Ужасен удар за европската цивилизација

Московјаните положуваат цвеќе пред амбасадата на Франција.

Московјаните положуваат цвеќе пред амбасадата на Франција.

Сергеј Фадејчев / ТАСС
Русите сочувствуваат со роднините и со блиските на загинатите во терористичките напади во Париз и ја изразуваат својата солидарност со францускиот народ. Руските политичари повикуваат на обединување пред лицето на заедничката закана – меѓународниот тероризам.

Изјави по повод терористичките напади во Париз, во кои загинаа повеќе од 120 лица, дадоа претседателот и премиерот на Русија. „Во Русија решително се осудуваат овие нечовечни убиства и ние сме подготвени да дадеме каква и да е помош во истрагата за овие терористички напади“, изјави портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков. „Оваа трагедија е уште едно сведоштво за варварската сушност на тероризмот кој ја предизвикува човековата цивилизација“, се вели во телеграмата со сочувство што рускиот претседател Владимир Путин ја испрати на лидерот на Франција Франсоа Оланд. Премиерот на Русија Дмитриј Медведев изјави дека ја споделува тагата и болката на францускиот народ и подвлече дека „трагедијата во Париз бара од сите нас да се обединиме во борбата против екстремизмот, да се даде цврст и решителен отпор на терористите“.

Солидарност со Французите споделуваат и граѓаните на Русија. Уште вечерта пред амбасадата на Франција во Москва почнаа да доаѓаат луѓе. Тие носеа цвеќе, палеа свеќи, оставаа записки со поддршка. Утрото пред амбасадата беше создаден импровизиран меморијал.

Во серијата напади во Париз во саботата навечер загинаа повеќе од 120 лица. Според информациите од медиумите, одговорноста за терористичкиот напад го презеде екстремистичката организација „Исламска држава“. Претседателот Франсоа Оланд воведе вонредна состојба во земјата.

Повик за обединување во борбата со тероризмот

Основна нишка во изјавите на руските политичари, во кои се изразува сочувство со Французите, е идејата за неопходност од обединување на силите за борба со терористите. Како што изјави првиот човек на комитетот за меѓународни работи на Советот на федерацијата Константин Косачов, „политичката волја на Русија е“ во предлогот до меѓународната заедница за максимално широка соработка во борбата против тероризмот без поставување претходни услови.

На својот профил на Фејсбук, Косачов ги нарече терористичките напади во Париз „ужасен удар по нашата европска цивилизација“, додавајќи дека „сите мисли и чувства се сега таму, во Париз“.

Колегата на Косачов од Советот на федерацијата, првиот заменик-претседател на комитетот за одбрана и безбедност Франц Клинцевич даде мислење дека разгледувањето на идејата за „создавање широка антитерористичка коалиција“ може да се одржи веќе на 14 ноември во Виена на средбата за решавање на сириската криза. Во австриската престолнина на преговори ќе допатуваат шефовите на дипломатиите на Русија и на САД. Кога станува збор за виенската средба, претставникот на МНР на РФ Марија Захарова изјави дека на нејзината атмосфера и на работниот процес не може да не влијаат настаните во Париз. „Треба да се направи сè за да се покаже дека сме солидарни. Солидарноста е клучниот збор денес“, изјави Захарова.

Првиот човек на Чеченија Рамазан Кадиров ги повика лидерите на муслиманските земји на обединување во борбата против ИДИЛ. „Ова зло треба да се уништи од корен. Инаку ордите терористи како река ќе тргнат по сите земји и градови на Земјата. Ние уште еднаш ги повикуваме лидерите на арапските и на муслиманските земји да ги обединат своите сили против Иблиската држава (мислејќи на ИДИЛ)“, напиша првиот човек на Чеченија на својот профил на Инстаграм.

Безбедноста во Русија

На фонот на случувањата во Париз, политичарите повикуваат на засилување на безбедноста во Русија, особено имајќи ги предвид заканите кон РФ од страна на ИДИЛ. Лидерот на комунистичката парија на РФ Генадиј Зјуганов повика на максимално зголемување на мерките за безбедност во Русија. „Ајде да ја засилиме борбата во сите правци, и тогаш ќе видите дека резултатот ќе биде добар. На фонот на она што се случува, треба максимално да се засилат сите мерки за безбедност“, вели тој за ТАСС.

Членот на комитетот за безбедност при Државната дума Борис Резник исто така изјави дека поради заканите од терористички напади руските власти треба да преземат вонредни мерки. „Како прво треба да бидат мобилизирани сите вооружени структури. Внимателност е потребна и од сите нас, треба да се обучат луѓето како да се однесуваат на јавни места. Не треба да се биде невнимателен во метро, на аеродромите, на местата кои што се посебно опасни“, рече пратеникот во емисија на радиостаницата „Комерсант ФМ“. Предлогот за воведување дополнителни мерки за безбедност во РФ можат да биде разгледан во понеделник, 16 ноември, во Советот на федерацијата, соопшти сенаторот Евгениј Серебреников.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња