Излегува дека 90% од кенгурите се левучари. Резултатот од истражувањето за леворакоста/десноракоста кај торбарите, кое во Австралија го спроведоа научниците од СПбДУ, под покровителство на Друштвото за национална географија и Рускиот научен фонд, беше објавен на 18 јуни во списанието„Current Biology“.
Според Егор Малашичев, доцент на Катедрата за зоологија на ‘рбетниците на Биолошкиот факултет на СПбДУ и раководител на ова истражување, научниците проучувале по четири-пет вида активности кај различни видови торбари што се движат како на две така и на четири нозе.
„Го набљудувавме природното однесување на животните, кое не претставува никаква аномалија или стекната особина. На пример, како го чистат носот или како се чешаат, како берат лисје или како ја принесуваат храната кон устата, како се потпираат на една од предните нозе. Кај торбарите што се движат на четири нозе можевме да забележиме со која шепа собираат материјал за засолништа“, вели Малашичев.
Сè започна од жабите
Истражувањето на леворакоста/десноракоста во Санкт Петербург е започнато пред шест години со истражување на жабите. Научниците забележале дека различни видови жаби користат различни нозе за различни активности.
„Излезе дека асиметријата е речиси незабележлива кога жабата скока (на пример, кај обичните жаби – заб. ред.). Но, кога одат, тие ја подаваат едната нога пред другата, и во 70% од случаите се забележува асиметрија, односно ситуација кога нешто прават само со едната нога. На пример, обичната крастава жаба ја подава десната, а зелената жаба – левата нога“.
На почетокот научниците не планирале да ги проучуваат торбарите зашто претпоставувале дека асиметријата кај нив е незначителна, но проучувањата на мочуришните валабии и на домашните опосуми во заробеништво покажале дека оваа претпоставка е погрешна.
„Кога ќе се исправат на задните нозе, валабиите почесто користат еден од предните екстремитети. Ако стојат на четири нозе, тогаш асиметријата исчезнува“, вели Малашичев за „Руска реч“. Ова послужи како повод за истражување на леворакоста/десноракоста кај двоножните торбари во Австралија.
Резултати од истражувањето
За време на теренските истражувања во Австралија научниците откриле дека поголемиот број кенгури се левучари, како што кај луѓето поголемиот дел се деснораки. Според Егор Малашичев ова е сериозен аргумент што ја потврдува претпоставката дека асиметријата на мозокот кај кенгурот е мошне слична на асиметријата на мозокот кај човекот. Особено изразена леворакост постои кај сивиот и кај црвениот кенгур. Така се воочува врската меѓу леворакоста/десноракоста и движењето на две нозе. Колку повеќе некој вид се движи на две нозе, кај него е поизразен степенот на леворакост/десноракост, само што кај човекот доминира десната, додека кај кенгурот левата страна.
Научниците на СПбДУ исто така докажаа дека мочуришните валабии го користат левиот преден екстремитет за вршење активности за кои е потребна прецизна координација, додека десниот го користат за физички активности.
Уште еден важен резултат од истражувањето е заклучокот дека десноракоста/леворакоста се појавува уште додека кенгурите се младенчиња.
„Утврдивме дека дури и младенчињата асиметрично ги користат предните екстремитети: малиот кенгур ѕирка од мајчината торба и со левата предна шепа бере трева“, објаснува Егор Малашичев. „Ова сведочи за вродена природност на леворакоста/десноракоста. Претходно оваа појава беше забележана само кај човекот“.
Малашичев очекува дека овие откритија ќе ги поттикнат биолозите повнимателно да го проучуваат мозокот на торбарите, кои по својата градба во голема мера се разликуваат од мозокот на плаценталните цицачи.
Научниците на СПбДУ сметаат дека ваквите истражувања во иднина ќе придонесат за подобро разбирање на природата на некои психоневролошки аберации, како што се шизофренијата и аутизмот. Овие аберации се поврзано со асиметријата на мозокот, која, пак, е поврзана со фактот дека човекот повеќе ја користи едната рака од другата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче