Косово ги провлекува младите руски муслимани

Студенти од Државниот универзитет во Махачкала. Извор: Јуриј Козирев.

Студенти од Државниот универзитет во Махачкала. Извор: Јуриј Козирев.

Муслиманите од Русија, пред сѐ од Северен Кавказ, сѐ почесто се определуваат за „евроисламското‘‘ образование кое им го нудат голем број разновидни верски школи од Косово. Руската администрација повеќепати изрази загриженост поради заминувањата на младите руски државјани во странски исламски образовни центри.

„Евроисламот“ е поим на кој сѐ почесто се повикуваат муслиманите од Северен Кавказ, пред сѐ од Дагестан, а кои сакаат да стекнат религиско образование во странство. Оваа сложенка ги изразува нивните аспирации и односот што тие го имаат кон политичката состојба во арапските земји. Имено, арапскиот свет, кој своевремено беше омилен образовен избор на дагестанската младина, е сѐ помалку стабилен. Оние кои по завршувањето на образованието во арапскиот свет се враќаат на Кавказ, мошне често завршуваат на разни „списоци‘‘ или стануваат „дисиденти‘‘ во очите на некои сонародници. Овие појави се толку очигледни што повеќе никој не смее да ги игнорира. Исламската младина од рускиот Кавказ сѐ повеќе му дава предност на образованието во исламските центри надвор од арапскиот свет, а пред сѐ во Европа.

Во таа смисла, сѐ попопуларно станува Косово, чија територија сѐ повеќе и сѐ посилно добива исламски карактер. Засега е невозможно да се определи точниот број студенти од севернокавкаските републики кои се школуваат во духовните центри во Косово и во другите делови на Европа. Центарот за проучување на исламот на Северен Кавказ работи на оваа проблематика и наскоро би требало да се појават првите статистички ориентири.

Голем број млади луѓе кои заминуваат да се школуваат во исламските центри во Европа никогаш повеќе не се враќаат дома. На пример, Дагестанецот Физули по завршувањето на световниот факултет во Дагестан заминал во Албанија, и откако се стекнал со исламско образование, се преселил во Франкфурт на Мајна (Германија), каде успешно го искористил својот потенцијал во тамошната турска заедница. Вели дека не размислува за враќање. Слични примери има многу.

Што се однесува до Косово, на оваа територија може да се добие образование поврзано со најразлични правци на исламот: постојат школи кои ја застапуваат салафијската, суфиската, па дури и шиитската доктрина. На пример, група севернокавкаски студенти кои се школуваат во Исламскиот центар во Подуево се следбеници на традиционалниот ислам и на учењето на локалниот суфиски шеик Мухамед Хоџа. Овој познат косовски проповедник е првиот во постјугословенските простори кој започна дејност насочена кон зголемување на влијанието на шазилскиот и на кадирискиот тарикат (суфиски редови); нивните учења се многу популарни и во североисточен Кавказ.

Во друг косовски град, Призрен, кој поради големиот број џамии меѓу руските муслимани е познат како „град на минарињата‘‘, функционираат неколку образовни установи од салафиски тип, каде исто така има студенти од Северен Кавказ. Салафизмот на овие простори започнал да се зацврстува откако започна сериозниот конфликт на косовските Албанци со српските вооружени сили во деведесеттите години. Треба да се напомни дека по приливот на албанските бегалци од Косово во Албанија, Македонија и во Црна Гора исто така се вкоренија силни салафиски заедници, кои постојат и денес.

Интересот на исламската младина од рускиот Кавказ, особено од Дагестан, за Косово може да се објасни и со определени сличности помеѓу овие два региони. Во Дагестан по вооружениот конфликт од 1999 стана забележителен процесот на формирање на религиозната свест и истакнување на верскиот идентитет на локалното население. На Косово, од друга страна, сличен процес на крупни верски промени исто така се забележува по војната во 1999. Како и Дагестан, и Косово е еден од најсиромашните региони во Европа: повеќе од половината од косовското население живее под границата на сиромаштијата. Без оглед на тоа што крајот е богат со минерални ресурси, основна стопанска гранка, како и во Дагестан, е земјоделството. Освен тоа, и двата региона имаат мошне висока стапка на невработеност.

На Балканот е видливо влијанието на арапскиот свет. Забележливо е и сѐ поголемото присуство на радикални верски учења, особено меѓу младината на оние територии каде е мошне активно делувањето на вахабитското братство. Овие братства имаат влијание врз состојбите во муслиманските општини во Санџак (југозападна Србија), Црна Гора, Босна и Херцеговина, па и во Косово. Тие проповедаат идеја за балканска исламска револуција, која би требало да подготви појдовна точка за продор на исламот длабоко во Европа.

Руската администрација повеќепати изрази загриженост поради заминувањето на младите руски државјани во странските исламски образовни центри. Врховниот јавен обвинител на Русија неодамна укажа на фактот дека во 2011 година само од Дагестан во странските верски центри на школување заминале околу 100 млади луѓе и дека во текот на последнава деценија заминале повеќе од 1500. Ова се само официјални податоци, а вистинската бројка е веројатно далеку поголема. Во законите не постои никаква уредба која би го регулирала овој процес: денес младите луѓе можат да заминат како туристи во која било земја и да останат таму. Од друга страна, во Русија нема можност за образование какво што ѝ е потребно на муслиманската младина, што всушност претставува и повод за заминување на младите од Северен Кавказ.

Оваа статија претставува адаптирана верзија на оригиналниот текст на Информативната агенција „REGNUM“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња