднале на Финска. По Втората светска војна архипелагот и ападните брегови на Ладога му биле вратени на Советскиот Сојуз, но за време на триесетте години, колку се наоѓал во странство, манастирот бил запустен. Во повоениот период на ова место била создадена цивилна населба, а дури во 1989 година била донесена одлука манастирот и некои градби да ѝ бидат вратени на Руската православна црква. На 13 декември истата година, на денот на апостолот Андреј Первозвани, на островот допатувале првите шестмина монаси, а на 13 декември 2005 година од старата камбанарија одекна камбаната „Андреј Первозвани‘‘, тешка над 16 тони.
Со оглед на тоа дека во манастирот живеат монаси, во кругот на манастирот мажите треба да бидат без капа, а жените во здолништа и со марама на главата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче