Патријархот московски и на цела Русија Кирил во понеделникот, 27 јули, упати писмо до претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко, во кое ја изрази длабоката загриженост на Руската православна црква поради случувањата на истокот на Украина, соопшти прес-службата на рускиот патријарх.
„Потпишувањето на мировната спогодба во Минск ја запре ескалацијата на конфликтот и влеа надеж за целосен прекин на огнот меѓу завојуваните страни. За жал, иако во помала мера, воените акции продолжуваат до ден-денес. Во Украина се пролева крв и гинат луѓе“, рече патријархот Кирил.
Тој истакна дека најмногу се загрозени постарите лица, децата и инвалидите. „Немаат сите сила и можност да ги напуштат родните места. За жал, во вакви страшни услови не опстојуваат сите. Некој гине во престрелки, а некој од глад, недостиг на лекови и елементарни услови за живот“, истакна поглаварот на Руската православна црква.
Според неговото мислење, само со целосно запирање на воените акции, имплементација на Минската спогодба и водење директен дијалог меѓу спротивставените страни можно е да се обезбеди за цивилното население безбеден живот. Паријархот Кирил од името на РПЦ им се обрати на лидерите на Русија и Украина апелирајќи до нив „да ги вложат сите напори за да престане крвопролевањето“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче