Дали руската економија е подготвена за нова светска криза?

Извор: Legion Media.

Извор: Legion Media.

Руските експерти размислуваат за тоа дали домашната економија е подготвена за најлошото сценарио во светската економска криза.

Излегување на Грција од еврозоната, најпрво европска, а потоа и светска рецесија, пад на цените на нафтата и металите, девалвација на рубљата, неможност да се исполнат социјалните обврски, колапс на индустријата, невработеност... Ништо слично, според мислењето на повеќето економисти, нема да се случи: нема да има силен потрес, барем не кај нас, или не сега.

„Во најлошиот случај ќе одиме на дното, но нема да бидеме сами. Најлошото сценарио е глобалната депресија“, констатира Михаил Делјагин, директор на Институтот за глобализациски проблеми. А, дното е, според неговото мислење, кога цената на нафтата ќе падне на 50 долари за барел. Тој е еден од тие малубројни експерти кои се подготвени да размислуваат со логиката за моделирање на евентуалната катастрофа. Економистите, за разлика од воените стручњаци, не прават процени тргнувајќи од екстремните ситуации како што се војните. Тие главно оперираат со „добри“ и „лоши“ варијанти на најреалните прогнози. По таа логика, сите експерти, па и Делјагин, сметаат дека веројатноста од глобална депресија е мошне мала, додека реалното сценарио за понатамошен развој на економската криза изгледа релативно подносливо.

„Цената на нафтата ќе се стабилизира на 115 долари, растот на стопанството ќе изнесува 3,9% годишно“, прогнозира Дмитриј Белоусов, водечки аналитичар во Центарот за макроекономска анализа и краткорочни прогнози. „Стопанството ќе биде ’на инфузија’, но тоа не е страшно. Секако, под услов да се постигне договор околу Грција, Шпанија да се извлече без последици (не сметајќи го претрпениот страв), Кина брзо да ги реши своите проблеми, а нашата влада да биде „на готовс‘‘ и да ја стимулира внатрешната потрошувачка.“

На извозот на нафтата и на нафтените деривати оди дури 62% од вкупниот руски извоз, а приходите од продажбата на нафтата и гас полнат 47,3% од буџетот. Извозот е ориентиран пред сѐ на европскиот пазар. „Цената на гасот е поврзана со цената на нафтата на светските берзи“, објаснува Владислав Иноземцев, директор на Центарот за истражување на постиндустриското општество. „Сепак, погрешно е да се мисли дека во случај на пропаѓање на еврозоната и кај нас сè ќе се распадне. Дури и ако бруто домашниот производ во Европа падне за 10%, тоа не е причина цената на нафтата да биде трипати пониска“, смета тој. „Европската унија сега повеќе ќе ја чини распадот на еврозоната, отколку нејзиниот опстанок. Освен тоа, изгледа дека Грција, благодарение на резултатите од изборите, се оттргна од работа на економската пропаст.“

Владислав Иноземцев смета дека е пореално да се очекува регулирање на ситуацијата во еврозоната, а тековната криза ја нарекува „управувачка криза“: „Еврозоната не е баш во таква пат-позиција како што изгледа. Најмногу паника предизвикуваат коментарите на финансиските аналитичари и рејтинг-агенциите кои ја креваат тензијата. Интересно е што проблематичните земји како Грција и Италија се помалку задолжени во однос на бруто општествениот производ од САД. Но тоа никој не го споменува. Вистински проблем е неможноста за ефикасно управување со еврозоната. За тоа сведочи и забавениот процес на одлучување и недостатокот на желба да се преземе ризик, па и самата тенденција да се одвојуваат проблематичните активи. На пример, ЕУ има единствена валута и единствен центар за емисија на валутата, но нема единствена даночна политика, нема нешто што можеш да служи како министерство за финансии. Направена е цела низа грешки во управувањето со ЕУ. Со влегувањето во ЕУ се изедначуваат каматните стапки на позајмувањата: во Италија. Тие кон крајот на 90-те изнесуваа 10%, а на почетокот на 2000-те, само 3%. А, јасно е дека долгот на Италија се зголемуваше. Вината за тоа ја носи ЕУ. Грција и Италија повеќе пати ги надминаа критериумите од Мастрихт, но никогаш не беа казнети. Да беа казнети, можеби сè ќе беше поинаку. Сега возможни се две сценарија. Првото е проблемот да се реши и да се извлече поука, а другото е проблемот да се реши, но да не се извлече никаква поука. Во тој случај не треба да се очекува ништо добро.“

 „Ако се гледа реалното сценарио, тогаш ниту судбината на цената на нафтата не е толку трагична. За земјите кои членуваат во ОПЕК, дното се ближи кога цената на нафтата ќе се спушти на 80 долари за барел. Може да оди и пониско, до 72-75 долари, а под тоа се вклучуваат механизмите за регулација“, охрабрува Дмитриј Белоусов.

„Појдовна точка за прогноза постои: тоа се финансиските проблеми во еврозоната. Реална варијанта е поради тоа Европа да го намали купувањето на енергенси“, истакнува Евгениј Погребњак, директор на одделението за стратешка анализа на Внешекономбанк. „Од друга страна, постои Кина, постојат и други земји кои ги имаат сите услови за развој, и во нив потребата за потрошувачка не се намалува. Цената на нафтата ќе зависи од односот меѓу овие две тенденции. Што се однесува на краткорочниот период, мала е веројатноста дека нејзината цена посериозно ќе се менува во наредните три до шест месеци. Така што нам, судејќи по сè, не ни се заканува катастрофа. Но, тоа не значи дека стратешките цели ја губат својата актуелност. Диверзификацијата на пазарот е неопходна, како и инвестирањето во модернизација на индустријата и во развој на домашниот финансиски систем.“

Овај текст е адаптирана верзија на оригиналната статија од „Руски репортер“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња