Во времето на Руската Империја шверцерите преку граница пренесувале француски парфеми, свила, тантела, порцелан, зачини и чај. Во периодот на СССР на нелегален начин ја снабдувале земјата со дефицитарните женски хулахопки, со странски списанија, со презервативи, фломастери во боја, со плочи, како и со конзервиран ананас. Постоеле различни начини на внесување забранети производи. Заменик-началникот на царинската служба на Северозападната царинска управа Андреј Фјодоров се восхитува на агилноста на шверцерите: Шверцот е занает, и кај него постојат свои професионалци“.
Со љубов од Париз
Во 1831 година на северозападната граница на Русија била фатена шверцувана стока од Париз во износ од 48.281 рубља (добар коњ во тие времиња чинел 200 рубли). Гласовите за заплената на толку скапа партија стока дошле и до императорот Николај Први. Царот решил самиот да ја погледне стоката: под седиштето на кочијашот била завиткана златна ткаенина, а во кожните вреќи каде се чувала маст за подмачкување тркала, имало скапоцености. Ова на самодржецот произвело голем впечаток, па оттогаш тој многу се заинтересирал за увозот на стока и за обезбедувањето на границите. „За цариниците се печателе специјални 'Зборници на трикови и финти што ги употребуваат шверцерите' каде дури имало и цртежи. На пример, цртеж на панталони со џебови за шишиња со спирт“, раскажува за „Руска реч на македонски“ Ана Николаева, заменик-началник на Централниот музеј на царинската служба на Русија.
Куче-шверцер
Во четириесеттите години од деветнаесеттиот век генерал-губернаторот на Новорусија (северен брег на Црното и на Азовското море, во тој момент дел од Руската Империја) Воронцов се кладел со трговецот Топоров дека нема да успее од Одеса да пренесе шверцувана стока во износ од 10 илјади рубли (за споредба – платата на еден работник била 2 рубли дневно). Но, доколку Топоров успее во тоа, губернаторот ветил дека ќе му плати десет пати повеќе. Следното утро трговецот дошол на царинскиот пункт каде го провериле, ги продупчиле ѕидовите од каретата, па дури и ги провериле ушите на коњот. Кога цариниците не нашле ништо, Топоров ја повикал црната пудла, која цело време му се вртела околу нозете. Излегло дека пудлата е улично куче кои е избричено, а кому снаодливиот трговец му намотал ткаенина, меѓу неа скрил брилијанти, а потоа го облекол во овчко крзно.
Нова власт – нов шверц
По Граѓанската војна и прогласувањето на СССР се појавил силен дефицит од наједноставните битови нешта. Во земјата со шверц се носеле копчиња, игли за шиење, ткаенина, преѓа, женски накит, сунѓери и чешели. Тоа се правело на следниов начин: парите се лепеле под рачките од куферите, од нив се плетеле и чанти. Во тикви се пренесувал алкохол. Во потпетиците од чизмите се криеле брилијанти, а во замрзнатата риба се шиеле копчиња или златни монети.
Багажот е лесен
Во декември 1935 година јапонскиот дипломат Коон Кацуми се обидел во два куфера преку граничниот премин Негорелое (поранешна Белоруска ССР) да пренесе, според една верзија, две јапонски шпионки, а според друга – мајка си и својата љубовница. Граничарите претходно биле предупредени за ова, но било категорично забрането да се проверува дипломатскиот багаж. Тогаш било решено по секоја цена да се одолговлечи процесот на царинските формалности. Куферите на аташето грубо ги превртувале, „случајно“ им паѓале, незабележливо ги боделе со шило. На крајот жените не издржале и самите излегле.
Полетал по цигари
Во мај 2014 година близу до населеното место Бољшое Село (1.150 километри западно од Москва) граничарите фатиле шверцери-авиомоделари. 51-годишниот Русин и 31-годишниот Литванец од материјали што ги имале направиле авион. Канистер од пет литри за бензин ја вршел функцијата на резервоар, а тркало од детска количка било шасија. Трупот го направиле од канделабар, крилјата од пластична пена, која ја обвиле со стаклена волна. Беспилотно летало го управувале од земја. Во моментот кога биле уапсени, тие во авионот товарале 50 штеки евтини цигари, со цел да ги испратат во Литванија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче