Може ли некој да го замени Гаспром во Европа?

Михаил Фомичев / РИА Новости
Рускиот гасен монопол Гаспром не ги менува своите планови за експанзија на европските пазари по изјавите на Европската комисија. Реална алтернатива за рускиот гас за потрошувачите од Европа аналитичарите гледаат во СПГ, но за да започнат со испорака, на производителите им се потребни пет години.

Рускиот гасен монопол Гаспром не ги менува своите планови за експанзија на европските пазари по изјавите на Европската комисија, соопштуваат за „Руска реч на македонски“ од центарот за односи со јавноста на компанијата. Претходно Европската комисија избра четири приоритетни гасоводни проекти на Балканот кои треба да ја намалат зависноста од рускиот гас. Станува збор за испораки на гас по Трансјадранскиот гасовод од Азербејџан и за СПГ од фабрика во Хрватска.

Замена на потрошувачи

Според руските експерти, изјавите на Европската комисија се пред сè политички. Примената на методите на нелојална и на непазарна конкуренција во однос на Гаспром од страна на корпорација која ги лобира своите интереси во Европскиот парламент и во Европската комисија за енергетика се нешто што можеше да се очекува“, вели доцентот на факултетот за економски и социјални науки на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Евгениј Ицаков. Според него, проблемот на проширувањето на гасоводот Северен тек и изградбата на Турски тек во голема мера зависи од политичката и од економската ситуација. „Во моментов на европските компании им е најевтино да купуваат гас од Гаспром, но доколку транзитот преку Украина стане невозможен, тогаш очигледно ќе се прошири Северен тек, а гласовите кои лобираат за Турски тек ќе бидат погласни“, смета Ицаков.

Претходно заменик-претседателот на Европската комисија Марош Шефчович се изјасни против исклучување на Украина од шемата на транзитот на рускиот гас во Европа. Според него „тоа би имало негативни последици врз енергетската безбедност на Европа“. „Доколку за цел се има опустошување на украинската транзитна маршрута, тоа е едноставно неприфатливо за ЕУ, зашто менувањето на гасниот биланс во Европа ќе ги стави во тешка положба земјите од Централна и од Југоисточна Европа“, објасни европскиот чиновник.

 

Според началникот на аналитичкото одделение на „ИК РУСС-ИНВЕСТ“ Дмитриј Беденков, избрзано е да се зборува за конкурентските можности на азербејџанскиот гас во Европа. „Првичната моќност на проектот изнесува 10 милијарди кубни метри годишно со перспектива за зголемување во случај на успешна реализација на 20 милијарди кубни метри“, вели тој. Затоа, поради малата моќност тој не може да се разгледува како конкурент за најголемите увозници. „Во Европа продолжуваат да ја разгледуваат можноста за диверзификација на испораките на енергенси, за што се водат преговори со најразлични држави. Сепак, засега не одат, а нивниот исход е нејасен, затоа би било логично испораките на гас да ја продолжат оние доставувачи кои тоа го прават веќе долги години, а меѓу нив е, секако, Русија“, вели водечкиот експерт на УК „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов.

Понатамошна перспектива

Во целост, според експертите, иднината на руските пораки зависи од пазарната конјунктура. „Доколку економската ситуација во Европа продолжи да се влошува, побарувачката за гас ќе паѓа заедно со цената“, вели Евгениј Ицаков. Според него, во ваква ситуација Гаспром нема да има средства за изградба на дополнителен крак во Европа. „Доколку економската ситуација се подобри, тогаш на европските претпријатија ќе им биде потребен гас, така што дури и на американските корпорации ќе им биде тешко да го блокираат раширувањето на соработката на Гаспром со Европа“, вели тој. Според Ицаков, за да се овозможи испорака на СПГ во Европа, на американските производители на гас ќе им бидат потребни околу пет години.

„Најголем ризик за позицијата на Гаспром носи порастот на уделот на Норвешка во увозните испораки на гас во Европа, а исто така и порастот на испораките на СПГ“, смета Дмитриј Беденков. Според него, важна околност е и намалувањето на уделот на користење на гас во ЕУ, кој падна за 11% во 2014 година во однос на 2013. Впрочем, според Беденков, резултатите за 2014 година велат дека уделот на СПГ во користењето на гас во ЕУ изнесува 8%.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња