Исакиевската соборна црква во Санкт Петербург може да премине во бесплатно и трајно користење на РПЦ. Со ваква молба кон средината на јули на градските власти им се обрати Санктпетербуршката митрополија (според податоците на Интерфакс вакво барање е подготвено и за познатата црква на Вознесението Христово во Санкт Петербург). Првиот човек на синодалниот оддел на РПЦ за односи со јавноста протојереј Всеволод Чаплин смета дека предавањето на епархијата споменикот кој денес е дел од државниот музејски комплекс „Исакиевски собор“, ќе го направи достапен за сите посетители. „Во Русија постојат многу храмови до кои се нема слободен пристап, како што се на пример соборните цркви на московскиот Кремљ, а од друга страна тие сè уште се управувани не од црковна заедница, туку од световни организации, - раскажува за 'Руска реч на македонски' протојереј Чаплин. – Мислам дека ова е чудна ситуација. Сите прашања поврзани со спроведување богослужби, реставрација на храмовите, треба да ги решава пред сѐ црквата“. Иницијативата на Санктпетербуршката митрополија предизвика бран критики од страна на заштитниците на наследството и на граѓаните, кои се плашат дека еден од главните симболи на Санкт Петербург ќе биде затворен за слободна посета на туристите (храмот секоја година го посетуваат повеќе од три милиони луѓе). На сајтот change.org започна собирање потписи против предавање на Исакиевската соборна црква и на црквата на Вознесението Христово во владение на РПЦ (до 30 јули барањето го имаат потпишано речиси 8.000 лица), а пратениците на законодавното собрание ветија дека ќе подготват барање до градската изборна комисија со предлог за спроведување референдум. Впрочем, во РПЦ уверуваат: доколку биде донесена одлука за предавање на Исакиевскиот соборен храм на епархијата, бесплатен пристап до него ќе имаат сите. „Да управуваат со соборот не можат 400, туку 40 луѓе, вклучувајќи и професионални реставратори и конзерватори, - смета протојереј Чаплин. – Тоа имено се случува со Троица-Сергеева лавра, со Храмот на Христос Спасителот, со Валаамскиот манастир. Соборните цркви кои се предадени во владеење на РПЦ, претставуваат пример на голема отвореност и ефикасност, за разлика од државните музеи“.
Координаторот на движењето „Архнадзор“ Константин Михајлов е убеден дека прашањето за предавање на Исакиевскиот собор не може да се разгледува сè дури РПЦ не достави финансиски гаранции за зачувување и реставрација на споменикот на архитектурата. Според податоците на директорот на музејот „Исакиевски собор“ Николај Буров, цената на работите поврзани со реставрацијата на Исакиевскиот собор и на црквата на Вознесението Христово до 2020 година ќе изнесува околу 750 милиони рубли (околу 12.7 милиони американски долари). Притоа музејот денес не зависи од државниот буџет, самостојно заработува за сите потреби. Во РПЦ не кријат дека сметаат на помош од страна на државата. „Со оглед на тоа дека станува збор за предавање на зградата не во сопственост, туку на користење на црквата, финансирањето на сите реставрациски работи ќе се води за сметка на државната каса“, вели протојереј Всеволод Чаплин.
Соборот на преподобниот Иса Далматски е изграден според проектот на францускиот архитект Огист Монферан во 1858 година и претставува објект од Светското наследство на УНЕСКО. Од 1948 година храмот функционира како музеј освен него во истоимениот музејски комплекс влегуваат и црквата на Вознесението Христово, Самсониевскиот и Смолниот собор, кои исто така се наоѓаат во сопственост на градот. Всушност, локалната црковна заедница има можност со дозвола на раководството во нив да врши богослужби за време на празници и во недела.
Оваа пролет властите на Санкт Петербург донесоа решение за предавање во владение на РПЦ на Смолниот собор, чија реставрација се врши за сметка на државата (трошоците за работите се оценуваат на 280 милиони рубли или околу 4.7 милиони американски долари). Музејот и камерниот хор кои беа сместени во овој храм, по неколку години ќе се преселат на нова локација во центарот на Санкт Петербург. Сè уште е отворено прашањето за тоа дали ќе има доволно пари во градската каса за уште два скапи објекта. „Во Грција и во некои други земји спомениците на архитектурата кои се постари од 19 век воопшто не е дозволено да се предаваат на која било заедница, вели почесниот реставратор и главен архитект на проектите на работилницата бр.1 „Моспроект-2“ „М.В. Посохин“ Виктор Коршунов. – Тоа е така зашто поддршка каква што е потребна може да им даде само државата. Во Русија во последниве две години многу се зголемија барањата за техничко опслужување на спомениците, а опслужувањето на вакви крупни објекти како што се Исакиевскиот собор и на црквата на Вознесението Христово, потребни се астрономски суми и, најважно, висококвалификувани кадри. Доколку РПЦ има финансиски, технички и човечки ресурси за одржување на овие споменици, нема никаков проблем. Друга важна работа е дека ваквите одлуки треба да се донесуваат во согласност со мислењето на граѓаните“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче