Русија бара проширување на својата територија на Арктикот

Русија поднесе до Обединетите нации ревидирано барање за проширување на границите на континенталниот гребен на Арктикот за сметка на морскиот гребен Ломоносов и други субјекти кои имаат континентален карактер.

Русија од 2001 година бара дел од континенталниот гребен на Арктикот, помеѓу другото и морските гребени Ломоносов и Менделеев кои се богати со енергенти, но нејзините барања беа одбивани поради недостиг на информации.   

„Делумното ревидирање на барањето на Руската Федерација за воспоставување надворешна граница на континенталниот гребен во Северниот леден океан произлегува од научното сфаќање дека делови од комплексот на Централноарктичките подводни возвишенија, токму на морските гребени Ломоносов и Менделеев  - Алфа, Чукотското возвишение и котлината Подводников и Чукотската котлина кои ги делат имаат континентален карактер според своето формирање“, се вели во барањето кое  Русија го поднесе до комисијата на ОН за границите на континенталниот гребен.  

Според конвенцијата на ОН за поморското право од 1982 година, една поморска држава има право да воспоставува исклучително економска зона со ширина од 200 милји од брегот. Во случај на продолжување на гребенот зад овие граници, земјата може да ја прошири својата граница до 350 милји. Во тие предели државата добива контрола над ресурсите.  

Руското барање предвидува овој дел од океанското дно да влезе во состав на континенталната периферија за која според Точка 6 Член 76 од Конвенцијата  на ОН за поморското право „не  важи далечинската граница од 350 наутички милји од почетната точка“.

Во случај научниците да докажат дека овие морски гребени се продолжеток на континенталниот гребен на Русија, земјата ќе добие приоритетно право на експлоатација на овие ресурси чиј обем, според податоците на Министерството за природа, може да достигне 5 милијарди тони енергенти.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.