Глинка, Борат и Рики Мартин: грешките на организаторите на спортски турнири

Грешењето на националната химна воопшто не е ретка работа на спортските настани.

Грешењето на националната химна воопшто не е ретка работа на спортските настани.

Владимир Вјаткин / РИА Новости
„Руска реч“ ви претставува неколку куриозитети од официјалните церемонии на некои од спортските турнири.

Во рамките на еден ден организаторите на две светски првенства – во класична борба и во ритмичка гимнастика, ја згрешија руската химна. На доделувањето на наградата на борачот Роман Власов во Лас Вегас на 7 септември прозвучи „Патриотската песна“ на Михаил Глинка, која беше химна на Русија од 1990 до 2000 година. Олимпискиот шампион одби да слезе од пиедесталот додека не ја слушне вистинската химна, напишана од композиторот Александар Александров.

Композицијата на Глинка прозвучи двапати и во Штутгарт. Откако двапати беше згрешена мелодијата при наградувањето на гимнастичарката Маргарита Мамун, официјалната химна на Русија се слушна без оркестар од трибините, а овој гест беше проследен со бурен аплауз.

Куриозитети на мраз

Грешките со националната химна на Русија не се невообичаени. Во јануари 2015 година на младинското светско првенство во хокеј за жени во Бафало во чест на победата на Русинките во финалето против Чешка повторно засвири музиката на Глинка. Организаторите не успеаја да ја најдат вистинска химна, но руските девојки достоинствено се снајдоа – ја испеаја химната акапела.

Само еден месец подоцна на светскиот шампионат во брзо лизгање во Херенвен златото на 1.500 метри отиде кај Денис Јусков, кој постави и светски рекорд. Организаторите мораа двапати да го наградат спортистот. Првиот пат – со звуците на „Патриотска песна“, а вториот – со официјалната химна на Русија.

Музиката во живо е забранета

На Олимписките игри во Лондон во 2012 година претставниците на Унгарија им се обратија на организаторите со барање да му се забрани на Симфонискиот оркестар да ја свири нивната химна. Според Унгарците, музичарите допуштале многу грешки и нивната изведба не соодветствувала на бавната и рамномерна мелодија на оригиналот. Олимпискиот комитет ја зеде предвид жалбата на Унгарците и на следните церемонии на наградување на спортистите се слушаше аудиоснимка.

Опасна замена

На Светското првенство во гимнастика во Кина во 2014 година наместо химната на својата земја украинскиот спортист Олег Верњаев слушна непозната мелодија. Подоцна стана јасно дека е тоа, всушност, химната на Узбекистан.

Организаторите на младинскиот шампионат на Европа 2015 во самбо во Србија направија грешка. На Азербејџанецот Камран Аскеров наместо својата родна химна му ја пуштија химната на Ерменија. Спортистот стоички го издржа тестот, а инцидентот не предизвика меѓународен скандал.

Во 2013 година на Светското првенство во гимнастика домаќините од Украина ја наградија својата претставничка Ана Ризатдинова со звуците на руската химна. Украинската спортистка дури и ги отпеа првите неколку стихови.

Борат и Рики Мартин

Најсмешни се случаите со спортистите од Казахстан. Кувајтскиот организатори на Гран-прито во стрелаштво (2012) наместо химната на Казахстан ја пуштија непостојната химна од пародичната комедија „Борат“.

Не помалку непријатна ситуација се случи на регионалните натпревари по скијање во казахстанскиот град Костанај, каде што наместо химната на републиката прозвучи песната на Рики Мартин „Livin 'la vida loca“. Откако ја слушнаа музиката, губернаторот на Костанајската област и останатите учесници на церемонијата ја ставија десната рака на срцето. Песната на Рики Мартин се слушаше 15–20 секунди, пред сите да сфатат дека станува збор за грешка.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.