Руски „Гаспром“ најави дека поради економската и политичката ситуација во Европа во наредните две години ќе ја реструктуира својата актива во другите земји, пишува „Спутник“.
Тоа првенствено се однесува на продажбата на активата во латвискиот„Латвијас газе“, каде што „Гаспром“ има 34 отсто удел, потоа во естонскиот „Ести гас“ во кој има 37 отсто акции, како и продажба на 34 отсто од финскиот „Гасум оy“.
Како причина за ваквата одлука „Гаспром“ ги наведува падот на цената на нафтата, слабеењето на руската рубља, но и прилагодувањето на работењето според третиот енергетски пакет на ЕУ, кој подразбира испорачувачите на гас да не можат да бидат и сопственици на магистралните цевководи.
Покрај тога, „Гаспром“ прогнозира значителен пад на приходите на европскиот пазар на гас. Заменик-директорот на Фондот за национална енергетска безбедност на Русија Алексеј Гривач смета дека „Гаспром“ до 2017 година ќе го распродаде целиот свој имот во странство.
„Правилата на игра на европските пазари се сменија и моментално за странските гасни компании е неповолно да вложуваат во европскиот пазар. „Гаспром“ во претходните 20 години купуваше многу активи во сферата на транспортот на гас, но тие во моментов не носат никаков профит. Во одделни држави, „Гаспром“ е непожелен и поради политички причини“, изјави Гривач, кој смета дека токму поради политиката, „Гаспром“ не ја продава активата во Германија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче