Руски вселенски старт-ап проект стартуваше во Финска

Рускиот вселенски старт-ап проект AstroDigital го зазеде второто место на конкурсот за иноватори и инженери Slush. Најголемата манифестација за високотехнолошки компании во Европа се одржа во Хелсинки од 11 до 12 ноември.

Проектот AstroDigital на Екатерина Котенко-Ленголд, дипломка на Сколковскиот институт за наука и техника (Сколтех) го зазеде второто место на натпреварот за старт-ап на конференцијата Slush. Конференција Slush е најголемиот настан во Северна Европа за иноватори и инженери кои сакаат да најдат меѓународни инвеститори.

AstroDigital е платформа за пристап до сателитски податоци и која овозможува едноставно и брзо пребарување, обработка и интеграција на сателитски снимки во веб или мобилни апликации. Оваа технологија, сметаат проектантите, би можеле да ја користат не само професионалните учесници на пазарот, туку и обичните корисници – земјоделци и сопственици на шуми.

„Проектот на Катја изгледа како готов иновативен производ во кој таа споила техничка дисциплина (сателитски снимки на Земјата) со ИТ-технологијата”, објаснува ректорот на Сколковскиот институт за наука и техника Едвард Кроули. „Стратегијата на вселенска насока во Сколтех е да се искористат можностите на земјината орбита за подобрување на животот и здравјето на луѓето и планетата во целина – вклучително и со помош на современите информатички технологии“.

Победник на конкурсот Slush, кој ја освои наградата од 650 илјади евра, е проектот од Австралија CareMonkey. Станува збор за апликација за размена на податоци, препораки и информации за вонредни ситуации со семејството и пријателите.

Од 1700 пријави на конкурсот, експертското жири одра 100. Во полуфиналето влегоа 20 проекти, а во финалето само 4, вклучувајќи ги естонскиот Velmenni.com и германскиот Plugsurfing.com.

Годинава конференцијата Slush ја посетија 15000 луѓе, а учествуваа 1700 компании.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.