Нов начин за производство на наноцелулоза

Алексек Папулов / Пермскиот универзитет
Научниците од Пермскиот универзитет разработија нов начин за добивање наноцелулоза – материјал кој со својата цврстина го надминува челикот и може да се користи во различни гранки на производството – од супереластични екрани до панцири.

Пермските научници успеаја да ја намалат цената на производство на наноцелулоза за 3.5 пати. За ова тие употребуваат вирус на мувлата Aspergillus niger, која овозможува ефикасно да се уништат лигнинот и хемицелулозата – примеси кои го намалуваат квалитетот на материјалот. Во проектот учествуваа Лабораторијата за клеточна и микробна биотехнологија на Пермскиот универзитет во соработка со Институтот за екологија и генетика на микроорганизмите на Уралскиот оддел на Руската академија на науките.

„Во Русија наноцелулозата не се произведува поради високата цена за нејзино добивање, - вели за 'Руска реч на македонски' Александар Максимов, шеф на секторот за биокатализа и биозинтеза при Лабораторијата за клеточна и микробна биотехнологија. – Ние имавме за цел да произведеме материјал од новото поколение преку комбинација на физички, хемиски, механички и биотехнолошки стадиуми. Како резултат на тоа беше разработен нов начин за добивање наноцелулоза, кој е многу поевтин одошто останатите светски аналози, за сметка на користењето на евтина суровина и на методите за преработка“. Според Максимов, веста за новата технологија веќе предизвикала голем интерес кај многу руски производители.

Како еден од основните извори за суровина, научниците сметаат на остатоците од комбинатите за производство на целулоза и хартија, кои ги има во големи количества и кои претставуваат сериозна опасност за природната средина. Само на територијата на Пермскиот крај, според соработничката на лабораторијата Ељвира Позјумко, има повеќе од осум милиони тони неутрализирани остатоци. Но, засега не е јасно колку употребата на остатоците од комбинатите за производство на целулоза и на хартија е економски исплатлива.

Наноцелулозата е уникатен материјал. Нејзината цврстина ја надминува онаа на нерѓосувачкиот, а уникатните својства овозможуваат таа да се користи во исклучително голем број сфери. На пример, компаниите што се заинтересирани за новиот начин за нејзино добивање, би сакале да ја применуваат наноцелулозата произведена со пермската разработка за правење суперлесни и суперцврсти материјали.

Според научниците, на ваков начин може да се добијат, на пример, нови особено цврсти видови хартија, делови за производи, конструкции и машини. Наноцелулозата, исто така, може да се користи за производство на материјали кои би се користеле за затворање на технички дефекти и пукнатини, а исто така може да се додава во различни градежни материјали. Освен тоа, од овој материјал може да се произведат супереластични екрани, панцири и други оклопни производи. Во медицината наноцелулозата може да се користи како сорбент и како материјал за преврски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.