Светот стапи во епоха на неувереност

Алексеј Иорш
Денес не може да се зборува за летно затишје, но како што наближува месецот август организираниот политички живот замира. Како меѓународната политика заминува на условен одмор до есен?

Главните настани на изминатава сезона се Минскиот процес, подемот на Исламската држава, заострувањето на грчката должничка криза и успешното завршување на преговорите за иранската нуклеарна програма. Кај секоја од овие појави постои своја предисторија и своја логика, но земено во целост тие ја сочинуваат полната слика на глобалната политика. Украина, Грција и Иран се трите лица на современата дипломатија.

Минскиот процес претставува пример на очајнички обид да се прекине масовното крвопролевање во ситуација кога во целост не е јасно ниту кои се учесниците во конфликтите, ниту кои се нивните цели. Заложбата на преговарачите е насочена кон изработка на формулации кои би овозможиле да се биде минимално конкретен, зашто никој врз себе не сака да преземе јасни и точно пропишани обврски.

Судбината на спогодбите има целосен карактер: нема дискусии за тоа кој ги исполнува, туку што означува нивното исполнување. Притоа, како мантра се повторува дека не постои алтернатива на Минските спогодби, а тоа е сосема точно. Прекинувањето на големата војна е веќе некаков напредок, а достигнувањето на цврст мир, се чини, е едноставно невозможно. Се разбира дека ситуацијата е фрагилна и опасна, но таа илустрира една од вистините на современоста – во свет кој се наоѓа во преодна состојба која не е јасна постојат проблеми кои се сосема нерешливи. Максимум тие можат да се минимизираат.

На овој фон иранските преговори претставуваат нешто сосема спротивно. Тие беа долги зашто главните учесници – Техеран и Вашингтон – се стремеа да го пропишат буквално секој чекор. Притоа максимално конкретно за да не може да се појави некакво двојно толкување. Причината е едноставна – целосна недоверба еден кон друг. Немаше место за никаков џентлменски договор, сè мораше да биде ставено под протокол, а механизмите за контрола да бидат претходно предвидени. Само во таков случај постои шанса за исполнување, а сегашниот договор дава надеж за нешто такво. Женевско-виенскиот процес (за разлика од Минскиот) покажа дека доколку страните точно знаат што сакаат и дека ако навистина сакаат да се договорат, тогаш многу работи можат да се постигнат. Се разбира дека политичката волја беше поттикната и од политичката ситуација – Блискиот Исток принудува да се надминат претходните ограничувања и да се бараат нови форми за политичко преживување.

Грција претставува уште една варијанта. Постигнатиот „компромис“ кај сите остави тежок привкус и чувство дека ништо не е решено, но дека постои насилство. Од една страна, одамна е познато дека во Еврозоната треба да се воведе ред, а за тоа, доколку не постои консензус, потребна е лидерска волја. Тоа е некој очигледен – Германија, најмоќната земја во Европската Унија. Од друга страна, пројавувањето волја веднаш ги исплаши сите, а најважно е што се постави прашањето: знае ли лидерот што треба да се прави? Како и да е, кризата на Еврозоната покажа дека постои и трет вид приод кон преговори – диктат на најсилниот, кој некој го прифаќа доброволно и со задоволство, а некој друг со страв и со сомнеж.

Четвртиот главен настан на сезоната што заминува – успесите на Исламската држава – делумно го нивелира погореизложеното, со оглед на тоа дека ја демонстрира стихијата пред кој дипломатијата и политиката се бессилни, без оглед на формите преку кои се пројавуваат. Исламската држава претставува системски слом на моделот, на шемата, според која беше устроен Блискиот Исток во ХХ век.

Светот преживува болни промени одамна. Но, сета се шири неувереноста не само во иднината, туку и во тоа дека веќе познатите начини на решавање на социјалните проблеми воопшто делуваат.

Тревожен симптом на изминатиов период станаа и зачестените разговори за голема војна. Стравот, кој се чинеше дека засекогаш исчезна кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, повторно почна да се појавува. Притоа, како што забележуваат многу специјалисти, никаква реална основа за вакви натпреварувања во вооружувањето, ниту некаков сериозен судир на интереси не постојат. Но, во современиот свет границата помеѓу реалноста и илузијата практично исчезна.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.