Исламските финансии ќе им помогнат на руските компании да го компензираат финансирањето поврзано со политичкото заладување меѓу Русија и Западот, а кои се предизвикани со опаѓањето на интересот од страна на западните банки кон заемобарателите од Русија. Ова во рамките на економскиот форум „Казањсамит“ го изјави Рустам Миниханов, претседателот на Татарстан – руски регион што во поголемиот дел е населен со муслимани. „Муслиманските земји не се приклучија кон обидот за изолација на нашата земја на меѓународната арена, а последните настани во светската економија покажаа дека исламските банки можат да ѝ се спротивстават на светската криза и да го дополнат светскиот финансиски систем“, објасни тој. Притоа, Миниханов истакна дека не може да стане збор за целосна замена на едни кредитори со други, но може да се зборува за вистински инструмент што ќе можат да го користат руските компании. Според последниот извештај на ММФ, обемот на исламските финансии во целиот свет кон крајот на 2015 година ќе достигне 3,4 билиони американски долари.
Алтернативна шема
„На фонот на светските кризи, важноста на исламските финансии само расте, зашто сите операции во ваквата шема се потврдени со реални пари, а инвестициите стануваат безопасни и не носат никаков ризик“, изјави заменик-министерот за економија и комерцијала на Катар, Султан Ал-Хатер. Всушност, според барањата на исламското банкарско работење, во финансиските операции е забрането користењето камата за заем, а добивањето кредит, всушност, претпоставува замена на еден производ за друг.
Како што објасни претседателот на групацијата Исламска банка за развој, Ахмед Мохамед Али Ал Мадани „исламските финансии според својата природа се поврзани со реалната економска дејност, па затоа ваквата шема овозможува оптимално користење на внатрешните ресурси“. „Концептот на разделување на ризикот во исламското банкарско работење стимулира здрави практики на финансиска дејност. Во исламските финансиски трансакциите се поврзани со реалните инвестиции, што овозможува да се избегнат шпекулациите и нестабилноста што е поврзана со тоа“, додаде тој. Според Ахмед Мохамед Али Ал Мадани, оваа шема е привлечна како за муслиманите така и за немуслиманите, односно облигации според законот на шеријатот емитуваат и немуслимански земји, меѓу кои и Велика Британија, а вкупниот обем на вакви облигации во целиот свет достигнува 120 милијарди американски долари. „Татарстан како хаб може да привлече исламски финансии во Русија“, смета Ал Мадани.
Први примери
Во моментов, според Рустем Миниханов, за исламските финансии интерес изразуваат руските банки, меѓу кои и најголемата банка во земјата, Сбербанк, а еден од приврзаниците на развојот на исламското банкарско работење во Русија е и првиот човек на оваа кредитна институција, поранешниот министер за економски развој Герман Греф. „Засега постојат проблеми со даноците, со недостаток од квалификувани кадри и многу друго, но со поддршка на нашите колеги во руската влада ќе успееме да му дадеме извесна динамика на овој процес“, изјави првиот човек на Татарстан. Всушност, според него, најголемата банка во Татарстан, „АК Барк“, веќе има привлечено финансии според нормите на шеријатот. Во јануари 2015 година, пак, локалната осигурителна компанија „Аљјанс“ почна да го продава осигурителниот производ „Халал Инвест“.
Притоа, како што објасни за „Руска реч“ Рустем Миниханов, развојот на исламското банкарско работење во Русија треба да се развива, пред сè, на федерално ниво, така што не станува збор за создавање уникатни финансиски зони во Татарстан. „Денес Казањ е место што треба да го смени односот на Русите и на регионите кон исламските финансии и тука ние ја гледаме својата задача“, изјави Миниханов. Всушност, на 15 јуни во Москва веќе беше одржана средбата на претседателот на Централната банка на Русија, Ељвира Набиулина, со Ахмед Мохамед Али Ал Мадани.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче