Во Русија ВДВ претставува воена елита, најподготвената и воено најспособната војска. Таа има статус на мобилна резерва на врховниот командант на РФ. Воената команда на ВДВ секогаш ѝ давала особено значење: тие секогаш имале напредно оружје и опрема, на офицерите секогаш им се давала висока плата, а на служба во ВДВ се испраќале најдобрите обврзници. „Елитноста“ на ВДВ се истакнува дури и со самата девиза на овој род: никој освен ние!
Нови задачи
Сега ВДВ претставува основа на неодамна формираните Сили за брзо реагирање. Имајќи ја предвид географската големина на територијата на Русија, ВДВ може оперативно (не повеќе од еден ден) да создаде и да прошири мобилни групи во правците каде постои опасност. Во состав на ВДВ на Русија се формирани повеќе од 10 падобранско-десантни и десантно-јуришни баталјони.
Денес руските десантници имаат големо искуство во воените вежби во условите на Арктикот. Географското пространство на кои оваа единица исполнува воени задачи и вежби се Нова Земја, Кољскиот полуостров, Земјата на Франц Јосиф. Оваа година една група за првпат во историјата на војската се спушти на санта мраз за да ја демонстрира својата воена подготвеност за извршување задачи во суровите услови на Северот.
Техника за „крилатата пешадија“
Паралелно со усовршувањето на воената подготовка во полн ек е повторното вооружување на „крилатата пешадија“. До 2025 година ВДВ ќе добијат повеќе од илјада и петстотини воени возила БМД-4М и повеќе од две и пол илјади оклопници „Ракушка“, со различна модификација, како и самооди „Спрут-СД“. Сета нова техника ВДВ ќе може да ја фрла со падобрани од авиони заедно со екипажот во неа непосредно во тилот на непријателот, да надминува водени препреки, да се истоварат од десантните бродови на терен и веднаш да стапат во борба со противникот. Тестирањата на техниката во ВДВ се одвиваат успешно, се подготвува сериско производство. „Десантните“ новини дури и беа демонстрирани за широката публика на парадата на 9 мај. Ваквите десантни единици се вооружуваат со беспилотни летала кои служат како „очи“ и како „уши“ на десантната војска, вршат разузнавање, патролирање на територијата и насочување кон целта.
Мобилноста и борбената подготвеност на ВДВ како Сили за брзо реагирање директно зависи од состојбата на воено-транспортната авијација, па затоа во периодот од 2018 до 2020 година е планирано суштинско повишување на нејзините можности. Министерството за одбрана ќе купи тешки транспортни авиони Ил-476 кои можат да пренесат војници и техника директно во деловите на борбените активности. Според новите плановите на командата треба да се појави можност за префрлање по воздушна линија на цела дивизија, а не само на полк.
„Планираме и понатаму да го зголемуваме воениот потенцијал и зоните на присуство на нашата војска надвор од границите на нашата држава“, подвлече главниот командант на ВДВ Владимир Шаманов.
Задачата што постепено ја решава сегашното раководство на ВДВ е многу актуелна особено со последните настани во Украина. Земјите на НАТО решија да ги обноват силите за брзо реагирање во Европа, стационирајќи ги максимално блиску до границата со Русија. Во вакви услови дејствијата на руската воена команда за зголемување на таканаречената борбена подготвеност на „мобилната компонента“ претставува логичен чекор. Ништо слично на советската западна група војска Русија нема и тешко дека такво нешто ќе се појави во блиска иднина, па затоа за борба со тероризмот и одбивање на НАТО во правец на Русија, ќе се игра на картата на специјално подготвени мобилни единици кои ќе бидат постојано подготвени да зададат симетричен одговор во случај на активација на заканата за националната безбедност на Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче