Една година по паѓањето на Боингот

Сефа Карачан / Anadolu Agency/Getty Images
Пред точно една година, на 17 јули 2014 година, кај Донецк падна Боингот-777 на авиокомпанијата Malaysia Airlines кој леташе од Амстердам во Куала Лумпур. Загинаа 298 лица. Меѓународната истрага сè уште не е завршена, а во Советот за безбедност на ОН е внесена резолуција за создавање меѓународен трибунал во врска со овој случај.

На 15 јули Истражниот комитет на Русија соопшти дека малезискиот Боинг, според податоците што тие ги поседуваат, бил соборен над Донбас со ракета „воздух-воздух“ која не е од руско производство. „Што се однесува до приоритетната верзија, ние поседуваме податоци кои се засновуваат врз резултати од експертиза, за тоа дека авионот е соборен со ракета 'воздух-воздух'“. Згора на тоа, експертите претпоставуваат дека е познат типот на ракетата и дека таа не е од руско производство“, изјави во средата за Интерфакс официјалниот претставник на Истражниот комитет на Русија Владимир Маркин.

Оваа приоритетна верзија исто така ја потврдуваат и изјавите на Евгениј Агапов, главниот сведок на Истражниот комитет на Русија во врска со падот на Боингот, забележа Маркин.

Евгениј Агапов бил на воена служба во воените сили на Украина како механичар на авијатичкото вооружување на првата ескадрила на 299 бригада на тактичката авијација. Во декември 2014 година тој, по барање на Истражниот комитет на Русија, доброволно допатува во Русија и почна да соработува со органите на истрагата. На испрашувањето (видеото од испрашувањето е достапно за сите) Агапов изјави дека на 17 јули 2014 година, на денот на несреќата, по ручекот во воздух се кренале три Су-25 на воените сили на Украина. Два авиона биле соборени, еден се вратил, но на него повеќе ги немало ракетите „воздух-воздух“ Р-60. Според Агапов, кога капетанот излегол од кабината рекол „тоа не е тој авион“, а потоа им рекол на своите соборци дека „авионот бил на погрешно место, во погрешно време“. На прашањето на истражните органи за техничките карактеристики за уривање на таква цел како Боинг, очевидецот одговорил дека Р-60 е подготвен да урне цел „на многу големо растојание“.

Што протече од извештајот

Друга верзија за настаните од истиот ден, 15 јули, повикувајќи се на свои извори во холандската комисија за истрага на уривањето на Боингот ја пренесе американската телевизија Си-Ен-Ен. Во нацрт-извештајот на комисијата постојат прелиминарни заклучоци на експерти за тоа дека авионот бил соборен со ракета од земја и од територијата што се наоѓа под контрола на бунтовниците, соопштуваат извори за телевизијата. Раководството на Донецката народна република веднаш ја демантираа оваа изјава „Ние не го контролиравме овој реон. Таму не беше јасно кој е на местото. За да се зборува за тоа дека некоја од страните контролирала едно или друго населено место, беше возможно дури три месеци по трагедијата“, изјави на 15 јули за Интерфакс спикерот на ДНР Андреј Пургин.

Освен тоа, во холандскиот нацрт-извештај, според телевизијата, се вели дека експертите успеале да го утврдат точниот вид на ракетата, траекторијата на летот, и до минута да ја востанови хронологијата на настаните. Делумна вина за она што се случи комисијата префрла и на Malaysia Airlines; компанијата и покрај практиката на останатите превозници, продолжуваа да ги испраќаат своите авиони над зоната на воени дејствија. Се очекува дека финалната верзија на извештајот ќе биде обелоденета во првата половина на октомври 2015 година. Експерти и официјални лица не сакаа да даваат какви и да се коментари за телевизискиот канал Си-Ен-Ен. Засега и Кремљ не ги коментира информациите што ги објави оваа телевизија.

Чија е ракетата?

Во Киев исто така се придржуваат до верзијата дека Боингот бил урнат од страна на бунтовниците од земја. Сепак концернот „Алмаз-Антеј“, чии производи, според мислењето на официјалните европски лица, се поврзани со несреќата (концернот влезе во списокот на санкции на ЕУ), тврдат дека Боингот можел да биде урнат исклучиво со зенитна ракета 9М38М1 од комплексот „Бук-М1“, која Русија ја тргна од производство уште во 1999 година. Извештајот со сопствена истрага (концернот ја моделираше несреќата) „Алмаз-Антеј“ го претстави во јуни годинава. Во него се вели дека ваквите комплекси и ракети постојат во вооружувањето на Украина, а ракетата била истрелана од место кое било под контрола на украинската војска. Специјалистите на концернот тврдат дека доколку ракетата била истрелана од населеното место Снежное (експертите сметаат дека токму од ова место бунтовниците стрелале на Боингот), тогаш сликата од падот на авионот би изгледала поинаку.

„Предвремена“ резолуција

Во исто време, на 14 јули Малезија во Советот за Безбедност на ОН предложи проект-резолуција за создавање меѓународен трибунал за истрага на несреќата во Донбас. Претходно со ваква инцијатива излезе и Холандија. Во проект-резолуцијата се забележува дека формирањето на трибуналот ќе биде „ефикасна гаранција за независен и непристрасен процес за обезбедување одговорност“ за авионесреќата, информира ТАСС, а самата авионска несреќа се квалификува како „закана за меѓународниот мир и безбедност“. Во Русија, пак, создавањето меѓународен трибунал се смета како „предверемена“ и „контрапродуктивна“ иницијатива. Ова вчера во телефонски разговор со премиерот на Холамдија Марк Рите го изјави Владимир Путин, изјавуваат од прес-центарот на Кремљ.

Претходно категорички за идејата за трибунал се изјасни и постојаниот претставник на РФ во ОН Виталиј Чуркин. Во интервју за телевизискиот канал „Росија 24“ тој изјави дека трибуналот „ќе доведе до определено триење, кое е апсолутно бесполезно“. Освен тоа, забележа тој, Русија се залага и ќе се залага за тесна меѓународна соработка, „која ние, всушност, не ја гледаме“: руските експерти беа отстранети од истрагата за уривањето на Боингот, изјави Чуркин. Кога станува збор за нацрт-резолуцијата што е предложена во Советот за безбедност на ОН, според него, станува збор за „вистинско правно несоодветство“, со оглед на тоа дека „на почетокот треба да се почекаат резултатите од истрагата, да се види големината на проблемот, а потоа се договара за односите, за тоа какви судски механизми треба да се користат и да се прифатат“. Виталиј Чуркин смета дека нацрт-резолуцијата нема да помине во Советот за безбедност на ОН, и забележува дека на тоа се противи Пекинг.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.